Велика Британија нарача 10.000 респиратори од конзорциум од компании во кој членуваат Ford, Airbus и Rolls-Royce, во рамките на борбата против последиците од корона вирусот. Ширум светот земјите се обидуваат да го зголемат бројот на апарати за механичка поддршка на дишењето во своите здравствени служби.
Респираторите се битни за пациентите со проблеми со белите дробови кои се во критична состојба од последиците од корона вирусот. Како што наведуваат извори од автомобилската индустрија за Reuters, нарачката веќе е направена.
Британската влада упати итeн повик до индустријата со цел да се спасат што повеќе животи. Вкупно 27 компании работат на случајот, меѓу кои се Airbus, BAE Systems, Ford и Rolls-Royce. Тие сите заедно имаат за цел да ги зголемат капацитетите на компанијата за респиратори Smiths Group, која ги поддржува луѓето со компликации од КОВИД 19.
Досега од корона вирусот во Обединетото Кралство починаа околу 3.000 луѓе. Властите велат дека земјата ќе биде добро ако успее да ја одржи таа бројка на помалку од 20.000.
Во конзорциумот членуваат некои од најиновативните компании во светот и ги имаат потребните вештини и алатки за да спасуваат животи, велат од Обединетото Кралство. Земјата имала 5.000 респиратори, процениле дека им се потребни вкупно 30.000 за да го пребродат врвот на заразата.
Фото – piqsels.com