Македонската компанија „Суниленс“ го претвара отпадното масло за јадење во еколошко биогориво

- Advertisement -

Компанијата „Суниленс“ постои од 1993 година и опслужува широк спектар од над 1.000 производители во мелничко-пекарската, кондиторската, конзервната и други прехранбени индустрии. Суниленс е главен увозник за Македонија на индустриската програма на „Дијамант“ и други брендови од Италија, Србија, Малезија и Индија. Во 2009 година „Суниленс“ стана првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење, која во комплетниот синџир ги собира, ги рециклира и ги пласира како готова еко суровина на пазарот за биогорива во Европа. За еколошките инвестиции, општествената одговорност и идните планови на компанијата, разговараме со еден од сопствениците, Андреј Ѓокиќ.

- Advertisement -

Г-дин Ѓокиќ, компанијата Суниленс веќе неколку години, покрај примарната дејност трговија со масло за јадење и други производи, е сертифицирана и за собирање и третман на отпадните масла. Кажете ни како започна овој еколошки проект?

Идејата за проширување на нашите активности во доменот на екологијата потекнува од сопственикот на компанијата г- дин Синиша Ѓокиќ. Следејќи ги светските практики во поглед на ефикасно искористување на отпадните суровини како обновлив извор на енергија за поттикнување на циркуларна економија и чиста животна средина направивме уште еден чекор напред и отпочнавме со проширување на нашите активности во полето на екологијата. Инвестиравме во современа технологија, опрема, логистички и човечки ресурси за реализација на иновативен еколошки систем за собирање, транспортирање, складирање и третман/рециклирање на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. По добивањето на потребните дозволи, во 2009 година Суниленс стана првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во Македонија.

- Advertisement -

Врз основа на количините, кои ние на годишно ниво ги пласираме на македонскиот пазар, дојдовме до одредени првични показатели за количините на отпадно масло кои се создаваат. Тоа беше појдовна точка во реализацијата на овој еко бизнис модел, со проекција за негова прогресија, ако се земат предвид и сите други создавачи на овој отпад на ниво на целата држава. Отпадот кој останува по искористувањето на маслата и мастите за јадење завршува во одводите, во сточната храна и во природата, а истиот е еден од најголемите загадувачи на животната средина. Создавачите на овој отпад немаа каде соодветно да го селектираат и одлагаат. Сакавме и во Македонија да се имплементираат и воспостават позитивните практики од другите европски земји за еколошко постапување со отпадните масла и масти за јадење. Тоа беше мотото и инспирацијата за реализација на нашата првична идеја.

 

- Advertisement -

Како се проценува штетноста на отпадните масла за јадење во вкупната слика на еко загадувачи?

Отпадните масла за јадење се создаваат во големи количини секој ден и претставуваат голем еколошки проблем, доколку не се собираат и третираат правилно. Поради несоодветното отстранување на овој вид на отпад, тој е најчест причинител за загадување на водата, почвата и претставува четвртина од сите загадувања. На пример, само 1 литар отпадно масло може да загади до 1 милион литри вода. Повеќекратната употреба на маслата за јадење е штетна по нашето здравје, бидејќи маслата откако ќе добијат својства на отпад (темно кафеава боја, остар мирис на храната која се готви) стануваат канцерогени. Фрлањето на отпадните масла за јадење во канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Истражувања и анализи во светски рамки покажале дека, на годишно ниво, водоводните компании трошат во просек 17,5 милиони евра за санирање на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одводите. На пример, во Велика Британија, 50-75 проценти од сите блокади на канализационите системи се предизвикани од отпадни масла и масти, додека трошокот за санирање на годишно ниво изнесува 100 милиони евра.

 Како функционира системот на „Суниленс“ за собирање и третман на отпадните масла?

Процесот на управување со отпадно масло за јадење подразбира навремено и хигиенско собирање и отстранување на отпадот во специјална наменска амбалажа, безбеден транспорт во специјални возила, соодветно складирање и професионален третман во согласност со сите законски прописи и спрема европските стандарди за одржливост на животната средина. Нашиот систем за собирање на отпадно масло од прехранбената и угостителската индустрија функционира така што прво се склучува договор за собирање на отпадни масла за јадење, по што доставуваме бесплатна специјална амбалажа за безбедно и хигиенско собирање и складирање на отпадот. Во секој момент сме во директна комуникација со секој создавач на отпадни масла и нудиме совети за планирање и организирање на ефикасен распоред на собирање. Исто така вршиме подигање на отпадните масла, исплата на соодветен надомест за собраната количина и достава на нова амбалажа на дневно, неделно или месечно ниво преку нашата развиена логистичка мрежа за собирање и транспорт на отпадните масла за јадење кои се создаваат во сите региони на Македонија со посебни возила, до складишниот простор во нашиот сектор за управување со отпад.

Од друга страна, системот за собирање на отпадно масло од домаќинствата го креиравме за да им овозможиме на граѓаните што полесно да можат да ги применуваат овие еко практики. Имено, нашата мобилна екипа доставува 3 литарски пластични садови, за безбедно и хигиенско собирање на отпадно масло директно до секој дом. Оваа еко акција се спроведува низ цела Македонија и секој кој е заинтересиран за нашите бесплатни услуги веднаш ќе добие сад за собирање.

Процедурата за приклучување е лесна и едноставна и може да се направи преку социјалните мрежи или на телефонските броеви 070 264 444; 02/2650-100 и 02/2650-600. Откога ќе се наполни садот, собирачот треба да не контактира, за да го испратиме нашиот тим да ја подигне собраната количина на отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање. Притоа при секое собирање на 3 литри отпадно масло, доделуваме половина литар сончогледово масло, како дополнителна мотивација за континуирано и редовно собирање. Собирачот може да одлучи да си го задржи маслото за себе или пак да го донира до социјално загрозени семејства преку „Љубезност“ во рамките на еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“.

 Каде се рециклира отпадното масло што ќе се собере од домаќинствата и рестораните?

Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија кои се преработуваат со користење на современа опрема и технологија, преку термички процес (загревање), седиментација (таложење), прочистување и филтрација, во нашиот сектор за управување со отпад и потоа да се пласираат како готова еко суровина на пазарот за биогорива во Европа. Нашиот еко систем за собирање на отпадно масло е во согласност со националниот Закон за управување со отпад и Законот за животна средина. Сертифицирани сме и според водечкиот ISCC EU систем и Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC. Со овој сертификат ги исполнуваме најстрогите ЕУ стандарди кои се во согласност со законските норми за одржливост на животната средина. Од еколошки аспект, важно е да се напомене дека секоја капка отпадно масло за јадење кое го собираме се рециклира во процесот на производство на биодизел и придонесува до 80 отсто намалување на штетните CO2 гасови, односно повеќе не се фрла неконтролирано во природата. Убедени сме дека, во однос на рециклирањето на отпадното масло за јадење, во иднина ќе ги постигнеме посакуваните резултати и полека ќе се приближиме до еколошките стандарди на европските држави, каде 70-80отсто од населението го селектира и собира отпадот од домаќинствата.

Колкав број домаќинства, ресторани и други објекти се дел од вашиот систем?

Кога зборуваме за прехранбените и угостителските капацитети, во последните 9 години успеавме да собереме и преработиме над 2.700 тони отпадно масло за јадење. Денес, нашите еко услуги за собирање на отпадно масло ги користат повеќе од 850 индустриски создавачи на овој вид на отпад. Собираме отпадни масла за јадење од ресторани, хотели, сендвичари, пабови, супермаркети, различни производствени капацитети…. Веќе имаме и 900 домаќинства, собирачи од цела Македонија, а бројката на заинтересирани граѓани постојано расте. Досега имаме собрано преку 730 килограми отпадно масло од домаќинствата, додека за донации до социјално загрозени семејства се доделени преку 50 литри на сончоглдово масло во рамките на „Рециклирај и донирај“.

Еколошката свест се подига и гради со создавање на услови за собирање и рециклирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. Граѓаните досега немале каде да го селектираат и фрлаат отпадното масло за јадење. Истото завршувало во одводните цевки и ја загадувало животната средина, а при тоа правело и големи штети при функционирање на мијалниците и канализационите системи. Сега, за прв пат, имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од собирањето и рециклирањето на отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него доколку не се одлага на правилен начин.

Една од целите на овој проект е и едукација. Според вашето искуство, информирани ли се нашите граѓани и компании дека и отпадното масло може да се рециклира?

На кое ниво е еколошката свест, генерално, во нашата земја? За нас како компанија, која е дел од индустријата за управување со отпад, ниската еколошка свест претставува голем предизвик. За еден еко систем да биде функционален треба да задоволува два значајни аспекти:

1) висока индивидуална и колективна еколошка свест и

2) функционални, лесно достапни и ефикасни системи за собирање и управување со отпад

Нашите резултати од прехранбената и угостителската индустрија покажуваат дека сме постигнале огромен напредок во поглед на едукацијата за соодветно собирање на отпадно масло. И покрај позитивните аспекти, морам да напоменам дека во изминатите години се соочувавме и со нелојална конкуренција, која го собираше отпадното масло на несоодветен начин и притоа не се знаеше каде завршува тоа масло. Имавме и случаи кога беше крадена нашата амбалажа и беа подигнувани количини на отпадно масло од страна на непознати собирачи. Сепак, со професионализам во работењето, континуирано присуство на терен и коректен однос кон секој создавач на отпадно масло, успеваме да ги решиме сите тие проблеми. Од друга страна, преку директна комуникација постојано работиме на зголемување на еколошките вредности и навиките за менување на маслата за јадење кај сите производители на храна и корисници на масла. Во последните неколку години, навистина има напредок во циклусите на менување на растителните масла кај производителите. Сепак, се уште има простор за подобрување на овие еколошки практики, преку зголемување на фрекфенцијата на менување на маслата за јадење кои ги применуваат при подготовката на храна.

Би се зачудиле ако ви напоменам дека се уште има некои ресторани и сендвичарници кои многу ретко го менуваат маслото за јадење. На пример, во еден познат скопски угостителски објект, кој опслужува огромен број на луѓе секој ден, ни предаваат отпадно масло во минимални количини во однос нивниот обем на работа со образложение дека создаваат многу малку отпадно масло. Kога ги прашавме како ги користат фритезите и како е можно да немаат поголеми количини на отпадно масло, ни одговорија дека пржат со високо квалитетно растително масло, а кога количеството ќе се намали во фритезите, само ги надополнуваат. Замислете колку пати е прегорен тој зејтин и што јадеме сите ние како крајни потрошувачи? Ваквите проблеми во западните земји се решаваат со мерачи за маслото за јадење, кои се користат од страна на инспекциските служби. Тие се потопуваат во маслото и читаат податоци за неговиот квалитет и моментална состојба. Бидејќи има утврдени параметри и единици според кои се знаат дозволените вредности на маслото во кое се пржи храната, овој процес лесно може да утврди колку масло троши еден угостителски објект и колку често го менува, односно колкави количини на отпадно масло создава и треба да предаде на овластени компании.

Кога говориме за домаќинствата, пак, според истражувањето на „Гоу Грин“ – „Дали го селектираме отпадот во нашите домови?“ со фокус на отпадното масло за јадење, направено во рамките на проектот „Од масло до енергија“ и презентирано на Европската недела за помалку отпад, анкетата покажа дека повеќе од една третина (37%) од испитаниците се информирани дека искористеното масло за јадење може да се рециклира. Само 2% од испитаниците одговориле дека го одложуваат искористеното масло за јадење, останатите најчесто го фрлаат во лавабо во кујна (42%), го исипуваат во тоалетниот одвод (27%) или го собираат во посебно канче и го фрлаат заедно со останатиот отпад (20%).

[quote]Едукацијата на населението за придобивките од соодветното собирање и рециклирање на отпадното масло за јадење е нашата примарна цел.[/quote]

 

Покрај секојдневното собирање на отпадното масло, поддржувате и други хуманитарни проекти. Кажете ни нешто повеќе за нив.

Ние веруваме дека само со интегриран пристап, односно синергија помеѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се креираат функционални системи за управување со отпад како и да се постигне посакуваниот ефект во поглед на едукацијата. Имаме соработка со ЗГ „Љубезност“ во рамките на еко- хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ кој одлично напредува. Со ОХО го реализираме проектот „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“ во градинките „Орце Николов“ од Карпош и „Корчагин“ од Центар. Овој проект има за цел да ја доближи темата за екологија – собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење – до децата уште од најмала возраст. Се состои од неколку фази на директна едукација на најмладите, преку специјално дизајнирани еко материјали со ликот на Петко и едукативни активности со наставничките, како и организирање на еко акции за собирање на отпадно масло од родителите. Поради одличниот одзив и позитивните првични резултати, оваа година планираме да го прошириме проектот уште во две општини и во над 40 објекти на градинки во градот Скопје.

Кон крајот на 2017 година започнавме и соработка преку заеднички еко активности и со „Гоу Грин“, со фокус на подобрување на системите за собирање на отпадно масло и поддршка на постоечките еколошки проекти за управување со отпадно масло. Исто така, со поддршка на повеќе општини низ Македонија организираме еко-едукативни презентации за директна комуникација со граѓаните во поглед на позитивните практики од нашиот систем за управување со отпадно масло и новиот систем за собирање од домаќинствата. Веќе одржавме вакви едукативни активности во Македонски Брод, Делчево и Богданци и поделивме садови за собирање на отпадно масло до присутните.

Какви се вашите планови за иднина?

Задоволни сме што како компанија воведовме високи стандарди за управување со отпадни масла во нашата земја, следејќи ги успешните европски и светски примери. Особено сме горди што, заедно со голем број на граѓани, компании и организации придонесуваме за подигање на еколошката свест и менување на еколошките навики, со цел да ја заштитиме животната средина и да создадеме подобри услови за идните генерации. Нашата визија е да продолжиме со нашиот придонес во развојот на циркуларна зелена економија која ќе ги замени сегашните економски практики, каде ресурсите се користат линеарно и еднонасочно со економски систем каде собирањето, преработката и рециклирањето на ресурсите имаат висока вредност. Затоа, ќе продолжиме со нашите активности и проекти за зголемување на еколошката свест кај индустриските создавачи и домаќинствата за правилно собирање на отпадните масла за јадење и искористување на нивните енергетски својства за добивање на обновлива енергија. Организираме и учествуваме на голем број настани во сферата на заштитата на животната средина заедно со претставници на ресорните министерства. Се надеваме дека соработката со државните институции постојано ќе се унапредува и дека екологијата ќе биде врвен приоритет на секоја државна институција во Македонија. Во оваа насока, планираме взаемна поддршка и едукативни активности со Министерството за животна средина и просторно планирање во поглед на унапредувањето и едукацијата за отпадното масло за јадење.

Исто така, наша заложба е да се следат позитивните примери за дополнителни законски решенија во делот на управувањето со отпадни масла за јадење по урнекот на Хрватска и други европски примери, што ќе придонесе позитивно во самиот еко систем за собирање на отпадно масло. Секако, инвестиција во инфраструктура за собирање на локално и национално ниво, едукативни кампањи и информирање на населението, подобрување на регулативите и правилниците за управување со отпадно масло по примерот на ЕУ од страна на нашите надлежните институции, општини и министерства би биле од голема помош за нас, за самата индустрија за отпадно масло како и за самата еко состојба на земјата. Управувањето со отпадни масла за јадење ја прошири нашата визија кон изнаоѓање на нови начини и технологии за искористување на енергетските својства на отпадните суровини. Нашите следни чекори може да вклучат и инвестиција во системи за управување со други видови на отпад како и проширување на нашите постоечки системи.

Сподели!
- Advertisement -