Македонска иновација: Паметна градежна скала која се адаптира на секаков терен!

- Advertisement -

Ќанија Рахманоски е млад иноватор од Македонија кој во 2013 година добил идеја да создаде, како што ни раскажа тој, „производ на иднината“. Станува збор за паметна градежна скала или Smart Ladder која може да се приспособи на било каков градежен терен. Во интервју за Иновативност, Рахманоски ја раскажа приказната за својот изум

(Разговараше- Бисера Срцева)

- Advertisement -

Кажете ни повеќе за паметната скала и како дојдовте до идејата за еден ваков производ?

Одредено време се занимавав со градежништво, односно работев на градежни проекти во Австрија. Секој градежен работник користи обична градежна скала со фиксни ногарки, односно со ногарки кои се приспособени да ја одржуваат скалата стабилно единствено на рамен терен. Кога ваквата обична градежна скала треба да ја поставите на нерамен терен, тогаш градежниот работник го изложувате на ризик поради нестабилноста на скалата. Немаше да почнам да размислувам за решавање на овој проблем ако и мене не ми случеше ваква непријатна ситуација, односно се повредив паѓајќи токму од обична градежна скала поставена на нерамен терен чии ногарки не го допираа теренот целосно. Тогаш почнав да размислувам за скала чии ногарки ќе можат да се приспособат на секаков терен. Бидејќи во фамилијата имам градежници со децениско градежно искуство, прво ним им ја претставив идејата.

- Advertisement -

Како функционира оваа паметна градежна скала?

На изглед скалава е слична на обичните градежни скали односно алатка која служи да завршиш некоја работа во градежништвото на одредена висина. Но во овој случај се работи за иновативна и унапредена верзија на класичната градежна скала. Она што ја прави различна оваа скала е нејзината функционалност, односно можноста сите четири ногалки да можат да се адаптираат на секаков терен. Внатре во скалата има вградено електроника и сензори кои пресметуваат колку треба да се приспособи скалата на теренот односно ѝ ги даваат следниве карактеристики на скалата: автоматизација, нивелација, флексибилност и мобилност. Работи на батерии.

- Advertisement -

Кога почнавте да работите на реализација на производот и патентирање?

Во 2013 година се пријавив на натпревар за бизнис идеи кој беше отворен во Македонија. Од вкупно 109 кандидати на натпреварот, јас го освоив првото место. После победатата на натпреварот за бизнис идеи што ми беше како валоризација на идејата, решив и да поднесам барање за патентирање на производот во Државниот завод за индустриска сопственост. Таму беше разгледано и од градежни инженери од кои добив многу позитивни реакции за производот. Во меѓувреме почнав да барам и инвеститори.

Во 2016 година учествував на Светски бизнис форум во Истанбул каде имав можност пред стотина бизнис ангели да го презентирам производот. Имаше одреден интерес за производот и во разговори со некои од заинтересираните инвеститори ми беше понудено да изработам неколку производи кои би ги пласирал на пазарот што би било чекор кон добивање на инвестиција.

Колку чини изработката на една паметна градежна скала?

Моментално трошоците за да се изработи една паметна градежна скала се поголеми отколку што би биле доколку почнеме со сериско производство. Во моментов изработката на еден примерок изнесува околу 80 евра. Го анализиравме и европскиот пазар во однос на тоа која би можела да биде продажната цена на производот и заклучивме дека истата би можела да се продава за цена од околу 150 евра. Оваа цена и не е многу голема ако се земе предвид дека значително се намалуваат ризиците за повреди на градежниците преку користењето на истата. Градежништвото е индустрија која никогаш нема да изумре, а со новите технологии значително може да се унапреди при тоа да се зема предвид безбедноста на градежните работници.

Какви ви се следните планови за паметната градежна скала и како го замислувате развојот на производот?

Моментално сум во активна потрага на инвеститори поради што отворив и стартап компанија која ќе биде исклучиво посветена на производство на паметната градежна скала. Иако добив одредени понуди, не сум заинтересиран да го продадам патентот за производот бидејќи целта ми е мојата компанија да порасне на ниво да може да започне сериско производство на паметната градежна скала. Производот има потенцијал да се пласира на глобален пазар, а доколку успеам да склучам договор со инвеститорот од Турција кој покажа интерес, тогаш целта ми е да опремам една работилница каде ќе може да се произведуваат по 1 000 парчиња од паметната градежна скала годишно.

Сподели!
- Advertisement -