Согласно Владината одлука за измена на начинот на достава на решенијата за изолација на лица позитивни на КОВИД-19 и на нивни контакти, владата денеска информираше дека од денеска е во функција платформата на која секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение за изолација ќе има пристап единствено до своето решение без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација.
Пристапот е можен преку банер на веб-страницата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (http://dszi.gov.mk/) кој ве носи до порталот Вакцинација.мк или директно на https://vakcinacija.mk/mk/landing.
Постапката е едноставна. Граѓаните кои до сега немаат креирано профил, ќе треба да се регистираат на Порталот со креирање профил преку кој се овозможува генерирање на решението за изолација кое е дигитално потпишано од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Сите лица кои до сега имаат свој профил на vakcinacija.mk, ќе може да го генерираат решението на ист начин како и сертификатите за КОВИД-19 вакцинација или за прележан КОВИД-19.
-Потсетуваме дека секое лице кое се тестира за КОВИД-19 потребно е веднаш по спроведеното тестирање да биде во самоизолација, сè до добивање на резултат од истото. Доколку резултатот е позитивен, останува во изолација уште седум, односно најмалку десет денови во зависност од тоа дали развил симптоми на болеста, велат од владата.
(Denar.mk)
(фото: Vakcinacija.mk)