Преку платформа граѓаните можат да пријавуваат загадување до Инспекторатот за животна средина

- Advertisement -

Со порака преку Фејсбук страницае-адреса и веб-страница на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), но и преку мапа на потенцијални загадувачи, граѓаните ќе можат да пријават загадување до ДИЖС, што значително го олеснува процесот на брзо добивање, евидентирање пријави и навремено реагирање од инспекторите.

Ваквата платформа денес беше презентирана на прес-конференција, а е изработена во рамките на кампањата „Разбистри се’“, која ја води од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

- Advertisement -

Граѓаните до ДИЖС треба накратко да го опишат проблемот кој го пријавуваат. Да ја наведат локацијата каде забележале загадување, доколку можат да испратат слика или видео и да остават нивни податоци (име и презиме, телефонски број или е-адреса) за да можат инспекторите да ги исконтактираат.

В.д. директорката на ДИЖС, Ана Петровска, побара од граѓаните да дадат доволен број инструкции, со цел Инспекторатот да биде поефикасен. Потоа, пријавителот ќе добие информација во која фаза е постапката и за евентуална санкција против сторителот.

- Advertisement -

Е-мапата е се уште во нацрт-верзија, но, вели Петровска, засега има листа со доволен број на потенцијални загадувачи кои може да бидат посочувани.

„Оној момент кога пристигнува пријавата, веднаш сме на готовност. Правиме налог за вонреден инспекциски надзор и инспекторот е упатен на терен. Таму каде немаме можност да испратиме државен инспектор – ќе направиме координација со овластените инспектори“, објасни Петровска на прес-конференцијата.

- Advertisement -

Пријавите главно треба да се фокусираат на т.н. „големи загадувачи“, на инсталациите со А-интергрирана дозвола или со Елаборати за заштита на животна средина, одобрени од ресорниот министер.

„Меѓутоа, нашиот Инспекторат има и други надлежности. Пример, можност да постапува заедно со техничката инспекција за дозволите за експлотација на минерални суровини. Понатаму, постапуваме по Законот за генетски модифицирани организми. Постапуваме и по Законот за заштита на природа, каде заедно со Шумска полиција или Инспекторатот за ловство, шумарство или земјоделство – исто така можеме да имаме координирани активности. Може да имаме и со Агенцијата за храна и ветеринарство“, нагласи таа.

Во однос на комуникацијата со локални инспекторати, што своевремено беше критикувана и од самото ДИЖС, в.д директорката нагласува дека ингерециите постојат по закон.

„Но, во овој момент што правиме, е ажурирање на листата на овластени инспектори на локално ниво. Таа листа укажува на потребата, општините кои во моментов немаат овластен инспектор, веднаш да ангажираат“, потенцира Петровска.

Исто така, укажа дека е нужно да добијат повеќе инспектори во ДИЖС.

Радио МОФ


Сподели!
- Advertisement -