Регулаторот за приватност на податоците во Ирска го казни Инстаграм со рекордни 405 милиони евра по истрагата за тоа како постапувал со податоците на децата, изјави портпаролот на регулаторот.
Истрагата, која беше отворена во 2020 година, се фокусираше на деца на возраст меѓу 13 и 17 години кои можеа да одржуваат деловни профили на Инстаграм, што овозможи објавување на телефонот и/или меил адресата на корисникот.
„Ја донесовме конечната одлука минатиот петок и таа вклучува казна од 405 милиони евра“, рече портпаролот на ирскиот регулатор за заштита на податоци.
Деталите за одлуката ќе бидат објавени следната недела. Од компанијата Мета засега нема одговори.
Овој орган ги регулира Фејсбук, Епл, Гугл и другите технолошки гиганти бидејќи нивното европско седиште е во Ирска. Тие отворија десетина истраги за компаниите на Мета, вклучително и Фејсбук и Ватсап.
Ватсап минатата година беше казнет со рекордни 225 милиони евра поради непочитување на европските правила за податоци во 2018 година.