Што правиш со идејата што не те остава на мира? Никола Ѓоргиев за љубопитноста што прераснува во софтвер

- Advertisement -

Никола Ѓоргиев за љубопитноста што прераснува во софтвер, знаењето што го споделува и поддршката од Космик Девелопмент за DevHelper

За повеќето од нас, стариот лаптоп е предмет што го чуваме затоа што не знаеме што да правиме со него. За Никола Ѓоргиев, тој е можност некое дете да почне да програмира. Во таа разлика во гледањето има добар дел од неговата приказна.

Остатокот се наоѓа во часовите по работа. Во идеите што не се откажуваат од тебе само затоа што си го затворил службениот компјутер. Во една ситна пречка што ја среќаваш секој ден, сѐ додека не одлучиш да направиш нешто во врска со неа. Потоа тоа нешто почнува да го користи и некој друг. Пристигнува прашање, предлог, забелешка. Личниот проект добива корисници, а со нив и обврска да продолжиш да се грижиш за него.

- Advertisement -

Никола е по потекло од Свети Николе, повеќе од една деценија живее во Скопје, а луѓето што го познаваат го викаат Смајли. Под името SmileyTech.mk ги собира проектите што ги развива надвор од редовната работа. Неговата приказна вклучува видеотуторијали на македонски јазик, текстови за технологија и сопствени апликации. Форматите се менувале, но низ нив се провлекува интересот нешто да се разбере, да се направи и потоа да им се доближи на други.

DevHelper, неговата десктоп-апликација, обединува алатки што им ја олеснуваат секојдневната работа на луѓето во ИТ. „Кј ќе се јаде“ се занимава со изборот на место, храна и делењето на сметката, прашања за кои секое друштво има сопствен, обично прилично неефикасен систем. Со SmileyOS, сопствен оперативен систем со образовна замисла, Никола сака да отвори простор за учење и создавање и на постари компјутери. Некаде меѓу овие проекти се наоѓа и прашањето како еден човек одлучува на што ќе му го посвети своето ограничено време.

- Advertisement -

Повод за овој разговор е поддршката што Космик Девелопмент ја дава на DevHelper. За проект што се развива со личен труд, таквата соработка отвора важни прашања. Што му е потребно за да трае? Како се одржува алатка што за корисниците е бесплатна? И што се менува кога зад нечија самостојна работа ќе застане компанија што го препознава нејзиниот потенцијал?

Со Никола разговараме за тоа што го враќа пред екранот, што го тера да споделува знаење и како учи од луѓето што ги користат неговите решенија. За вештачката интелигенција и сопствената процена. За задоволството да направиш нешто свое, но и за моментот кога тоа станува корисно за некој друг. Бидејќи меѓу „имам една идеја“ и нешто што навистина работи стојат многу часови за кои ретко прашуваме.

- Advertisement -

Во пораката ми напиша дека работиш на премногу нешта за да се претставиш накратко. Да почнеме тогаш од човекот зад нив. Кој е Никола кога не е пред компјутер и што најчесто го враќа пред екранот дури и кога работниот ден веќе завршил?

Кога не е пред компјутер, Никола – или Смајли – е посветен сопруг и татко на малиот Марин. Сѐ што правам надвор од работата го правам за да оставам нешто зад себе, а откако Марин дојде на овој свет пред четири години, правам сѐ за што знам дека нему ќе му помогне на еден или друг начин. Така сега сѐ ми се врти околу Марин и SmileyOS, а тој, на своите четири години, е верен тестер на целиот проект. Почна да чита уште на три години, а на четири веќе чита и зборува и на англиски. Затоа сѐ што има во SmileyOS – од апликациите за најмалите, преку Cosmos, апликацијата за Универзумот, планетите и сѐ што е над нас, па сѐ до Zoo, апликацијата во која се учи за животни и диносауруси – е инспирирано од она што Марин најмногу го сака: планетите и диносаурусите. А тој ужива да клика и да си игра со сето тоа.

Од Свети Николе до Скопје, кои луѓе и искуства најмногу влијаеја врз тоа што го работиш денес? Се сеќаваш ли кога првпат посака да направиш своја програма и кому прво му ја покажа?

Мојот интерес за програмирањето почна некаде кога имав 12 години. Колку што се сеќавам, имавме информатика како изборен предмет, и еден наставник ни покажуваше како на тие стари компјутери од тоа време се прави игра во Pascal. Оттука тргна сѐ. Додека децата на моја возраст играа игри, јас собирав книги за C++ од другари што студираа на ПМФ и пробував нешто да склопам. Во средно почнав посериозно да читам за C++ и game development, а почнав да се интересирам и за асемблер и за тоа како функционираат оперативните системи. Еден период дури пробував и сам да направам наједноставен оперативен систем – без AI и со многу малку ресурси на интернет. Знаењето ми беше ограничено и се откажав, но идејата никогаш не замре. Денес таа се вика SmileyOS.

Со туторијалите на македонски си решил дел од своето знаење да им го направиш достапно на други. Што ти недостигаше тебе додека учеше? Има ли нечија порака или приказна поради која си помислил дека сите тие часови снимање вределе?

Искрено, отсекогаш сум бил човек што сака да споделува знаење. Уште додека студирав, пишував скрипти на Scribd – ако ме пребарате по име, сигурно ќе ги најдете – во кои објаснував како сум ја завршил некоја лабораториска вежба и каде сум заглавил, за другите полесно да се снајдат. Но никогаш не споделував готови решенија, како што тогаш правеа многумина, најчесто за пари. Јас сѐ што правев, го правев од љубов.

Со видеата почнав за време на пандемијата. Замислата ми беше да има нешто корисно на интернет и на македонски јазик. Намерно ги правев на македонски, чисто за заедницата, бидејќи ако сакаш да заработиш на YouTube со содржина на македонски, шансите се минорни. Се трудев додека можев, но сепак одзема премногу време. За едно видео од 30 минути во просек ми требаа околу четири часа. Не за подготовка, бидејќи снимав без агенда – притискав record и одев freestyle – туку затоа што понекогаш ќе згрешам, ќе заборавам да го вклучам микрофонот или слично, па доста работи морав да преснимувам.

Сѐ што сум направил во животот вредело на еден или друг начин. Ми пишувале луѓе колку им помогнале видеата за C#, но и другите. Сето ова што го правам гради еден сѐ уште непризнат бренд, SmileyTech.mk, кој еден ден можеби ќе стане успешна приказна, како оние од Силиконската долина.

DevHelper започнал од конкретен проблем во работата. Кога ќе наидеш на нешто што постојано ти одзема време, колку долго можеш да го трпиш пред да решиш да направиш сопствена алатка? Како ова решение за твоја потреба прерасна во нешто што го користат и други?

DevHelper е можеби најдолгиот проект на кој сум работел. Целата приказна траеше некаде пет години – од првата верзија во Swift, која ја направив за колегите од Loka на моја иницијатива, без никој да го бара тоа од мене, па сѐ до последниот рефактор пред една година. И ден-денес лично го користам секојдневно, најмногу за стартување на проектите и за отворање линкови што ми требаат, како бордот со тикети и слично. Една од апликациите во него, Sketchly, ја направив за сопругата. Таа тогаш почнуваше да работи како бизнис-аналитичар и ѝ требаше lite верзија на Figma, па Sketchly беше баш за неа. Мислам дека и денес има некаде 100–200 луѓе што го користат. Бидејќи е заокружена целина и сѐ си работи како што треба, некое време не сум го ни чепнал.

Едно е да направиш апликација што работи за тебе, а друго е на неа секојдневно да се потпираат непознати луѓе. Кој коментар или барање од корисник најмногу ти го смени погледот кон DevHelper? Како проверуваш дали развиваш нешто што им треба на другите или нешто што тебе ти е интересно да го направиш?

Искрено, на ова прашање би одговорил од друг агол. Најголемиот проблем кај сите нас што работиме продукти настрана од работата е што правиме нешто за кое нема баш голема потреба, иако нам ни изгледа дека секој би го користел. Истото е и со DevHelper – јас лично не можам да си го замислам денот без него, но малку луѓе го делат тоа мислење. Најдоброто од сѐ е што речиси никогаш не се откажувам од проект и сите сѐ уште ги одржувам, а искуството од претходниот го пренесувам во следниот. Така, по DevHelper дојде нешто друго, по него нешто трето, а најголемото од сите ќе биде SmileyOS.


Како се случи поврзувањето со Космик Девелопмент и што конкретно опфаќа нивната поддршка за DevHelper? Се сеќаваш ли на првата мисла кога дозна дека сакаат да застанат зад проектот, а потоа и на првата работа што таа поддршка ти овозможи да ја направиш?

Колку што ме служи сеќавањето, имав напишано пост на LinkedIn дека ми треба помош околу проектите, во каква било форма, бидејќи за одржување на сѐ што правам трошам околу 500 евра месечно. Отворив страница на Buy Me a Coffee и луѓето почнаа да донираат, а во постот напишав дека добредојдени се и компании што би сакале да ме поддржат. Тогаш ме контактираше некој од Космик.

Искрено, бев изненаден. Космик го знаев како фирма, познавам и луѓе што работат и што работеле таму, но доколку некој се понудеше да помогне, очекував тоа да биде некоја од поголемите фирми кај нас. Колку и другите да се сметаат за големи, она што Космик го направи за мене не се мери со големина – за мене тоа е поголемо од која било компанија. Она што најмногу ми помогна кај поддршката од Космик не се парите, туку тоа што ми дадоа до знаење дека можеби има нешто во ова што го правам и дека никогаш не треба да се откажувам.



На страницата на DevHelper им се заблагодаруваш на поддржувачите што помагаат алатката да остане бесплатна и без реклами. Што сѐ стои зад тоа „бесплатно“, а корисникот не го гледа? Од досегашното искуство со Космик, што научи за тоа каква поддршка навистина му е потребна на еден самостоен автор?

За мене најголема поддршка е моралната – и искрениот фидбек. Да знам дека некој освен мене го гледа тоа што го правам и ми вели да продолжам и да не се откажувам. Инаку, кај секој мој проект „бесплатно“ значи бесплатно. Мојата идеологија е прво да направам нешто што вреди – а тоа го знам кога ќе видам дека луѓето го користат – па дури потоа, ако има начин, да го монетизирам. SmileyOS е мојот шести проект на кој работам самостојно, а досега од ниеден не сум заработил ни едно евро, бидејќи ниту еден не се покажал доволно добар за да се монетизира. Затоа сите се бесплатни, иако нивното одржување чини пари – околу 500 евра месечно, како што спомнав. Но кога нешто е од љубов, додека можам да си дозволам, тие проекти ќе работат и ќе бидат бесплатни.

Со SmileyOS сакаш и лаптоп стар петнаесет или дваесет години да стане алатка за учење. Да замислиме дете што првпат го вклучува. Што би сакал да направи во првиот час? До каде си со испробувањето на системот со ученици и наставници?

Како што спомнав погоре, засега единствениот тестер на SmileyOS, освен мене, е мојот четиригодишен син. Моментално сум во фаза на основање стартап и префрлање на правата на SmileyOS на компанија. После тоа, веројатно ќе го понудам за тестирање во Малац Генијалац, каде што веќе имам контакти. Втората опција е да отворам свое училиште за деца, слично на Малац, каде децата би учеле на SmileyOS. За тоа веќе постои и едукативен материјал, подготвен за печатење, а агендата е јасна: од терминалот, преку првиот код, до првата игра – сѐ изработено во SmileyOS, со програмскиот јазик Smilium.

Велиш дека вештачката интелигенција ти помогнала да ги подигнеш проектите на повисоко ниво. Можеш ли преку конкретен пример да ни покажеш каде таа ти ја олеснила работата, а каде твоето искуство те натерало да ѝ кажеш „ова не е добро“? Што одбиваш да ѝ препуштиш?

Ова е доста чувствителна тема во последно време. Јас сум еден од првите кај нас што почнал да користи AI алатки како помошник во работата. Еден од моите први проекти, trackle.mk, беше мојот прв обид со помош на AI да изработам цела апликација во технологија во која никогаш претходно не сум работел. Пред 3–4 години тоа беше вистинска ноќна мора – иако апликацијата е мала, ја работев неколку месеци. И ден-денес таа е достапна на App Store и Google Play.

И тогаш и сега верувам дека класичното пишување код е мртво. Позициите како Software Developer, QA, BA, PM и слични веќе нема да имаат смисла како посебни улоги – ќе се оди кон one-man-show, каде еден човек со AI ќе ја вози целата приказна. Од друга страна, моделите ќе стануваат сѐ поскапи за користење. Во еден момент индивидуалците нема да можат да си дозволат да ги плаќаат и да градат продукти како што е случај сега, па ќе се бараат вештини за оптимално користење на токените. Исто така, мислам дека приказната оди кон тоа естимациите да не се прават во часови и story points, туку во токени – колку токени мислиме дека ќе потрошиме за некоја работа.

По алатки за програмери и сопствен оперативен систем, доаѓаме до едно многу човечко прашање, „Кј ќе се јаде“. Која ситуација те поттикна да ја направиш оваа апликација? И што научи за луѓето кога почна да бараш технолошко решение за договарањето околу една маса?

И ова изникна од сопствена потреба, и тоа баш од насловот на апликацијата. Еден колега, секое утро штом ќе го видам, првото што ќе го кажеше беше: „Кј ќе се јаде денес?“ Толку ми требаше за да видам потенцијал во такво нешто, но го промашив моментумот. Идејата беше супер, само требаше да се вложат многу пари во маркетинг за да заживее. Паралелно со мојата, или по неа, кај нас почнаа да се појавуваат слични производи. Јас мојата ја нудев бесплатно, но немав пари за реклама, и ете – сѐ уште си стои активна. Но дури и да не заживее, нејзиниот код ќе се искористи за родителската апликација за SmileyOS, преку која родителите ќе можат да контролираат што прават децата на компјутер.

Сите овие проекти се натпреваруваат за твоето слободно време. Како одлучуваш која идеја заслужува уште една вечер пред компјутер, а која мора да почека? Што најтешко си признаваш кога треба да запреш или да се откажеш од нешто?

Тука е најголемиот проблем – толку сум расфрлан на сите страни што не ми се откажува од ниеден проект, а сѐ до SmileyOS ги терав сите паралелно. Единственото што ме вади во целата ситуација е што не сум зависен од социјални мрежи, Netflix, политика и слични работи на кои голем дел од луѓето го трошат слободното време, кое сите го имаме сѐ помалку. Токму затоа никогаш не сум им ускратил ни момент на синот и на сопругата.

И уште нешто: обично на секои 3–4 месеци правам пауза од месец-два од сите проекти што ги работам настрана, со една цел – сѐ добро да отспие. Во тој период не ги ни отворам, за кога ќе помине некое време да ги пуштам повторно и со чисти очи и бистра глава да видам дали сето тоа води некаде или само губам време. И секогаш по ваквите паузи ми доаѓале најдобрите идеи.

Кога би требало да избереш една сцена од иднината што би ти потврдила дека трудот вредел, што би се случувало во неа? Кој би користел нешто твое и што би можел да направи благодарение на него?

Би сакал да видам SmileyOS да се користи во секое основно училиште кај нас и нашите деца технологијата да ја користат за да учат, а не за да губат време на социјалните мрежи и TikTok. Тогаш би знаел дека навистина сум оставил нешто зад себе.

- Advertisement -