14.5 C
Skopje
недела, октомври 25, 2020

„Inception Enterprises“ гради таленти кои ќе креираат иновативни решенија во дигиталната индустрија

Kabtel desktop

Главни постулати на нашата компанија се талент менаџмент, дигитална иновација и дигитална продукција, а преку овие бизнис процеси развиваме иновативни платформи и програми кои се од бизнис и социјален карактер, вели Зоран Настески, основач и еден од менаџерите на компанијата.  

 

„Луди“ претприемачи е зборот со кој Зоран Настески го опишува тимот на „Inception Enterprises“, за која вели дека наскоро ќе биде почетна и главна станица за сите иноватори, уметници и креатори. Компанијата во моментот ја сочинуваат 13 професионалци кои работат со верба дека ништо не е невозможно. За inovativnost.mk Настески зборува за искуствата од учеството на Глобалниот самит за претприемништво во Сан Франциско, за отварањето на канцеларии во Пало Алто, како и за идните планови.

(Разговараше- Сања Наумовска)

  • Inception Enterprises беше претставник од Македонија на Глобалниот самит за претприемништво што од 22 до 24 јуни се одржа во Сан Франциско. Какво искуство донесовте?

Како што најави Обама на самиот почеток, ова е најголемиот самит за претприемништво на светско ниво. Присустуваа 700 претприемачи од целиот свет и 350 инвеститори. Буквално, на секој двајца претприемачи по еден инвеститор. Можностите за партнерство и вмрежување беа огромни. На овој самит присуствуваа најуспешните и највлијателни луѓе на денешницата. Од Барак Обама, Марк Зукерберг (Facebook) , Дејмон Џон (Founder and CEO of FUBU), Сундар Пичаи (CEO of Google), Патрик Колишн (Founder of Stripe), Дафни Кулер (Founder of Coursera) и многу други големи имиња познати во светот на претприемништвото.

Една од поважните работи покрај проектите и партнерствата реализирани на овој самит, успеав да се „прикрадам“ во „забранетиот дел“ каде што присуствуваа најпознатите и најуспешни претприемачи од цел свет и на прес-конференцијата да им се обратам токму на ним, јавно, да ги прашам колку се расположени за партнерства со „луди“ претприемачи од Македонија и за инвестирање во македонските бизниси.

Покрај тоа што бевме избрани како единствени претставници од Македонија, поради силната апликација како одличен модел за социјално претприемништво и претприемач со голем потенцијал, Стејт Департментот ме покани да бидам дел од 150-те претприемачи кои беа избрани да бидат делегати на Глобалниот Самит. Имавме шанса да се запознаеме и со претседателот Обама, а тој на краток наврат изјави:

„Ако аплицирате на Харвард, шансите да бидете примени се 5,2 проценти. Шансите да бидете избрани како делегати на овој самит е 3 проценти. Вие сте најретките луѓе на овој свет, искористете го тоа“.

  • Имате ли конкретни планови по Самитот?

Партнерствата кои ги остваривме и проектите на кои се поврзавме не лансираа и не позиционираа во срцето на технологијата – Силиконската Долина. Во наредниве 12 месеци сме потполно фокусирани на нашите иновативни софтверски решенија како и отварања на канцеларии во Пало Алто. Имаме многу изненадувања на темата „Инсепшн“ во Сан Франциско, но најпрвин мораме да се фокусираме на нашите иновации и проекти.

  • Компанијата се занимава со талент менаџмент, ќе ни објасните ли што точно значи тоа?

Кога ја основавме компанијата заедно со мојот ментор и партнер Дарко Маџоски, знаевме дека сакаме да направиме некој иновативен модел на компанија кој нема да биде уште една теч или аутсорс компанија, туку нов модел на компанија која покрај тоа што ќе нуди дигитални услуги, ќе им помага на талентите да се изградат и истовремено нивниот капацитет ќе биде насочен кон креирање на иновативни решенија од полето на дигиталната индустрија.

Како што ја градевме компанијата така и визијата стануваше појасна. Талент менаџментот не подразбира само менаџирање на талентите за целите на компанијата, овој процес на работа со човечки ресурси е многу широк и вклучува дејности на барање и селекција на таленти, градење на нивните капацитети и градење на нивната кариера. Овој модел ни покажа дека доколку им помагаме на луѓето да се изградат, да ја најдат својата пасија во животот и да им овозможиме да се стекнат со професионално искуство, враќа огромни резултати.

Главни постулати на нашата компанија се Талент Менаџмент, Дигитална Иновација и Дигитална Продукција, а преку овие бизнис процеси развиваме иновативни платформи и програми кои се од бизнис и социјален карактер. Главната цел на нашата компанија е иновирање и подобрување на моделите за работа со талентите, дигитализација на бизнисите и подобрување на општеството преку иновација и дигитализација.

  • Можат ли компаниите во Македонија да најдат кадар што им треба, и обратно, дали младите имаат шанса да ги истакнат своите таленти на работните места?

Во Сан Франциско на Стенфорд имав шанса да се запознаам со професорот Гал Џосефберг, професор за иновација, човек со огромно искуство во технологија и претприемништво. Накратко ми објасни дека дел од неговата работа вклучува и истражување на региони и нивното вклучување во иновација и технологија. Тој за нашиот регион кажа дека има потенцијал да биде новото Пало Алто (градот во Силиконската Долина) затоа што многу од младите таленти се фокусираат на технологија.

Сега да се навратам на прашањето, нашата мала држава има огромен потенцијал и за да се искористи истиот треба да се внимава на тоа како се користи потенцијалот на младите таленти и колку се вложува во нивното градење. Од друга страна многу е важно да се посвети внимание и на формалното и неформалното образование за младите професионалци да бидат доволно обучени за лесно да се вклопат во културата и бизнис процесите на работодавците. Во изминативе десет години во Македонија се родија многу стартапи кои веќе не работат по стандардни механички бизнис модели и истите тие се градени по основа на социјална култура. Овие стартапи се одлични за талентите кои сакаат брзо да учат и да се градат.

  • Кои се конкретните придобивки од сервисот WebLaborate?

WebLaborate е нашата прва иновација, веб-платформа која на интернационално ниво ќе им овозможи на многу таленти да соработуваат дигитално, а од друга страна на бизнисите и на агенциите за човечки ресурси ќе им овозможи да се вклучат во многу од процесите на дигиталната продукција и аутсорсингот. Замислете, ако порано за работа на филм во Америка требало да се отпатува до таму, денеска истото може и да се направи од дома, а тоа го овозможува ИТ технологијата. Оваа платформа се подготвува да биде директна конкуренција на големите платформи како Upwork, Freelancer и 99designs и истата е поддржана од страна на Европската Комисија. Во моментов платформата е во пилот верзија и до крајот на 2017 ќе биде достапна на Европско ниво. Ние како компанија сме иноватори и креатори, а во проектот се вклучени и партнери од Полска (Универзитет за Дигитална Продукција) и Социјално Претпријатие од Единбург. Се надеваме дека за многу брзо време ќе можеме на македонската јавност да им понудиме можност да ја тестираат истата. WebLaborate ќе биде платформа која ќе го смени начинот на дигитално колаборирање, проектно менаџирање, работа со таленти и дигитален аутсорсинг.

  • Колку време постои „Inception Enterprises, колкав е вашиот тим?

„Инсепшн“ е поврзана со три датуми, како идеја е структуирана на 30-ти април 2013 година, првите канцеларии се отворени во декември 2013 година, додека официјално сме регистрирани во јануари 2014 година. Постоиме веќе 3 години и сме многу горди на нашиот успех и прогрес. Многу брзо се движиме напред, а за тоа се потребни како што би рекле ние „најлудите“ луѓе. Во моментов нашиот тим брои 12 членови кои не спијат и деноноќно работат на нашите иновации и проекти, а во тимот на нашите партнери се и неколку познати интернационални менаџери и претприемачи.

  • Кои се плановите за во иднина?

За многу кратко време „Инсепшн Ентерпрајсес“ ќе биде компанија која ќе биде почетна и главна станица за сите иноватори, уметници и креатори, а нашите услуги сакаме да ги понудиме глобално. Планираме во 2017 да лансираме две иновативни софтверски решенија, имаме на листа и видео програма за лајв стриминг, програма за културна размена и други проекти за кои е рано сега да зборувам, но најважно е дека на регионално ниво во план ни е да отвориме талент куќи кои ќе им овозможат на многу таленти да ја започнат својата кариера и да станат лидери во областа во која тие се најдобри. За сето ова да го реализираме потребна ни е помош од многу талентирани професионалци и затоа во овој момент многу енергија трошиме на наоѓање на вистинските луѓе за реализација на најлудите иновации.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •