Ефтимов: Со Универзитот Индијана воведовме последипломски студии за стратешко менаџирање на човечки ресурси!

- Advertisement -

Интервју со професор д-р Љупчо Ефтимов, продекан за настава на Економскиот факултет во Скопје и раководител на последипломскиот студиум.

Разговараше – Верица Јорданова

Неодамна Економскиот факултет-Скопје при УКИМ стартуваше соработка со Kelley School of Business од Индијана Унверзитетот во САД што резултирање со воспоставување на нова програма на последипломски студии. Може ли подетално да ни кажете за значењето на Kelley School of Business и второ за новатa студиска програма која ја нудите за македонските стиденти? Како всушност дојде до соработката со Индијана Универзитетот и идејата да се направи ваква програма? Кој ја поддржа истата за да стане реалност?

- Advertisement -

На наше огромно задоволство, Економскиот факултет-Скопје минатата година воспостави академска соработка со Kelley School of Business од Индијана Универзитетот во САД. Оваа соработка е финансиски поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија и е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот во Индијана. Соработката е насочена кон зајакнување на капацитетите на Економскиот факултет – Скопје, а првиот чекор е воспоставување на нова студиска програма на 2 циклус студии MBA in Strategic HRM.

Од септември 2020 година, тимови на професори од Kelley School of Business и од Економскиот факултет-Скопје започнаа заедничка и интензивна соработка со цел развивање на нов МБА постдипломски студиум со современи, би рекол state of the art наставни програми од областа на Стратегискиот менаџмент на човечки ресурси.

- Advertisement -

При развојот на секој предмет одделно, професор-експерт од Kelley School of Business работеше заедно со професор од истата научна област од Економскиот факултет-Скопје со цел заеднички да креираат предмет кој ќе ги задоволи потребите на идните магистранти кои сакаат да се развиваат и да градат професионална кариера во областа на менаџментот на човечки ресурси, како и на линиските менаџери и другите професионалци со определено работно искуство кои сакаат да ги унапредат своите лидерски и стратегиски компетенции.

Освен што се работеше на развој на современи курикулуми, во текот на измината година нашите професори учествуваа и на бројни обуки организирани од страна на нашите колеги од Kelley School of Business од Универзитетот во Индијана за цел усвојување и имплементација на, за нас прилично нови методи во наставата, кои гарантираат едно ново и сосема поинакво искуство кај самите слушатели. Навистина за нас беше привилегија да се има можност да се чуе и црпи нивното долгогодишно искуство. Чисто како информација, онлајн МБА програмата на Kelley School of Business, веќе неколку години по ред е рангирана како број 1 програма од овој тип во САД, а самиот Универзитет во Индијана е еден од најдобрите бизнис универзитети во светот рангиран на високото 8 место според Шангајската листа на универзитети во делот на бизнис администрација.

- Advertisement -

Кажете ни подетално за самата програма која студентите ќе ја изучуваат овде? На кој јазик, кои ќе бидат предавачи, методологијата по која ќе се работи и други специфики?

Наставата која се одвива онлајн ја изведуваат прилично искусни и релативно млади професори на англиски јазик. Секој од нив експерт во својата научна област, кој барем еден дел од својот академски развој го има поминато на некој странски универзитет во Европа и САД преку програмите за академска мобилност. Литературата, материјалите и испитите се целосно на англиски јазик.

Наставниот процес е целосно насочен кон креирање на едно ново и поинакво искуство кај слушателите и битно се разликува од оние класични предавања на кои поголемиот број на студенти беа навикнати. Наставата вклучува однапред подготвени снимени видео материјали од страна на професорите, многу интерактивни сесии преку принципот на превртена училница или flipped classroom, студии на случај-некои специјално развиени за потребите на оваа програма во соработка со наши успешни компании, решавање конкретни проблеми од практиката презентирани од реномирани гости предавачи, односно целосно приспособена student centered настава. Најголемиот фокус е ставен на градењето вештини кои ќе бидат корисни за слушателите во нивната работа, истовремено збогатувајќи ги нивните теоретски перспективи.

Предавања се организираат онлајн, два или три дена неделно, со почеток од 17 часот за да одговараат на потребите на вработените магистранти.

Со оваа програма Економскиот факултет најмногу ги таргетира потенцијалните менаџери во домашни ии странски компании. Истражувањата покажуват дека на компаниите најмногу им недостига среден менаџерски кадар. Може ли поконкретно околу ова?

Студиската програма MBA in Strategic HRM е внимателно структурирана со цел да ги задоволи потребите на пазарот на трудот за вистински професионалци и менаџери кои градат кариера во HR професијата и сакаат да ги развијат своите знаења и да стекнат специфични вештини во областа на управувањето со луѓето. Добредојдени на оваа студиска програма се:

  • менаџери, лидери или професионалци вработени во одделите за човечки ресурси во приватните компании и корпорации;
    • директори, раководители или службеници одговорни за менаџментот на човечки ресурси во државни институции
    • вработени во агенции за посредување при вработување, центри за обука и кариера, консултантски куќи;
    • дипломирани студенти кои почнале или сакаат да започнат да градат кариера во оваа професија.

Повеќе информации за програмата може да се најдат на следниот линк  https://eccf.ukim.edu.mk/en/studies/second-cycle-studies/mba-in-strategic-human-resource-management/

По упешното завршување на оваа програма, студентите се стекнуваат со диплома Магистер по бизнис администрација – МБА од областа на стратегискиот менаџмент на човечки ресурси која ја издава Економски факултет-Скопје при УКИМ, а воедно се стекнуваат и со сертификат за успешно завршени испити од страна Kelley School of Business од Универзитетот во Индијана.

Кога се следните уписи? Што би им препорачале на заинтересираните зошто да ја одберат токму оваа последипломска програма?  

После успешната акредитација, во октомври 2021 година, MBA in Strategic HRM ги отвори своите врати за првата генерација на постдипломци. Морам да признаам дека искуството стекнато од ваквиот начин на настава во првиот семестар, и на професорите, и на магистрантите е на исклучително високо ниво што ни претставува уште еден мотив плус да продолжиме во оваа насока.

Во моментот е во тек вториот уписен рок со кој е овозможено електронско пријавување на кандидати до 18.02.2022 година.

Со цел подетално информирање на сите заинтересирани Економски факултет-Скопје традиционално организира Отворен Инфо Ден на кој кандидатите ќе можат да се запознаат со можностите за студирање и спецификите на секој студиум на факултетот и да се обратат до раководителите и самите професори на студиумите за конкретни информации поврзани со студиските програми.

Заинтересираните студенти можат и директно да се обратат на раководителот на студиската програма MBA in SHRM, проф. Љупчо Ефтимов на следниот мејл eftimov@eccf.ukim.edu.mk или на секретарот на студиумот, проф. Мијалче Санта на mijalche.santa@eccf.ukim.edu.mk

Сподели!
- Advertisement -