20 C
Skopje
сабота, мај 30, 2020

Македонско ИТ решение за неуромаркетинг номинирано на World Innovation Forum во Швајцарија

Kabtel desktop

Интервју со Весна Кузмановиќ, основач и директор на STRATUM R&D, првата и единствена консултантска компанија за истражување и развој

 

За почеток Весна, сподели со нас и читателите како е во Македонија да си жена претприемач?

Не е лесно да се објасни со некој генерален опис состојбата која секој ден па и час е менлива. Ако треба да изберам неколку клучни зборови за да опишам каков е животот на претприемачите во Македонија е никогаш досадно, предизвикувачки и одговорно. Јас сум претприемач веќе 18 години и како поминува времето се повеќе се запознавам себе си и сфаќам дека јас веројатно сум научена да се борам со неизвесност, несигурност и дека ако е се извесно и средено веројатно би почнала да го менувам постоечкото и да креирам неизвесност. Комфорт зоната е она што тешко ќе го достигнам

Тоа што сум жена во бизнисот не го гледам ниту како предност ниту како недостаток туку сите свои успеси и грешки ги анализирам од аспект на професионалец а не од аспект на родова припадност. Не дека не сум свесна за жртвите кои морам да ги поднесувам како мајка за да можам да го работам она што го знам, сакам а и од кое обезбедувам егзистенција и не дека не ме прави тажна односот кој јавно се манифестира – промоција на мажите и минимално учество на жени на лидерски и клучни позиции во државата но, сепак тоа не ме инхибира туку напротив ме мотивира да ја демонстирам женската сила, уникатен лидерски стил, емпатијата и креативноста. Сето тоа се одлики на женската страна на личноста на поединецот.

Дали тие особини беа клучни како жена претприемач  да изградите компанија која ќе добие понуда за аквизиција од страна на интернационална компанија па со тоа ќе станете и единствената жена во Македонија која успеала да ја продаде својата компанија на странски инвеститор?

Ах да, тоа се случи скоро пред 10 години, кога ГфК ми понудија да  ја купат компанијата која во тоа време беше маркет лидер. И се сеќавам дека тогаш мислев дека тоа е најголемото признание за мојот уникатен лидерски стил, за успесите кои ги нижевме и за богатото портфолио на клиенти кое успеав да ги изградам за 7 години. Тоа беше навистина голема одлука и голем чекор напред и во мојата кариера и во растот на компанијата. Во процесот на преговори воопшто не се водев од финансиската компонента туку да обезбедам пристап до сите иновативни и брендирани алатки на ГфК затоа што како локална компанија тоа тешко можеше да се добие.

ГфК во тоа време важеше за една од најиновативните компании за истражување на пазар и јавно мислење и со аквизицијата мојот тим и јас навистина можевме да учиме многу. И сите напреднавме многу. Но, знаете некои индивидуи едноставно се развиваат побрзо и бараат одговори на прашања кои некои други не ги ни согледуваат во одреден момент. Така после 5 години дел од ГфК (кога го продадов и остатокот од уделот) сфатив дека е време да почнам одново во она што ми се отвори како цел нов хоризонт – Иновации и како истражувањата да помогнат во намалувањето на ризикот од неуспех.

Едноставно сакав и сеуште сум максимално пасионирана за изнаоѓање на нови решенија и за клиентите но, и за професијата која ми е примарна – иновации во истражување.

Последниве три години сте многу активна во областа на иновации и пред се старт ап заедницата. Дали ова е тоа мисијата во која се пронајдовте  професионално?

Како докторант по иновациски менаџмент сакав да ја искусам работата со компаниите кои се максимално иновативни, креативни и флексибилни. Такви се старт ап комапниите.

Јас работам во област на иновации целата своја кариера – работев на развој на голем број брендови и производи во Македонија на кои сум посебно горда затоа што сеуште егизистираат и растат не само на македонскиот пазар туку и регионално. Но, трендот на развој на технологија стана толку актуелен што морав да навлезам во тој цел еден нов свет и да истражам да видам дали можам да научам нешто ново.

Но, ова беше одлична можност и за креирање нов mindset кај бизнисите – дека секоја одлука мора да биде базирана на анализи, на податоци, на факти. Улогата на истражувањата никогаш нема да се намали, напротив се повеќе станува MUST, и сега имам можност тоа да го демонстирам кај идните успешни бизниси.

Кога навлегов во start up заедницата бев фасцинирана, од енергијата на младите, од страста на менторите, од визијата на инвеститорите.

Пресвртна точка беше кога ги открив социјалните иновации. Тогаш сфатив дека тоа е спој на се она кон кое што тежнеев сите овие години. Социјалните иновации  го обединуваат дури целиот мој образовен циклус-психологија, менаџмент, иновации.

Дали во Македонија доволно се инвестира во социјалното претприемништво и социјалните иновации генерално?

Според мене добро е што воопшто тој тренд постои односно индивидуалци и групи покажуваат иницијативи тоа да прерасне во сериозен процес.

Развојот на технологијата овозможува инстантно запознавање со се она што се случува во светот но, проблемот е што тие трендови треба да се прифатат како свои и да почне да се работи сериозно на нивна имплементација.

Во Македонија за жал нема системско решение скоро за ниеден проблем. Еко системот ниту на претприемништво и иновации ниту на социјалното претприемништво и иновации не постои и сега сме во фаза кога ги здружуваме силите сите групи од интерес за да го изградиме еко системот и тој да продуцира кванититет а потоа и квалитет.

Дали посветеноста на развојот на тој еко систем како и работа со старт апите Ве одалечи од истражувањата на пазар?

Не, напротив. Работата со стартапите ми овозможи нова перспектива, како да ми ги изостри сетилата но, и моќта за дефинирање проблем и барање решенија таму каде никој не ги гледа. Така, успеавме да создадеме креативен и посветен тим преку соработката со истражувачкиот центар при МАНУ за развој на најиновативни алатки во областа на истражувањето. Технологијата ги промени и истражувањата на пазар и јавното мислење. Алатките кои се применуваа пред некојa година веќе се застарени и податоците кои ги обезбедуваат се ниско валидни. Затоа, нашиот тим работи на развој на алатки базирани на (AI – artificial intelligence ) или машинско учење, теории на мрежи од ИКТ, и секако се тоа прилагодено на конкретната област – неуромаркетинг.

Потенцијалот на ова решение го проценија водечки инвеститори од Силиконската долина па така сме номинирани на WIF (World Innovation Forum) во Швајцарија и зато сакам да ги замолам читателите на Иновативност да стиснат лајк на видеото, тоа е еден од критериумите при пичингот – колку успеало да го привлече вниманието и на јавноста. Покрај тоа што е иновативно, со точност во проценката и предвидувањето на резултатите оваа солуција додава елементи на социјален импакт односно ќе има примена во многу области на човековото функционирање како: образованието, бизнис, претприемништво,  учество на граѓаните во управувањето и социјалното функционирање итн.

Се надевам дека периодов што следи ќе биде имплементација на целото искуство но фино измешано и збогатено со желбата за наоѓање нови и ефикасни решенија од кои најголемата придобивка ќе ја имаат клиентите на STRATUM R&D.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •