Ако секогаш сте сакале да именувате некоја ѕвезда или планета, но не сте знаеле како, сега ви се нуди единствена пролика за предложите име за една егзопланета и една ѕвезда и така засекогаш да оставите свој траг во вселената. Имено, по повод 100-годишнината од Меѓународната астрономска унија, на глобално ниво се организира натпревар наречен IAU100 NameExoWorlds. Како што наведуваат од Унијата, секоја земја ќе може да предложи имиња за егзопланети и ѕвезди.
Унијата е меѓународно тело одговорно за доделување официјални имиња и ознаки на небесните тела, а ова е втор пат во историјата да се организира натпревар за именување ѕвезди и планети. Повеќе од 70 земји се пријавија за организација на национални кампањи во кои јавноста ќе може да гласа. Целта на оваа иницијатива е да се создаде свест за нашето место во вселената и да се поттикне размислувањето за тоа како Земјата може да оформи цивилизација на некоја друга планета.
Откако од Унијата избраа голем број добро проучени, потврдени егзопланети и нивните ѕвезди, на секоја земја и е доделен систем од ѕвезди и планети. За жал, Македонија не го пријавила своето учество на натпреварот, па ние нема да можеме да учествуваме во овој историски настан. Од нашите соседи, во именувањето ѕвезди и планети ќе учествуваат Албанија, Грција, Србија, Бугарија и Хрватска.
Според правилата на натпреварот, предложените имиња треба да бидат имиња на предмети, луѓе или места кои имаат долгогодишно културно, историско или географско значење и се вредни нивното име да го носи некое небесно тело. Организацискиот одбор потоа од предложените имиња ќе избере пет кои ќе се најдат на јавно гласање.