Чавдаревска: Неопходна е посебна законска регулатива за стартап компании!

- Advertisement -

“Законски прописи како можност за формирање на Старт ап компанија” е информативен настан кој во организација на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, заедно со четирите клучни партнери: Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, ќе се одржи во среда на 3 јули во Битола.

На настанот ќе се дискутира за законската рамка која се однесува на старт ап заедницата и можности за нејзино подобрување, проширување на старт ап компаниите на домашни и странски пазари, споредба со регулативата во другите земји, предизвиците на стартапите во развојниот животен циклус и другo.
Интервју со Александра Чавдаревска, правен советник на МАСИТ, за Бизнис Регулатива 
Кажете ни повеќе детали за настанот кој ќе се одржи на 3 јули?
МАСИТ, како ИКТ комора, редовно е “будна” и ги следи сите текови во општеството, гледано од страна на развојот на економијата, а посебно ИКТ секторот.
Токму поради фактот што економијата расте се побрзо и се развива преку иновативни идеи кои се најчесто реализирани преку формирање на стартапи, МАСИТ смета дека е многу важно овие нови економски текови да бидат соодветно препознаени и да им се даде поволна шанса за успех. Токму затоа и се организира настанот – инфо сесија која ќе се одржи на 3-ти јули во Битола. Како погодно место за овој настан го избравме Факултетот за информатички и комуникациски технологии, каде ќе имаме гости и од тамошниот Hub кој се занимава со оваа тематика – развој на идеи и помош за стартапи.
Со помош на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, заедно со четирите клучни партнери: Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, се надеваме дека ќе можеме да поразговараме за сите тешкотии со кои се среќаваат стартапите при нивното формирање и нивниот понатамошен развој.
На настанот ќе бидат покриени следните теми: старт ап еко систем, законска рамка која се однесува на старт ап заедницата и можности за нејзино подобрување, искуства при лансирање на старт ап акцелераторот, проширување на старт ап компаниите на домашни и странски пазари, споредба со регулативата во другите земји, предизвиците на стартапите во развојниот животен циклус, а ќе биде направена и споредба помеѓу домашен и странски претприемач.
 
Од каде прозлезе мотивацијата да се поттикне прашањето дали е потребна измена на законската регулатива во однос на отворање и регистрација на стартап компанија?
Пред извесен период, направивме соодветна измена на интерните акти на МАСИТ, со цел полесно да ги привлечеме стартапите кон зачленување, а со цел подобро да ги запознаеме и да им понудиме подобри услови за развој и вмрежување. Истражувајќи го пазарот, увидовме дека нашата желба за подобра економија и развој на истата, не се разликува премногу од светските текови. Економијата и идеите кои флуктуираат константно во неа, не се и не треба да бидат сопрени. Водени од овој факт, увидовме дека имаме недостатоци во самата регулатива, која понекогаш го отежнува патот за формирање и функционирање на и онака ранливите стартап компании.
Нашата регулатива содржи многу остатоци од претходни економски системи, со многу строги правила за економските оператори, со цел да го заштити крајниот корисник – работникот и на тој начин, изгледа многу неповолно и несоодветно за да биде користена од страна на стартапите. Сепак, морате да се земе предвид дека стартапите се најчесто идеи во зародиш, од млади луѓе, на кои им треба поддршка и помош за да стигнат до моментот на реализација. Најчесто тие луѓе ги немаат потребните пари за формирање на компанија, ниту потребните советници од економски и правен аспект за да ги исполнат сите обврски кон државата. Дотолку повеќе, ние во нашата легислатива, се уште не го препознаваме ни поимот стартап како релевантен поим на здружување или економски оператор.
Сведоци сме дека во последно време се формираат многу хабови и многу акцелератори, кои имаат една цел, да помогнат на луѓето со добри идеи да се движат напред. Дополнително Фондот за иновации и технолошки развој исто така ги препознава стартапите како веродостојни играчи на кои им треба помош и затоа и нуди соодветни повици за истите. Оваа година, на повикот за иновативност на Фондот за иновации, како никогаш досега стартапите побараа финансиска поддршка. Радува фактот дека тие стартапи се формирани на ниво на цела држава, што го потенцира фактот дека треба да се поработи на поддршка на бизнис идеите.
Сметам дека сме на самиот почеток – имаме уште многу да работиме, за да стигнеме до моментот да се пофалиме со жива и слободна економија во која учество може и треба да земе секој одговорен човек со добра идеја и добар план.
Кои се вашите искуства во однос на оваа проблематика. Како стопанска комора кој ги обединува фирмите од ИКТ индустријата, со какви предизвици/проблеми се соочуваат вашите членки на терен?
Нашите искуства зборуваат дека навистина треба да се посвети внимание на оваа тема. На луѓето со идеја, првенствено им е потребно добро вмрежување – со цел да научат кои се проблемите со кои ќе се соочуваат понатаму. Дополнително, многу од луѓето со идеи воопшто немаат финансии и начин да стигнат до финансии за да покажат првичен резултат. Тука се јавува желбата на многу веќе истакнати и докажани сопственици на компании и искусни менаџери и бизнис ангели, кои сакаат да вложат во формирањето на нови компании, бидејќи веруваат во идеите кои постојат. Но овде, повторно и многу пати се среќаваме со регулаторни проблеми и потешкотии, бидејќи како што кажав претходно, нашата регулатива, посебно Законот за трговските друштва е многу рестриктивен во ова поле.
На пример, доколку некој искусен инвеститор сака да вложи во некој стартап при неговото формирање, тој мора да внимава. Доколку стартапот не успее, инвеститорот ќе има забрана за вложување во други стартапи или сопствени компании во период од три години, затоа што процедурата за затварање на компанија е многу тешка и комплицирана. Младите стартап компании, како и секаде во светот, се обележани како високо ризичен потенцијал, па поради тоа влегувањето во сопственичката структура уште на самите почетоци на компанијата (early stages), може да биде заменето со заем кој што се трансформира во влог (convertible loan, debt, note). Досегашните инвестиции во земјава не го практикуваат овој принцип (поради законски пречки) па веднаш со внесувањето на паричните средства влегуваат и во сопственичка структура.
Конкретно МАСИТ смета дека за да имаме стартап заедница која ќе стои на здрави нозе, потребни се ментори – кои ги гледа токму во редовите на своите членки. Дури и Израел, кој е уште и нарекуван “Стартап нација”, има 83% неуспешност на стартапите после втората година. Тие сметаат дека тоа е вистинскиот начин на работа – нема страв од неуспех, туку само научена лекција. Затоа, за еден стартап да профункционира, потребни се ментори, кои добро ги знаат економските текови во државата, потребна е финансиска поддршка, упорност, вмрежување за да може да се поработи на добар маркетинг и првенствено, потребна е добра бизнис идеја!
Сепак, колку повеќе успешни приказни имаме, толку повеќе ќе учиме, веруваме и ќе вложуваме во нив.
Имате ли некои компаративни сознанија, во смисла како е регулирано отворањето стартапи во други земји? 
Конкретно, како многу позитивен пример можеме да ги споменеме Бугарија, Унгарија, Романија, Италија, кои веќе ги прилагодија своите регулативни пречки и создадоа финансиски програми за поддршка на стартап заедницата, како и олеснувања кај банките за кредитирање. Со тие олеснувања, доведоа до енормен раст на стартап сцената и огромно раздвижување. Сепак, многу од стартап сопствениците од балканските земји сметаат дека не им треба селење на идеите во Силиконската долина, затоа што за добра идеја, а со финансиската помош која може да се добие тука, може многу подобро и за помалку пари да се почне и реализира еден стартап. Потоа, со добар маркетинг и со добра продажба, за стартапите не постојат граници.
Доказ за ова е формирањето на Crowfunding платформата од страна на Македонска берза, која ќе дозволува продажба и вложување како на нашите стартапи кои ќе излегуваат на светска сцена, така и вложување на сите заинтересирани во компании од странство.
Кои се вашите конкретни предлози како МАСИТ?
Ја организираме оваа инфо сесија за да го испитаме пулсот на најзасегнатите играчи и да ги осознаеме сите проблеми кои постојат, а на кои можеме да поработиме. Сметаме дека преку Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива можеме да влијаеме и да ја запознаеме јавноста за сите потребни промени и прилагодувања, за да создадеме подобри услови за функционирање на стартап заедницата. Како и досега, со својот тим правници ќе ја разгледаме тековната регулатива, со чие прилагодување би можеле да го олесниме работењето на стартап компаниите и да им дадеме шанса за подобар старт. Со тоа ќе бидеме дел од приказната наречена стартап нација. Сепак, економијата не трпи бариери и за добра и разиграна економија, не треба да постојат бариери.
Токму ова се и нашите очекувања – да направиме анализа за постоечката состојба и да дадеме се од себе да ја подобриме истата. МАСИТ, во улога на веќе препознаен поддржувач на развојот на економијата, а воопшто на развојот на ИКТ заедницата, ќе направи се во своја моќ за да придонесе кон подобра и позитивна клима за успех на секој кој има добра идеја и замисла. Токму така ја гледаме и нашата иднина. Ги каниме сите заинтересирани компании и стартапи да бидат дел од нашиот настан и сите заедно да бидеме дел од една голема успешна приказна.
Автор- Верица Јорданова
Сподели!
- Advertisement -