Rimac Automobili ја открија следната фаза од развојот на електричниот супер спортски автомобил C_Two, односно нова производна линија. Во неодамна отворениот производен погон на компанијата Rimac во Велико Трговишче во Хрватска линијата ќе го забрза производството на прототиповите С-Two потребни за конечна валидација и тестирање за хомологација ширум светот.
Составувањето на секој C_Two автомобил ќе трае отприлика пет недели, а со тоа времето на производство се скратува на половина во споредба со принципот на статично производство надвор од производната линија, кој го користат други производители на суперспортски автомобили. Новиот процес со полн капацитет ќе овозможи изградба на четири финални возила месечно. Сепак, во Rimac производството започнува значително порано пред самото склопување на готовите компоненти на линијата, бидејќи голем број од компонентите и системите се произведуваат во фабриката во Света Недела и Велико Трговишче, а потоа се испорачуваат до линијата за монтажа на возила.
Новата производна линија е поделена во пет главни зони, а почнува со припојување на сите носачи и прицврсни точки на карбонската конструкција на возилата, т.н. монокок шасија. Двајца техничари на секоја следна станица потоа продолжуваат со склопувањето на автомобилот дел по дел.
Досега Rimac произведе четири прототипови C_Two, а до крајот на тестирањето и хомологацијата потребни се уште тринаесет, после што следуваат уште десет автомобили од предсеријата, од кои најголем дел ќе се произведат годинава. Целосната постапка на хомологација без никакви пречки од првите концепти, преку протоиповите до автомобили готови за на пат трае три години. Со воведувањето нови производни линии Rimac Automobili првите автомобили ќе им ги испорача на купувачите во 2021 година, за разлика од оригиналниот план пред пандемијата, со кој се предвидувала испорака во 2020 година. Финалниот дизајн и името на автомобилите ќе бидат откриени годинава.
(Poslovni Dnevnik)
(фото: Wikimedia)