Слаткото од диви смокви со најголем потенцијал да биде заштитено како традиционален производ

- Advertisement -

Слаткото од диви смокви кое традиционално се произведува во југоисточниот регион на Македонија, има најголем потенцијал да биде заштитено како традиционален производ со географска ознака, покажало истражувањето на организацијата Слоу Фуд Македонија.

Потенцијалот на слаткото од диви смокви да се заштити како традиционален производ е детектиран поради фактот дека речиси половина од фармерите (43%) одговориле дека произведуваат слатко од диви смокви. Според авторот на анализата, Вјара Стефанова од бугарската организација Општество за територијален и еколошки просперитет, овој производ ги исполнува условите да добие или заштитена ознака на потекло или заштитена географска ознака.

- Advertisement -

Истражувањето било спроведено во рамки на проектот „Од нива до маса – Канализирање на проблемите на фармерите преку документи со ставови и други пишани форми“ финансиран од програма наменета за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за одржливо земјоделство во државите од Западен Балкан.

Резултатите од истражувањето и анализата беа презентирани минатата недела на конференцијата „Регулативите на маса: во поддршка на традиционалните производства“ организирана од Слоу Фуд Македонија.

- Advertisement -

Преку ова истражување биле опфатени 30 фармери од југоисточниот регион на Македонија кои ги искажале своите проблеми и очекувања, но и интересот и мотивацијата за заштита на нивните производи преку една од шемите за квалитет како заштитена ознака на потекло, заштитена географска ознака и гарантиран традиционален специјалитет.

 

- Advertisement -

Заштитувањето на производот има потенцијал да придонесе кон зацврстување на производот на домашниот пазар, но и позиционирање на странски пазари. Засега, скоро половина од фармерите кои го произведуваат слаткото од диви смокви изјавиле дека најчесто го продаваат преку директна продажба до крајните потрошувачи или пак на останати трговци и продавници. Исто така, предност од заштитените ознаки за потекло и заштитените географски ознаки е што преку зачувување на традиционалните земјоделски и преработувачки практики, може да се придонесе кон економски развој на регионот каде земјоделскиот сектор е од големо економско значење.

Една од третина од фармерите вклучени во истражувањето изјавиле дека недостатокот на финаниска поддршка е еден од главните проблеми поради кои досега не го започнале процесот за заштита на своите традиционални производи. Југоисточниот регион на Македонија за сега нема производи заштитени со една од ознаките, а единствениот производ кој добил заштитена географска ознака на национално ниво е охридската цреша.

„Сметаме дека тоа што имаме само еден заштитен производ во Македонија е многу малку и поради оваа причина го спроведуваме овој проект, да докажеме дека навистина имаме доста производи кои можат да добијат една од заштитените ознаки. Со проектот сакаме за почеток да добиеме заштитени ознаки барем за уште два традиционални производи од производите како мариовски мед, беровски компир, преспанско јаболко, дебарско сирење и кашкавал и други.“, изјавија од Слоу Фуд Македонија.

Добивањето на заштитена ознака на национално ниво претставува чекор и кон заштита на традиционалниот производ и на ниво на Европската унија, што отвора простор за поголема промоција на производот и регионот, како и потенцијален рурален развој и поттикнување на туризмот.

Организацијата Слоу Фуд Македонија заедно со здружението Еко Росалис моментално работат на избор и опишување на производи кои можат да бидат заштитени како традиционални производи со географска ознака, а се надеваат дека ќе обезбедат заштитена ознака за слаткото од диви смокви до 2019 година. Мисијата на Слоу Фуд Македонија како организација е да го заштити локалниот биодиверзитет на храна во Македонија и да ги поддржи малите, семејни производства на храна.

Сподели!
- Advertisement -