Европската агенција за безбедност при летање (EASA) му даде дозвола за летање на електричниот авион на словенечки Pipistrel. Оваа дозвола важи за летање во целиот свет и се смета за огромен чекор напред кон летови со авиони кои работат на батерии.
EASA објави дека ја коплетирала сертификацијата за Pipistrel Velis Electro, авион со две седишта кој може да лета максимум 80 минути, а го направи компанија со седиште во Словенија.
Авионот Pipistrel има електричен мотор со две батерии и може да превезува до 600 кг. Времето на полнење варира од 40 до 70 минути, па затоа е одличен за функцијата за која е наменет – авион за часови по летање.
„Ова е првиот чекор кон комерцијална употреба на електричните авиони, а тоа е потребно за да создадеме една авијација која нема емисија на стакленички гасови. Ова е потврда за нашиот оптимизам и за оптимизмот на другите дизајнери на авиони дека може да се направи комбинација од електричен мотор и авион“ изјави извршниот директор на Pipistrel Aircraft, Иво Боскарол.
Од EASA велат дека Pipistrel ќе биде првиот од многу електрични авиони кои ќе добијат сертификат од агенцијата додека авиоиндустријата развива нови технологии со цел да се намали бучавата и емисијата на стакленички гасови, како и да се подобри одржливоста на авијацијата.
(Euractiv)
(фото: Pipistrel Aircraft)