Крај на даночниот рај: Швајцарија ја зголеми деловната стапка на 15 отсто

- Advertisement -

Швајцарските гласачи го одобрија воведувањето на глобален минимален данок за компаниите и закон за климата што има за цел да ја намали употребата на фосилни горива и да постигне нула емисии до 2050-та година, објави јавниот радиодифузен сервис „SRF“, цитиран од „Reuters“.

Резултатите покажаа дека речиси 80 отсто од оние што гласаа на националниот референдум на 18 јуни го поддржаа зголемувањето на деловниот данок на земјата на глобалната минимална стапка од 15 отсто од сегашниот просечен минимум од 11 отсто, што е невообичаено силен рејтинг на одобрување.

- Advertisement -

„Ова гарантира дека Швајцарија нема да изгуби никакви даночни приходи за странските земји. Ова ќе создаде и правна сигурност и стабилна рамка“, рече министерката за финансии Карин Келер-Зутер.

Во 2021-ва година, Швајцарија им се придружи на речиси 140 земји кои потпишаа договор на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за утврдување минимална даночна стапка за големите компании, потег кој има за цел да ја спречи практиката на префрлање на профитот во земји со низок данок.

- Advertisement -

Дури и со зголемувањето, Швајцарија ќе продолжи да има една од најниските корпоративни даночни стапки во светот, а предлогот, кој се проценува на 2,5 милијарди швајцарски франци (2,80 милијарди долари) годишно во дополнителни приходи, беше поддржан од бизнис групи, повеќето политички партии и јавноста.

Швајцарија е дом на канцелариите и седиштата на околу 2.000 странски компании, вклучувајќи го и „Google“, како и 200 швајцарски мултинационални компании, како што е „Nestle“.

- Advertisement -

Иако сите ќе бидат погодени, деловните групи ја поздравија поголемата сигурност што ќе ја донесе новиот данок, дури и ако Швајцарија изгуби дел од својот шарм со ниски даноци.

„Ниту една друга земја нема да има пониски даноци. Ние сакаме дополнителните даночни приходи да останат во земјата и да се користат за подобрување на нејзината привлечност за бизнисот“, рече Кристијан Фреј од лоби групата „Economiesuisse“, цитиран од „Reuters“.

Законот за климата исто така беше одобрен и доби поддршка од 59% од оние кои гласаа.

Во 2021-ва година, тој беше отфрлен како прескап, што предизвика уште поголема дебата, а кампањите против него добиваа на интензитет во последните недели.

Поддржувачите велат дека законот е минимумот што богатата земја треба да го направи за да ја покаже својата посветеност во борбата против климатските промени, додека противниците од десничарската Народна партија велат дека тој ќе ја загрози енергетската безбедност.

На референдумот во неделата, гласачите, исто така, одобрија продолжување на некои одредби од законот за итни случаи поради Ковид-19, што го бара швајцарскиот систем на директна демократија, каде што законодавството се става на јавно гласање.

(Denar.mk)

(фото: Flickr)

Сподели!
- Advertisement -