Наталија Бургиева од „Мама Органа“ од април стартува голема компостара за био отпад со најнова технологија

- Advertisement -

Социјалното претпријатие „Мама Органа“ на Наталија Бургиева од април започнува со голем проект за компостирање на био отпад. Во скопската Општина Карпош, „Мама Органа“ отвора компостара со капацитет од три тони отпад на ден, која ќе работи со најмодерна технологија.

Идејата на Наталија е Скопје да се ослободи од дел од биоразградливиот отпад, кој ја затрупува депонијата „Дрисла“, но и ги загадува подземните води и почвата. Како долгогодишен поборник на циркуларна економија и зелени решенија, Наталија вели дека компостирањето е еден од најдобрите начини да се намалат влијанијата на отпадот на климатските промени, но и да се создаде додадена вредност која ќе овозможи зелени работни места, особено за маргинализираните групи.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Наталија, „Мама Ограна“ веќе подолго време ја промовира идејата за компостирање на био отпадот. Објасни ни малку подетално кои се бенефитите?

- Advertisement -

Скопје се соочува со сериозен проблем со отпадот. Не само што граѓаните немаат можност да селектираат, туку ни контејнерите не се празнат редовно. Според сите статистики и истражувања во светски рамки, а кои се потврдени и кај нас, од комуналниот отпад кој го креираме и во урбаните и во руралните средини, повеќе од 60 отсто отпаѓа на биоразградливиот отпад. Тој се депонира на депонија, како во случајот во Скопје на „Дрисла“. Кога се разградува испушта метан и јаглероден диоксид во атмосферата и директно влијае на влошување на климатските промени, а од друга страна создава исцедок, кој со се меша со атмосферските дождови и ги загадува подземните води, реките и почвата, кои ги користиме за производство за храна.

Нашата идеја е да се спречат или намалат овие влијанија предизвикани од отпадот, а воедно тоа да се направи на начин кој е одржлив и ќе донесе додадена вредност. Во циркуларната економија отпадот од храна и од зеленило креира вредност и при тоа обезбедува нови работни места кои ние сакаме да бидат за лица од маргинализирани категории.

- Advertisement -

Што би значело компостирањето на био отпадот за Скопје?

Според последниот ЛЕАП, во Скопје се создаваат над 150.000 тони био отпад, кој се собира од јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“ и се депонира на „Дрисла“, за што граѓаните и Градот Скопје трошат средства, а од друга страна нема никаков еколошки бенефит од тоа. Потребна е едукација и креирање зголемена свест кај населението во врска со био отпадот и неговото негативно влијание особено врз зацртаните цели за одржлив развој. Сакаме Скопје да се придружи на европските метрополи кои создаваат услови за хумано и одржливо живеење, заради што мора да преземеме итни мерки за отпадот што го создаваме.

Компостирањето е одличен начин за тоа, особено методот што „Мама Ограна“ планира да го воведе во својата компостара. Тоа е природен начин на разградување на отпадот без испуштање на метан и јаглероден диоксид. На тој начин допринесуваме за намалување на климатските промени и за создавање одржливи градови, и влијаеме на намалување на јавните трошоци како и ја поттикнуваме родовата еднаквост, бидејќи „Мама Органа“ вработува самохрани мајки. Секако, на крај обезбедуваме бенефит за целата заедница.

Како ќе функционира системот на компостирање?

На темата компостирање работиме од 2017 година и имаме добиено доста награди надвор од земјата, но идејата многу потешко ја пробиваме кај нас. Минатата година за прв пат се појави можност за кофинансирање на проекти од општествен интерес во Општина Аеродром со кој беше предвидено да се набави компостара и да се направи едукативна кампања за кревање на свеста на населението. Таа компостара требаше да биде наменета за да ги задоволи потребите на општината и да има капацитет на преработка од шест тони био отпад на ден. Сепак, тој проект запре, па „Мама Органа“ одлучи да продолжи самостојно да реализира друг проект, како социјално претпријатие, но со изменет капацитет на компостарата и на друга локација, на наше приватно земјиште во Општината Карпош.

Идејата е да се собира отпадот од неколку ресторани низ Скопје, каде што ќе поставиме и специјализирани контејнери, каде ќе може и секој граѓанин кој сака да го донесе својот отпад од дома и да го одложи. За точните локации ќе информираме кога компостарата ќе ја ставиме во функција. За возврат, секој што ќе донесе био отпад, ќе добие од крајниот производ, за да го употреби за ѓубрење на своите цвеќиња, растенија, зеленчук…

Планирано е компостарата да започне да работи во април, а ќе има капацитет од три тони отпад на ден.

Каква технологија ќе користи оваа компостара и каде ќе се пласира крајниот продукт?

Компостарата ќе се се набави од Србија. Технологијата е патентирана и обезбедува дополнителна аерација што значи додавање на кислород на отпадот што се разградува. Со тоа се забрзува разградувањето и од био отпад се добива компост за само шест часа. „Мама Органа“ веќе подолго време работи на произвиодство на иновативни супстрати за одгледување на органска храна. Тие се на база на минерали и компост и во нив секој може и дома, на тераса, да си одгледа зеленчук. Компостот ќе се користи за изработка на овој супстрат, бидејќи тој има повисока пазарна вредност и има поголема можност за заработка и за одржливост на целиот процес. Секако, со тоа и на креирање на повеќе работни места. На почеток во новата компостара планираме шест вработувања.

Планирате ли и ширење на мрежата на компостари низ Скопје или низ земјата?

Секако, почнуваме нов проект со Зелен хуман град за да го вклучиме и Градот Скопје во компостирањето на био отпадот. Независните советници од ЗХГ поднесоа амандман на буџетот за годинава за поставување на десет помали компостари низ сите општини. Идејата беше за нив да се грижи оператор, а да ги полнат граѓаните. Операторот би добил половина од компостот, а граѓаните другата половина со која би можеле да одржуваат урбани градини. Од Градот Скопје беше одобрена само една компостара, која ќе се реализира како пилот проект. Имаме некои информации дека таа би можела да се постави до урбаната градина Бостание во Ново Лисиче, од каде ќе се обезбедува дел од потребниот био отпад, а дел ќе треба да го донесат и граѓаните од околината. Компостот ќе се користи и за градината и за граѓаните. Планирано е тоа целиот процес да биде автоматизиран, а и влегувањето да биде ограничено само за жителите на населбата. Ќе работиме на едукација и информирање и очекуваме многу позитивни резултати. Секако, и понатаму ќе работиме и на промовирање на идејата за компостара во секоја општина.

Сподели!
- Advertisement -