Интервју со Александар Јакимовски, менаџер на иновации во КаСис

- Advertisement -

Преку ден ги поврзува луѓето, идеите и технологијата во КаСис, а на 26 октомври ќе го видиме на бас-гитара на сцената на BIZBendovi. Александар Јакимовски, менаџер за иновации во КаСис и басист во бендот на компанијата The Cards, зборува за иновациите што решаваат вистински проблеми, за тимската работа и за 25 години КаСис во ист ритам. Во компанија низ чии системи секојдневно минуваат плаќањата на илјадници граѓани и трговци, иновацијата не смее да биде само тренд. Таа мора да биде прецизна, безбедна и усогласена, исто како добро „уигран“ бенд

Што денес ги движи иновациите во финтекот (AI, токенизација, дигитални паричници, instant payments), и каде КаСис гледа најголема можност за следните години? 

- Advertisement -

Денес технологијата се развива побрзо отколку што успеваме да ги научиме сите нови термини, секој ден нешто ново, а ние треба да процениме што од сето тоа навистина има смисла. За мене, иновација не е да имплементираш нешто само затоа што е ново и модерно. Вистинската иновација треба да решава конкретен проблем, да поедноставува процес или да носи реална вредност.

Во КаСис токму така пристапуваме кон работите. Покрај развојот и унапредувањето на платежните сервиси, активно експериментираме и работиме со вештачка интелигенција, автоматизација и нови начини за користење на податоците.

- Advertisement -

Верувам дека најголемите можности допрва доаѓаат, особено во комбинацијата на постоечката платежна инфраструктура со новите технологии. Само треба да внимаваме во трката по иновации да не заборавиме зошто воопшто ги правиме. 

Дали во КаСис има „типичен“ работен ден, или секој носи нова загатка од светот на плаќањата?

- Advertisement -

Одамна се откажав од идејата дека такво нешто постои, особено кога работиш со технологии и иновации. Можеш да го испланираш целиот ден, а потоа еден меил, ново барање или интересна идеја целосно да ти ги смени приоритетите. Еден ден развиваме нови решенија, друг ден истражуваме AI, трет ден решаваме проблем за кој претходно не сме ни знаеле дека постои.

Она што мене најмногу ме мотивира е кога нешто што почнало како обична идеја или дискусија ќе го претвориме во функционално решение и секако, моментот кога ќе проработи од прва е посебно задоволство, иако да бидеме реални, тоа не се случува често.

На БизБендови ќе бидете дел од бендот како басист. Басот е основата на ритамот и врската меѓу инструментите. Дали и иновацијата во платежната технологија функционира слично?

Bо музиката и во технологијата мора прво да ги научиш правилата за да знаеш како креативно да ги користиш. Мене ми е особено интересна паралелата со басот. За разлика од гитарата, која често може да биде во центарот на вниманието, басот е инструмент чија вистинска вредност најмногу се чувствува кога е дел од бендот. Можеби нема секогаш да го забележиш, но ако престане да свири, веднаш ќе почувствуваш дека нешто недостасува. Како басист, мора да го слушаш тапанарот, да ги следиш останатите инструменти и да знаеш кога треба да се истакнеш, а кога едноставно да го држиш ритамот. И токму тука ја гледам најголемата сличност со тимската работа. Можеш да имаш одлични индивидуалци, но ако секој си свири своја песна, тешко дека ќе добиеш добар бенд.

Истото важи и за иновациите. Потребни се креативност, експериментирање и храброст да пробаш нешто ново, но и соработка, доверба и усогласеност меѓу луѓето. Особено во платежната индустрија, каде што лоша импровизација може да има многу посериозни последици од погрешна нота.

На крајот, верувам дека најдобрите резултати никогаш не се заслуга само на еден човек, како и во музиката така и во технологијата, не е најважно кој најгласно свири, туку колку добро сите звучиме заедно. 

Ако КаСис е песна, кој жанр би бил?

 Дефинитивно рок, со елементи на прогресивен рок. Имаме стабилна ритам секција која веќе 25 години го држи темпото, но сакаме и да експериментираме, да менуваме аранжмани и да внесуваме нешто ново. Понекогаш сме класичен рок, се оди по план и сите си ја знаат својата улога. Понекогаш сме прогресивен рок, со комплексни аранжмани, неочекувани промени и моменти кога само музичарите знаат што точно се случува.

 Но на крајот секогаш е важно сите да завршиме во ист ритам.

- Advertisement -