Американската вселенска агенција НАСА избра 18 астронаути кои ќе патуваат на Месечината во рамките на програмата Artemis. Меѓу астронаутите има и такви кои веќе патувале на Меѓународната вселенска станица, како и нови астронаути кои никогаш не биле дел од вселенска мисија.
Во оваа група се и мажот и жената кои ќе ја имаат честа да се прошетаат по површината на Месечината во 2024 година. Групата е составена од деветмина мажи и девет жени, а нивните имиња ги соопшти американскиот потпретседател, Мајк Пенс.
Стефани Вилсон, која патуваше во вселената трипати со вселенски шатл, Кристина Кох, која го држи рекордот за најдолг континуиран престој во вселената и Виктор Гловер, кој неодамна отпатува до Меѓународната вселенска станица со капсулата Crew Dragon на SpaceX, се меѓу астронаутите кои во наредните години ќе патуваат до Месечината.
НАСА планира да испрати еден астронаут и една стронаутка на јужниот пол од Месечината во 2024 година, а тоа ќе биде првото слетување на екипаж после мисијата Apollo 17 во 1972 година.
Астронаутите кои се избрани за програмата Artemis се: Џозеп Акаба, Кејла Барон, Раја Чари, Метју Доминик, Виктор Гловер, Ворен Хобург, Џони Ким, Кристина Кох, Кјел Линдгрен, Никол А. Ман, Ана Меклеин, Џесика Меир, Џасмин Могбели, Кејт Рубинс, Скот Тингл, Френк Рубио, Џесика Воткинс и Стефани Вилсон.
(Klix.ba)
(фото: Pixabay)