Mладите сакаат повисоки плати, флексибилно работно време, поддршка за сопствен бизнис и европски квалитет на живот! Во спротивно се пакуваат!

- Advertisement -

„Ако јас се прашувам, целосно ги разбирам и сметам дека се во право младите. Ги охрабрувам да бидат постојано гласни и да се изборат за ова што го бараат. Тоа се истите барања што ги имале претходните генерации но немало како да го остварат“ – вели во интервју за Иновативност комуникологот Бојан Кордалов. Во рамки на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во изминатата година се спроведе проектот „Што сакаат младите? Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, кој е финансиран од страна на Европската Унија, а субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и три партнерски организации од регионот.

Анализата која произлезе од овој Проект, а во која беа вклучени над 30 младински организации, стопанските комори, повеќе од 50 активни млади, како и дел општествените чинители, покажа 14 приоритетни активности кои тие сметаат дека е неопходно институциите да ги спроведат. Во текот на оваа недела, Анализата се најде на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции (НСЕИ), каде едногласно беше усвоена со препорака овие заклучоци да бидат испратени во Владата со цел нивно разгледување и постапување.

- Advertisement -

Разговараше – Верица Јорданова

Што всушност сакаат младите? Кои се нивните барања за да останат во својата држава и да го спречиме или забавиме деценискиот масовен процес на иселување?

- Advertisement -

Кордалов: Ако треба да ги сублимирам наодите од Анализата, би истакнал дека младите бараат добро платени работни места со флексибилно работно време и работа на далечина, развој на вештини, закон кој ќе им овозможи самовработување, финансиска помош за доквалификација и поддршка за фриленсерството. Истовремено, тие јасно кажуваат дека за да сликата биде комплетна бараат квалитет на живот како во западноевропските земји и САД, вклучувајќи тука квалитет на воздух, модерно образование, борба со корупцијата на сите нивоа како и нивно целосно вклучување во процесите на одлучување.

Наодите, како и излезот, односно предлозите ги сумиравме во 14 точки кои се достапни тука (https://iduep.org.mk/2023/02/22/analiza-na-iduep-so-preporaki-shto-sakaat-mladite-profesiite-na-idninata-baraat-znaena-i-veshtini-denes/)

- Advertisement -

Со цел да ја дадеме нашата поддршка и конкретна акција, ја изработивме оваа Анализа на чие пишувањето директно работеше тим од 5 луѓе , меѓутоа претходеше годишен консултативен процес во кој беа вклучени над 30 младински организации, стопанските комори, над 50 активни млади луѓе, како и други општествени чинители во земјава. И би сакал да го повторам она што го истакнав за време на седницата на НСЕИ, а тоа е дека ние не сме најпаметните, напротив сметаме дека ова треба да биде основа за различни мислења и дополнувања, но првенствено за брза и конкретна акција за менување на општеството!

Она што е многу важно да се истакне е дека во голема мера барањата на младите се во согласност и со очекувањата на бизнис секторот, а заеднички се сложуваат дека токму државата или институциите се тие кои треба да овозможат современа правна рамка, но и да даваат директна финансиска поддршка која ќе ги стимулира младите да се надоградуваат постојано.

Дали овие препораки се навремени или сега е веќе доцна за да промениме нешто?

Кордалов: Секогаш може да се менуваат работите на подобро. И подобро е да се почне денес со акција од надлежните, тоа да биде брзо и ефикасно, отколку за 5 или 10 години да ја водиме истава дебата, да изработиме некоја слична анализа и повторно само да констатираме дека работите не ни чинат и дека треба да работиме на нивно менување.

Сметам дека во овој контекст секоја личност која стапнува на одредена позиција во општеството е неопходно да престане да ја третира функцијата како да е наследена од родителите и како да е лична привилегија, туку да ја користи како можност за да ги менува работите во општеството. Бидејќи, очигледно дека од партизација на државата во овие 30 години, приватизација и користење за лична моќ на речиси секоја функција сме стигнати до тука.

И да, работите не може и нема да се сменат сами од себе, потребно е да ги менуваме заеднички, да се обединуваме сите кои разбираме дека начинот на управување мора да се менува, да биде во склад со европските стандарди и пракси. Бидејќи каде се селат младите? Во земјите од ЕУ и НАТО.

Значи, нема поочигледна порака дека се очекува од нашите власти да воведат стандарди како што постојат во овие земји и секако да го забрзаме процесот на евроатлантски интеграции. Бидејќи едноставно е: или ќе ја донесеме Америка, Германија или Франција кај нас или, пак, младите ќе продолжат со уште позасилено темпо да се иселуваат во овие земји.

Кој е излезот од ваквата ситуација? Што покажа Анализата која ИДУЕП ја спроведе? Всушност, дали воопшто постои излез?

Кордалов: Сметам дека за почеток наместо само да зборуваме кој е повеќе виновен што се доведовме во ваква состојба, треба отворено да разговараме и брзо да излеземе со конкретни предлози како отсега да ја промениме ваквата катастрофална состојба. Бидејќи ако постојано се враќаме назад и се трудиме да лоцираме одговорност, само ќе продолжиме да живееме во магичниот круг на обвинувања и оправдување за да не преземеме конкретни чекори да ги менуваме работите.

И токму затоа, еден од моите лични, но и главни приоритети на функционирањето на ИДУЕП е да поттикнуваме акција кај општествените чинители, да детектираме и градиме соработки со политичари и политичарки, но и други општествени чинители кои знаат потребите на граѓаните да ги издигнат над партиските или личните интереси. Кои имаат политички или идеолошки разлики, имаат различно мислење по одредени теми, но се подготвени тоа да го стават настрана кога се зборува за важни проблеми како што е иселувањето на младите, дигитализацијата, квалитетното образование и слично. Кои се подготвени заедно да разговараат, да изработат, но и заеднички да потпишат документ со конкретни предлози и акции како ќе се променат работите на подобро. Кои знаат и сакаат да вклучуваат што поголем број на организации и индивидуи во својата работа со цел да слушаат стручно, но и различно мислење. Кои знаат да засукаат ракави и да работат рамо до рамо со сите во тимот… Бидејќи без различни мислења, без конструктивна критика и без давање на конкретни и применливи предлог акции не може да се креира општество кое движи напред.

И тоа ги прави овие луѓе вистински лидери и лидерки во општеството, а верувајте тоа граѓаните јасно го препознаваат. Бидејќи одамна не е вест дека власта и опозицијата не се сложиле по одредено прашање, а тоа ниту носи политички поени повеќе.

Напротив, младите, но и сите луѓе, ги храбри кога ќе видат како политичарите работат заедно на важни теми и покрај разликите кои нагласувам дека во демократско општество е неопходно и важно да ги има!

И да, излезот е во конкретна акција, обединување на сите напори, црпење на меѓународните искуства и излегување на терен, а не седење по удобни канцеларии во земјава и креирање на салонски стратегии или нивно едноставно препишување.

Кога зборувате за професиите на иднината, во Анализата се предлагаат и мерки кои се однесуваат на поддршка на ИТ кадарот преку 0 проценти данок, дигитализацијата итн. Ајде конкретно да се вратиме на препораките, што друго сметаат младите дека треба да се преземе?

Кордалов: Таканарешените дигитални професии или оние кои се базирани на ИТ се професии на иднината, но би рекол дека веќе одамна се и професии на сегашноста. Погледнете ги податоците од Државниот завод за статистика и таму јасно ќе видите дека на врвот на најдобро платените професии се оние од ИТ и сродните дигитални области. И тоа со просечна плата која денес веќе надминува 82 илјади денари!

Значи, само за пример. Ако само до пред некоја година на врвот на најплатени беа професиите поврзани со банкарството, осигурувањето итн, сега веќе приматот е преселен кај дигиталниот и ИТ сектор.

Дозволете ми да дадам само три конкретни примера. Првиот, хакерските напади со кои како земја секојдневно се соочуваме и кој јасно ни покажува какви кадри ни недостасуваат. Вториот пример, единствениот сектор каде се прават напори да се зголемат платите со цел да се предизвика интерес за вработување и останување на работа е токму ИТ секторот. И ова веќе директно се применува во дел од банкарскиот сектор, каде вработените во ИТ одделите земаат евидентно повисоки плати од нивните линиски колеги во другите оддели. И трето, до пред само 15 или 20 години на општествените факултети се запишуваа во просек по илјада студенти, а на техничките околу тристотини. Денес ситуацијата е целосно променета, а рекордните бројки на упис на бруцоши секоја година ги рушат факултетите за компјутерски науки и дигитални вештини.

Можам да редам уште многу примери, но сметам дека е доволно за да разбереме дека навистина треба да имаме применлива стратегија како општество и да ги насочуваме младите луѓе кон стекнување на вештини и знаења денес кои ќе ги насочат кон професиите на иднината.

Но, истовремено би сакал да потенцирам и дека не треба да забораваме дека има многу професии на иднината кои често ги забораваме или не ги ставаме на приоритетната листа каде што им е реално местото. На пример, занаетите и занаетчиските професии. Електричари, водоинсталатери, тапетари…

Ова се едни од најдефицитарните, но и едни од најбрзорастечките во плати професии. Дали знаете колку во западните земји чини една ваква услуга, но и колку време некогаш се чека за да може истата да се добие? Ако на ова ја додадеме културолошката дискриминација која сеуште владее кај дел од нашето општество во однос на професиите како што се уметноста, убавината и модата, инфлуенсерството, мислам дека има многу на што да се работи.

Потребно е сите овие професии јасно да ги ставиме во контекст на професии на иднината и конечно да ја тргнеме стигмата дека постојат повеќе важни и неважни професии.

Напротив, секоја млада личност треба да се чувствува и да биде реално слободна да ја избере својата професија што ќе и овозможи целосно да се реализира, да се надоградува, да ужива во тоа што го работи, па макар тоа било и спој од повеќе професии или сосема некоја нова, досега нестандардна професија. Светот се менува брзо, неопходно е да престанеме да се обидуваме да го застанеме тој процес, туку да работиме напорно со цел да извлечеме максимум за нашите млади, односно со тоа и за цело општество.

Фото – Pixabay

За крај, сметате ли дека некако може да се спречи иселувањето на младите? Особено што ова е предизвик и тренд со кој се соочуваат државите од регионот, но и други поголеми и поразвиени држави?

Кордалов: Веруваме, а нашето искуство во досегашната работа како ИДУЕП, вклучително и во рамки на овој Проект тоа го потврди, дека јавното говорење и јавните настани даваат несомнен придонес за подобрување на состојбата во која младите живеат, учат, студираат, работат и дејствуваат.

Неопходно е да работиме на оваа тема и да создадеме македонски успешен модел за решавање на овој предизвик. А, тоа повторно води преку вклучување на целокупната јавност во дискусијата и подигање на јавната свест за придонесот и потребата за целосно вклучување на младите луѓе како активни општествени чинители и носители на постојани позитивни промени во процесите на управување. Наместо да се натпреваруваме кому попрво да му ја ограничиме можноста да зборува, да мотивираме што пошироки и поинклузивни дебати. Има многу луѓе, буквално секој човек во рамки на својата експертиза и искуство има што да каже и предложи. Да слушаме и применуваме, а не да дискриминираме, исмеваме или омаловажуваме за искажан став.

Јас сум од оние кои сметаат дека треба да се обидеме младите да ги мотивираме да не сакаат да се иселуваат по секоја цена, нешто кое е денес случај и статистиката на многу истражувања тоа го покажува. Токму тоа е поразот на општеството денес, пораз кој е на секој од нас.

Затоа, ние ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ како Институт да ги менуваме овие состојби. Првенствено преку дијалог, јавно зборување и обид да имаме колку што е можно повеќе сојузници во оваа битка. Општествени чинители кои нема да е важно дали и од која политичка опција се, туку што имаат да понудат, дали сакаат и можат да сработат конкретна промена на овој план во своите институции и организации. И секако, дали можат да се стават над партиските и моменталните општествени стеги, односно да го стават интересот на младите и државата напред.

Веќе имаме повеќе такви примери на национално и локално ниво со кои соработуваме или започнуваме соработки и јас искрено се надевам дека нивниот број и конкретни постигнувања само ќе се зголемува.

Доста е од гола политика, нема интерес за тоа, а бројките на излезеност на секои избори веќе јасно го покажува тоа. Да не говорам за речиси непостоечкиот интерес кај младите луѓе да гласаат или да бидат општествено активни…

Ајде да ги мотивираме младите луѓе да продолжат да бидат мобилни, да го освојуваат целиот свет, како и да ги искористат сите неограничени можности кои им ги нуди глобализацијата. Но, истовремено да направиме сѐ за да сакаат да се вратат дома, во својата земја и да бидат креатори на македонското општество!

Сподели!
- Advertisement -