Продажбата на 5G телефони многу поголема од очекувањата

- Advertisement -

На пазарот за мобилни телефони полека почнува транзиција кон 5G мрежите, кои во споредба со 4G ќе имаат помало доцнење и многу поголема брзина на пренос на податоци. И во Македонија се тестира 5G мрежа, а кога ќе стане комерцијално достапна, ќе ни требаат и телефони кои поддржуваат 5G.

Samsung минатата година претстави неколку такви модели на пазарите ширум светот. Така, на корисниците сега им се достапни Galaxy S10 5G, Galaxy Note 10 Plus 5G, Galaxy A90 5G и се разбира, телефонот на преклоп Galaxy Fold 5G. Првите модели беа претставени во мај минатата година, а од јужнокорејската компанија во септември објавија дека дотогаш испорачале 2 милиони мобилни уреди со поддршка за мобилните мрежи од најновата генерација. Тие тогаш предвидуваа дека до крајот на 2019 година ќе испораќаат околу 4 милиони уреди со поддршка за 5G, но реалната побарувачка ги изненади и најголемите оптимисти во компанијата.

- Advertisement -

Имено, од Samsung објавија дека во 2019 година испорачале вкупно 6,7 милиони телефони, што е 2,7 милиони повеќе од предвидувањата. Се разбира, тоа е и најава за годинава, кога може да се очекува уште поголема продажба. Samsung е водечка компанија на глобалниот пазар за мобилни телефони, а доминираат и на пазарот за 5G телефони и до ноември минатата година зазеле 54% од пазарот за 5G телефони.

Во однос на вкупната продажба на телефони овие бројки имаат мал удел – на пример, само во третиот квартал од минатата година Samsung испорачал околу 80 милиони смартфони, но бидејќи станува збор за пазар кој допрва ќе се развива, јасно е дека продажбата на телефоните со поддршка за 5G ќе расте со молскавична брзина. Така, од Goldman Sachs предвидуваат дека бројот на испорачани 5G телефони годинава ќе изнесува околу 200 милиони, а главниот пазар ќе биде Кина.

Сподели!
- Advertisement -