Интервју со Марија Крстевска: Од македонска идеја до сопствен козметички бренд произведен во Јужна Кореја

- Advertisement -

Корејската козметика одамна е меѓу омилените избори на македонските потрошувачи, кои сè повеќе ги препознаваат нејзината иновативност, квалитет и пристап кон негата на кожата. Но, што се случува кога љубовта кон K-beauty ќе прерасне во идеја за создавање сопствен бренд? Така настана COSDEW – македонски бренд, осмислен врз основа на долгогодишното искуство со потребите на домашните потрошувачи, а развиен и произведен во Јужна Кореја, земјата што важи за една од водечките сили во светот на козметиката. Зад него стои желбата да се понудат квалитетни формулации, внимателно избрани состојки и ефикасни производи по пристапни цени. За патот од идеја до готов производ, предизвиците во создавањето сопствен бренд, првичните реакции на македонскиот пазар и амбициите за меѓународен развој, разговараме со основачката на COSDEW, Maрија Крстевска.

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

По долгогодишното искуство со корејската козметика, што ве поттикна да го создадете сопствениот бренд Cosdew и која беше основната идеја зад него?

По повеќе од шест години искуство со корејската козметика, илјадници производи што поминале низ нашите раце и секојдневна комуникација со нашите купувачи, многу добро научивме што ѝ е навистина потребно на кожата и што очекуваат корисниците од еден квалитетен производ. Создавањето на COSDEW беше моја долгогодишна желба, но и природен следен чекор во развојот на нашата приказна. Сакав целото знаење и искуство што го стекнавме низ годините да го преточиме во нешто свое. Основната идеја беше да создадеме корејски бренд кој ќе обедини квалитетни формулации, ефективни состојки, внимателно осмислени производи и пристапни цени. Целиот бренд COSDEW е развиен и произведен во Јужна Кореја, во една од најголемите и најреномираните фабрики за производство на козметика за нега на кожа. За нас беше исклучително важно производството да им го довериме на искусни професионалци, со високи стандарди за квалитет и долгогодишна експертиза во индустријата. Она што ми е особено важно е што во создавањето на COSDEW сум лично вклучена во секој детал. Производите ги развивавме со огромно внимание и посветеност, а секој производ е многупати тестиран и лично од мене, на мојата кожа. Сакав да бидам сигурна во секој производ што ќе го понудиме, во неговата формулација, текстура и чувството што го остава на кожата. Од самиот почеток пристапувавме кон создавањето на COSDEW како да ги создаваме производите за себе. COSDEW е создаден со многу љубов, знаење и посветеност. За мене, тој не е само нов бренд, туку остварување на еден голем личен и професионален сон.

- Advertisement -

Cosdew е бренд осмислен од вашиот тим, а произведен во Јужна Кореја. Како функционира овој процес во практика и што сè е потребно една идеја да се претвори во готов козметички производ?

Пред сè, потребно е големо искуство и знаење за точно да знаете што сакате да добиете како краен резултат. Токму нашето долгогодишно искуство со корејската козметика беше основата од која започнавме. Создавањето на COSDEW беше долг и комплексен процес кој траеше повеќе од една година. Вклучуваше бројни тестирања, корекции и усовршување на формулациите, внимателен избор на состојките, како и дизајнирање на амбалажата до најситен детал. Лично ја посетувавме фабриката во Јужна Кореја, одржувавме состаноци со тимовите задолжени за развој на формулациите и заеднички работевме на секој состав, сè додека не го добиевме она што го замисливме. За мене беше исклучително важно ништо да не биде препуштено на случајноста. Сакавме секој COSDEW производ да биде токму онаков каков што ние, како познавачи и корисници на корејската козметика, би сакале да го користиме.

- Advertisement -

Зошто изборот падна токму на Јужна Кореја? Кои се предностите на тамошното производство, а со какви предизвици се соочивте во однос на развојот на формулите, трошоците, роковите и контролата на квалитетот?

Изборот на Јужна Кореја беше сосема природен, бидејќи таа во моментов е светски лидер во индустријата за нега на кожа. Нејзините најголеми предности се напредните технологии, какви што не се достапни во многу други земји, огромните производствени капацитети, највисоките стандарди за производство и пристапот до најквалитетни состојки. Особено значајно е што Кореја развива сопствени иновативни состојки и технологии кои не можат да се најдат на други пазари. Имавме можност лично да ја посетиме фабриката во која се произведува COSDEW и одблизу да го проследиме целиот производствен процес. Искрено, бевме импресионирани од редот, организацијата, напредната технологија и начинот на кој функционира целокупното производство. Секако, се соочивме и со предизвици. Еден од најголемите беше финансискиот дел, бидејќи одлучивме да инвестираме во големи количини за да обезбедиме пониски производствени цени, а со тоа и пристапни цени за нашите купувачи. Дополнителен предизвик беше доброто менаџирање на целиот транспортен процес. Роковите се продолжија повеќе од предвиденото, бидејќи производството е во Јужна Кореја, а испраќањето примероци, нивното тестирање и корекциите на формулациите одземаат многу време. Што се однесува до контролата на квалитетот, благодарение на развиената козметичка индустрија и огромните производствени капацитети, во Јужна Кореја постојат и бројни сертифицирани независни лаборатории со кои соработуваме за дополнителна проверка на квалитетот и безбедноста на производите. И покрај сите предизвици, ниту во еден момент не се посомневавме во изборот. За нас беше најважно COSDEW да се создава таму каде што иновацијата, технологијата и експертизата во негата на кожата се на исклучително високо ниво.

Какви се првичните реакции на македонските потрошувачи на Cosdew? Кои производи предизвикаа најголем интерес и дали повратните информации влијаат врз вашите следни чекори?

Искрено, презадоволни сме од првичните реакции! Од лансирањето на COSDEW во мај, па сè до денес, на македонскиот пазар се продадени над 12.000 COSDEW производи. Мислам дека оваа бројка доволно зборува за интересот и успехот на нашиот бренд, а особено нè радува задоволството на нашите купувачи. Навистина не би можеле да издвоиме одредени производи, бидејќи апсолутно сите предизвикаа огромен интерес. Презадоволни сме од постигнатото, а позитивните реакции дополнително нè мотивираат да продолжиме со развој на нови производи, кои секако ќе ги има веќе следната година.

Кој е профилот на потрошувачот на Coslovemetics и што денес најмногу влијае врз изборот на козметика — цената, составот, ефикасноста, препораките или популарноста на одреден бренд?

Околу 85% од нашите потрошувачи се жени, а нашата целна група опфаќа жени на возраст од 18 до 60 години. Кога станува збор за изборот на козметика, сметам дека денес одлучува комбинацијата од сите наведени фактори. Цената, составот, ефикасноста, препораките и популарноста на брендот имаат свое влијание. Потрошувачите денес се сè поинформирани, внимателно избираат што купуваат и бараат добар сооднос помеѓу цената и квалитетот. Сепак, верувам дека ефикасноста и задоволството од производот се она што на долг рок ја гради довербата и лојалноста кон еден бренд. Кај нас особено значајна улога имаат и стручните препораки и индивидуалниот пристап кон секој купувач, бидејќи веруваме дека вистинскиот избор на козметика започнува со правилно разбирање на потребите на кожата.

Кои се актуелните светски трендови во негата на кожата и колку македонскиот пазар ги следи? Дали забележувате промени во навиките и очекувањата на домашните потрошувачи?

Еден од најголемите светски трендови во негата на кожата несомнено е K- beauty, односно корејската козметика. Македонскиот пазар активно ги следи овие трендови, особено откако Coslovemetics се појави на пазарот и ја доближи корејската козметика до нашите потрошувачи. Не можам, а да не направам споредба со времето кога јас имав 20 години, кога изборот на козметика беше исклучително ограничен, а едукација за правилна нега на кожата речиси и да не постоеше. Едноставно, користевме што имавме дома, доколку воопшто имавме нешто. Денес сум особено горда што со Coslovemetics направивме вистинска револуција на македонскиот пазар. Преку нашите совети, континуираната едукација, онлајн советувалиштето и достапноста на повеќе од 10.000 производи, придонесовме негата на кожата да стане дел од секојдневието на многу луѓе. Особено нè радува што денес сè повеќе жени, но и мажи, посветуваат внимание на својата кожа, ги препознаваат нејзините потреби и разбираат дека негата не е само прашање на убавина, туку и на здравје. Правилната нега, особено редовната заштита од сонце, има значајна улога и во намалувањето на ризиците од штетното УВ-зрачење. Најголемата промена што ја забележувам е што денес потрошувачите не бараат само козметички производ, туку знаење, совет и вистинско решение за потребите на својата кожа.

Колку е предизвикувачки да се гради сопствен козметички бренд на релативно мал пазар како македонскиот? Дали големината на пазарот влијае врз ценовната политика, асортиманот и долгорочните амбиции?

Секако дека е голем предизвик, бидејќи помалиот пазар сам по себе нуди и помалку можности за развој и раст. Сепак, големината на македонскиот пазар не влијае врз нашата ценовна политика, бидејќи од самиот почеток нашата цел е да понудиме врвен квалитет по пристапни цени. Она каде што најмногу се чувствуваат ограничувањата е можноста за развој на поширок асортиман, бидејќи помалиот пазар подразбира и помал обем на продажба. Но, големината на пазарот воопшто не влијае врз нашите долгорочни амбиции. Напротив, досегашните прекрасни резултати на COSDEW ни даваат дополнителна мотивација и сигурност да продолжиме со развојот на брендот, нови производи и уште поголеми планови за иднината.

Дали извозот е дел од вашата стратегија за развој на Cosdew? Кои пазари ги разгледувате и кои се најголемите пречки за пласман на македонскиnосмислен, а во Кореја произведен козметички бренд во странство?

Секако дека извозот е следниот чекор во развојот на COSDEW и дел од нашата долгорочна стратегија. Нашите амбиции не се ограничени само на македонскиот пазар и веруваме дека брендот има потенцијал да биде успешен и надвор од нашите граници. Првенствено сме насочени кон пазарите во регионот и земјите од Европската Унија, каде што гледаме голем потенцијал за понатамошен развој. Најголемите предизвици се различните регулативи и законски барања во одделните земји, како и пронаоѓањето на вистинските партнери за дистрибуција и пласман на производите. За нас е важно ширењето да биде внимателно планирано, со сигурни и квалитетни партнери кои ќе ја разберат нашата визија и ќе придонесат за долгорочен развој на COSDEW на меѓународните пазари.

Колку е силна конкуренцијата во козметичката индустрија и што сметате дека ќе биде клучно за Cosdew да изгради препознатливост и лојалност кај потрошувачите?

Конкуренцијата во козметичката индустрија е исклучително силна и секојдневно расте, но истовремено растат и интересот и очекувањата на потрошувачите. Денес купувачите постојано бараат нешто ново, квалитетно, иновативно и, пред сè, ефикасно. Верувам дека COSDEW има сè што е потребно за да изгради препознатливост и лојалност. Создаден е со душа, многу љубов, знаење и посветеност. Зад него стојат внимателно развиени формулации, квалитетни состојки, едноставни, но ефикасни состави, конкурентни цени и прекрасни, квалитетни амбалажи. Но, пред сè, зад COSDEW стои вистинска приказна и огромна желба да создадеме нешто вредно. Сепак, сметам дека долгорочната доверба не се гради само со убав производ и добра приказна, туку со резултатите што ги добиваат потрошувачите. Токму затоа, ефикасноста, квалитетот и задоволството на нашите купувачи ќе останат наши најголеми приоритети.

Какви се вашите планови за следниот период — дали подготвувате нови производи, проширување на постојната линија, нови продажни канали или партнерства на странските пазари?

Секако, како што веќе споменавме, во тек е развојот на нови COSDEW производи, со кои планираме дополнително да го збогатиме нашиот асортиман. Паралелно работиме и на проширување на продажните канали, како во Македонија, така и на странските пазари, преку воспоставување нови соработки и партнерства. Имаме многу планови и амбиции за иднината, но сакаме да се развиваме внимателно, чекор по чекор, задржувајќи ги квалитетот и посветеноста со кои го создадовме COSDEW.

Каде го гледате Cosdew во следните три до пет години и што за вас би претставувало вистински успех на брендот?

Сè уште е рано да се каже каде точно ќе биде COSDEW за три до пет години, но секако имаме големи желби и амбиции. Нашата цел е брендот да биде присутен во повеќе европски земји и достапен на големите светски платформи за продажба на козметика. Сепак, нашиот прв приоритет е проширувањето на асортиманот со нови, внимателно развиени производи, но не по секоја цена и не на сметка на квалитетот. Сакаме секој нов производ да биде подеднакво квалитетен и внимателно осмислен како и досегашните. За мене, вистински успех би било COSDEW да стане меѓународно препознатлив бренд, на кој потрошувачите му веруваат и на кој постојано му се враќаат поради квалитетот и резултатите. Не ни е цел само да растеме, туку да изградиме бренд што ќе трае.

- Advertisement -