Холандскиот орган за заштита на податоци (AP) одлучи да го казни Убер со 825 милиони евра врз основа на европските правила за заштита на податоци за деактивирање на сметките на возачите преку автоматизирани системи без нивно правилно информирање.
Таа казна би била втората најголема досега изречена според Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) на Европа, веднаш зад 1,2 милијарди евра изречени од Ирска на Мета во 2023 година за нелегално пренесување на податоци на европски корисници на Фејсбук во Соединетите Држави. Мета поднесе жалба против таа казна, а Убер ќе го следи нејзиниот пример, пишува Ројтерс.
„Остро се спротивставуваме на оваа одлука и на непропорционалната казна“, рече портпаролот на компанијата, додавајќи дека Убер ги сфаќа сериозно правата на возачите и дека неговите тековни политики вклучуваат човечка верификација и можност возачите да оспорат суспензија од платформата.
Правилата на GDPR забрануваат донесување одлуки само врз основа на компјутерски алгоритми кога таквите одлуки имаат значително влијание врз животот на луѓето. Во такви случаи, неопходна е значајна човечка верификација на одлуката, како и можноста за нејзино оспорување.
„АП утврди дека Убер ги прекршил правата на возачите, поточно правото да не бидат подложени на автоматизирано донесување одлуки што има значајни последици“, се наведува во одлуката.
Убер, исто така, го прекршил правото на информации, се наведува во одлуката, со образложение дека агенцијата го сметала тоа за сериозен пропуст што го оправдува изрекувањето на толку висока казна. Случајот се однесува на настани во Европа од 2020 до 2022 година, а е покренат врз основа на жалба од Франција. Случајот го водеше холандското регулаторно тело бидејќи европското седиште на Убер се наоѓа во таа земја.
Убер привремено суспендираше некои возачи осомничени за измама. Ова вклучуваше, меѓу другото, случаи во кои системите на Убер утврдија дека возачите намерно земале непотребни заобиколувања за да ја зголемат цената на возењето или прифаќале возења без намера да ги завршат.
Foto – Flickr





























