Марија Арсоска, професор по германски јазик и книжевност, Теодора Страшевска студентка на стоматологија и Дејан Велјанов, економист, сериозно работат на својот план: Скопје да добие продавница каде што може да се купат продукти без амбалажа! Животниот стил на Беа Џонсон и нејзината тегла во која го собира отпадот цела година, биле инспирација за овие млади луѓе своите желби и еколошки навики да ги претворат во своја филозофија на живеење, но и во бизнис концепт. Од каде потекнува нивниот концепт Skopje goes zero waste, со кој победија на натпреварот во организација на Здружението за социјални иновации „АРНО“?
Арсоска за Иновативност открива дека тимот деновиве интензивно работи на отворање на првата zero waste продавница во Скопје во која во прво време ќе можат да се купат еколошки продукти за хигиена и за домот, но и уникатни иновации направени од наши уметници.
Разговараше – Сања Наумовска
Марија, Skopje goes zero waste е еден од победниците на првата генерација на програмата RISE за социјални претприемачи во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“. Кажи ни нешто повеќе за целиот концепт и како се најде во оваа конкуренција?
Повикот за програмата RISE Journey го видов на социјалните мрежи на организацијата АРНО. Јас со мојот тим, Теа и Дејан, сме особено горди и благодарни што имавме можност да учествуваме во ваков регионален проект кој нуди целосна менторска и експертска поддршка за реализација на социјални бизнис идеи. Тоа е најголемата вредност на програмата. Не е класичен повик за доделување на грант за реализација на идеи, туку се поддржуваат зелени социјални бизниси од регионот со менторска, експертска и финансиска поддршка во процесот. На наша огромна среќа, менторка ни беше Андријана Папиќ Манчева, жена која живее по овие еколошки принципи и ни беше неверојатна инспирација. Во текот на програмата имавме редовни тренинзи со Ирина и Ивона од АРНО, кои беа совршени во пренесување на богатото знаење кое го имаат. Исто така имавме пристат до експерти во различни области со кои заедно работевме на усовршување на социјалниот бизнис модел. Сите тимови кои учествуваа имаа извонредни идеи. Меѓу нас се чувствуваше само дух на инспирација и поддршка, во ниеден момент на конкуренција. Во тој дух, ние веќе планираме да вклучиме дел од нивните прототипи во нашата продавница.
Од каде дојде идејата за продавница без отпад и како се поклопува со вашите животни стилови?
Можам да кажам дека долго време ме засегаат прашањата поврзани со влијанието на човекот врз Земјата, со безрезервното трошење на земјините ресурси и загадувањето. Долго време сметав дека рециклирањето е решението на сите наши проблеми, сè додека не започна периодот на карантин поради корона вирусот. Тогаш почнав да забележувам колкаво количество на отпад произведуваме дома. Ме заинтересира и содржината на отпадот која ја правиме и почнав да се прашувам- зошто при секое купување на шампон за коса, на пример, мора да ја купиме и пластиката? Помислив на идејата дека би било совршено да имаме место во кое ќе можеме да ги користиме старите пакувања и да го купиме само продуктот. Така започна моето истражување. Наидов на многу zero waste продавници, но и на “мајката” на zero waste движењето – Беа Џонсон. Бев импресионирана. Така се роди мојата пасија за нула отпад и мојата најголема желба, во Скопје да постои место каде што луѓето ќе можат да се едуцираат, да пазарат свесно, да се запознаат со овие вредности и да го намалат количеството на отпад кое го продуцираат секојдневно.
Кои од сите zero waste навики веќе ти лично ги практикуваш?
Јас лично најпрво почнав со користење платнени торби за пазарење и мрежички за овошје и зеленчук. Исто така започнав со носење на тегла со мене, секогаш кога знаев дека ќе земам кафе за носење. Имам метални цевки за пиење, користам хартија за печење која е реупотреблива, обвивки од пчелин восок за покривање на храна, дрвена четка за заби, метален чистач за јазик и уште неколку други алтернативи. Не можам да кажам дека сум комплетно нула отпад во моментов, но тоа е цел кон која се стремам. Се намачив додека да ги најдам сите овие продукти. Затоа можноста, тука во Скопје да имаме ваква продавница е дополнителна мотивација за мене.
Мислите ли дека кај нас има можности едно семејство лесно да премине кон живот без отпад?
Самиот концепт на нула отпад звучи многу недостижно за луѓето и првата нивна реакција е одбивна. Но, мислам дека секој на свој начин ќе почне да си ја менува перцепцијата и ќе почне да се грижи за животната средина. Убедена сум дека Скопјани ќе го препознаат потенцијалот на овој начин на живот и ќе го вреднуваат. Сите ние дома имаме алтернативи кои можеме веднаш да почнеме да ги користиме. На пример, сите имаме торби за пазарење со кои може да престанеме да користиме пластични кеси. Исто така, сите дома имаме тегли кои може да ги користиме кога пазариме на мерење.
Дали потешко ќе биде да се едуцираат членовите на домаќинството како да живеат без отпад или ќе им биде потешко да дојдат до намирниците во соодветна форма за да не продуцираат големи количини отпад?
Менувањето на навиките е тешко, но не и недостижно. Доколку знаеме зошто ваквиот тип на пазарење ни е значајно, тогаш и самото менување на навики нема да биде тешко. Со тоа што на граѓаните ќе им биде достапно место каде што продуктите за хигиена и за домот ќе им бидат на располагање, а во исто време ќе бидат и едуцирани за тоа што значи да купуваат без пакување. Важно е дека ќе ги имаат информации кои им се потребни за да донесат вистинска одлука. Јас избирам да се грижам за животната средина. Мојот печат е можеби само една капка во океанот, но сум и силно уверена дека доколку на луѓето им е достапна соодветна алтернатива, тие ќе ја вреднуваат. Многу е важно секој да почне од себе, со минимaлен ангажман. Мојата цел ќе биде кревање на свесност за тоа што претставува нула отпад како движење. Да се живее со отпад кој го собира во една тегла е можеби највисока цел, која не е секому достапна. Но, секој треба да почне од себе. Малите промени се тие што ќе направат најголема промена.
На граѓаните им се потребни информации за поентата и вредностите на нула отпад движењето. Сигурна сум дека на поголемиот дел од нив нема да им бидат непознати затоа што сепак ова се вредности според кои живееле нашите предци. Ние ќе бидеме тука да им ги овозможиме сите тие информации и да ги поттикнеме да прават мали промени секој ден, според овие принципи:
Refuse – да ги одбијат сите оние бесплатни мали подароци или промотивни материјали кои не им се потребни,
Reduce – да го исфрлат од употреба или донираат сето она што не им е потребно,
Reuse – да реискористат сè што можат во домот,
Repair – да поправат сè што е расипано или искинато, а е во функција, доколку не е во функција, да се пренамени за друга намена
Recycle – да го рециклираат тоа што ќе остане,
Rot – да компостираат биоразградлив отпад.
Што е следниот чекор во развојот на вашиот еколошки бизнис?
Веќе сме во преговори со локални производители и индивидуалци кои ги идентификувавме и веќе подготвуваме соработка. Исто така ги разгледуваме можностите за соработка и со општините, Град Скопје и други институции. Од следната недела започнуваме со следната фаза од проектот, тоа е фазата на инкубација, каде веќе ќе правиме детални планови, прототип и проекции за реализација на идејата. Се надеваме на реализација во најскор можен рок.
Што планирате да се продава во вашата продавница?
Нула отпад како концепт е една голема филозофија која има холистички опсег. Тука, не е важно само дали продуктите кои се продаваат се спакувани во пластика или не. Пристапот е поопширен. Самите вредности на нула отпад се во насока да бидат еколошки за поединецот и за околината. Особено е важно да идентификуваме точно кои продукти сакаме да ги ставиме на располагање на луѓето. Продукти кои ќе бидат произведени од локални производители или индивидуалци кои ги разбираат овие вредности, продукти кои имаат чисти и здрави состојки за купувачите, продукти кои ќе бидат транспортирани на најеколошки начин и продукти кои навистина им се потребни на луѓето. Нема да се продаваат продукти без кои луѓето не можат да живеат. Напротив. Ќе стимулираме свесно пазарување, па кога веќе истиот продукт ќе се купи во продавница со пластична амбалажа, да биде достапен да се купи на мерење во продавницата. Најпрво ќе се фокусираме на продукти за хигиена и домот, а потоа и на храна и прехранбени продукти.
Што е со артиклите кои не се произведуваат во Македонија, како тие да им станат достапни на граѓаните кои сакаат да живеат по принципот zero waste?
Приоритет ќе имаат локалните произведувачи за да помогнеме да се зајакне локалната економија. Искрено се надеваме дека ќе наидеме на отвореност во однос на соработката со домашните компании. Во моментов работиме на прототип наменет за кујна, и тоа дрвен држач за сапун и дрвена четка за миење садови. Прототипот го прави извонреден локален уметник со дрво од Охрид – Горан Миланоски. Значи, доколку за одреден продукт не можеме да најдеме алтернатива кај нас, ќе пробаме да ја направиме со индивидуалци кои имаат можност да произведуваат.