„Слоу Фуд гостилници 2021“ – водич низ автентичната македонска гастрономија

- Advertisement -

Слоу Фуд Македонија го издаде и промовираше првото издание на „Слоу Фуд гостилници 2021“ чија цел е да се промовира и поттикне развојот на македонската гастрономија на повисоко ниво, но и да се охрабрат избраните гостилници, посебно денес, кога работат во отежнати услови.

-„Слоу Фуд гостилниците“ ја пресликуваат традицијата и ги применуваат принципите на современата кујна, го почитуваат старото што го сервираат во новото, правејќи вкусна симбиоза од минатото и иднината. Водичот го претставува гурманското богатство на 17 интересни гостилници во нашата земја, што ја промовираат регионалната кујна, локалните вкусови и нашиот гастрономски идентитет. Предложените места, ресторани, гостилници, деликатесни продавници за вино… ја потврдуваат тезата дека кај нас во Македонија поради сонцето, гостопримството, амбиентот и, пред сè, вкусната храна, навистина добро се јаде, наведува Слоу Фуд Македонија.

- Advertisement -

Знак за препознавање на „Слоу Фуд гостилниците“ е црвеното полжавче кое се наоѓа на вратите на локалите. Тоа потврдува дека потеклото на храната е локално, висококвалитетно и произведено од малите фармери и занаетчии.

-Полжавчето ќе ви биде патоказ кон местата каде што добро се јаде и добро се пие, дека токму таму има мени-претставник на локалната кујна што обезбедува одличен квалитет и фер цени во менито, истакнуваат од Слоу Фуд Македонија.

- Advertisement -

Водичот е испечатен во 500 копии кои ќе се дистрибуираат до владини институции, медиуми, туристички оператори, странски организации и амбасади, сите што во иднина би дале поддршка на развојот на производството и продажбата на висококвалитетна и автентична занаетчиски произведена храна, а особено на угостителскиот сектор кој треба да ја финализира и раскаже приказната за македонската гастрономија.

Водичот е подготвен со поддршка на регионалниот проект „Поддршка на економската диверзификацијата на руралните области во Југоисточна Европа (СЕДРА)“ финансиран од Федералното министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusam menarbeit (GIZ) и Regional Rural Development Standing Working Group in SEE (SWG RRD).

- Advertisement -

Визијата на Слоу Фуд Македонија, како што стои во соопштението, е да се даде насока и рамка за развојот на модерната гастрономија креирана на основа на квалитетните производи и гастрономските традиции, која го рефлектира македонскиот идентитет и ќе ги нагласи карактеристиките на секој регион.

Сподели!
- Advertisement -