По пет години живеење во Дубаи, Коста Петров се враќа во Македонија и овде ја основа  креативната агенција „P World“. Таа работи на организирање бизнис настани во 40 земји низ светот, а нуди и услуги за односи со јавноста на компании кои се соочуваат со криза. Проблеми секогаш има, вели Петров. Се сеќава на почетничките грешки кога нивната компанија започнала со работа во Македонија.

Коста Петров

„Ја отворивме компанијата и четвртиот месец нè казнија инспекција 6000 евра. Воопшто не ни беше ниту објаснато зошто нè казнија. Дури после кога се сретнав со адвокатот кога му објаснив што се случува ми се смееше, ми вика па зарем не знаеш како функционираат работите овде?“, вели тој.

„P World“ сега работи со компании во Северна Америка. Но, нивната поголема грешка се случила две години по основањето, кога се обиделе да се протнат во Израел. Агенцијата требало да организира голем маркетинг настан на кој би присуствувале претставници од гигантите како Гугл и Фејсбук. Но, иако на почетокот имале поддршка, на крај, планот не поминал. Израел е земја на иновации, но пазарот е позатворен, објаснува Петров.

„Тогаш ни се случи првпат да бидеме блиску до банкрот. Да се запрашаме – чекај, дали на толку многу луѓе ќе може да им даваме плата во следниот период, кој ќе биде подготвен да работи под таков притисок.. Тогаш изгубив некои луѓе кои навистина ги ценев. Меѓутоа, во тој момент не можевме да се усогласиме, ниту финансиски да си дозволиме да бидат дел од компанијата. Тоа беше првиот шок и удар на реалност“, вели тој.

Успехот доаѓа благодарение на упорната работа, предизвиците, но и жртвите, вели Викторија Шотароска. Нејзината компанија која постои веќе 17 години е наградена за најдобра во категоријата „грижа за клиенти“, а пред две години, Шотароска беше рангирана меѓу 10-те најдобри менаџерки во Македонија.

„Еден таков убав сончев ден, колешката од правниот сектор доаѓа кај мене во канцеларија и вели – Викторија, ние имаме сериозна грешка, сериозен проблем,сериозна ситуација.“

Викторија Шотароска

Вака оди приказната на Шотароска за неуспехот што го доживеала нејзината компанија. Сè започнало со вработување на едно лице во магацинот каде чувале огромни количини на роба. Но, при вработувањето заборавиле на основните начела – да ја проверат личноста што ја примиле. Сепак, личноста икс, како што раскажува Шотароска, се покажала успешна, ја освоила поддршката од вработените и за кратко веќе станала дури и куќен пријател со дел од нив. Од време на време се позајмувала за пари, но ги враќала, сè додека работата не излегла од контрола и еден ден вработениот се појавил со раскрварено лице на работа.

„Икс мен кажал дека долгува пари и дека лицата веќе му се закануваат и дека станува збор за смрт или за живот, дека навистина му е потребна неверојатна помош. Колегите не знаеле што да прават во таа ситуација и решиле да преземат чекор што во суштина не смееле, без да се консултираат со претпоставениот.

Колегата рекол дека за кратко врме ќе дојде возило кое ќе треба да товари конктретна роба која што тој ја избрал, затоа што точно знаел која роба е најскапа во нашиот склад и рекол дека за многу кратко време ќе биде вратена, или ќе биде исплатена. Колегите избезумени само го направиле тоа коешто нивниот драг колега им го кажал, со цел да го спасат. Робата била товарена и заминува во непознат правец. Е баш тој сонцев ден, колешката од правниот дел доаѓа и ми вика – Викторија ние навистина имаме сериозен проблем“, раскажуваше таа,

Избезумена бидејќи станувало за огромна сум на пари, Шотароска некако успеала да остане приземена. Го сфатила својот неуспех и го отпуштила лицето, но им дала шанса на останатите вработени да објаснат зошто учествувале во тоа и да ја поправат својата грешка. Во случајов, Шотароска го презела целиот терет на себе, со цел компанијата да не трпи штета. И проблемот го решиле интерно, а парите биле вратени за година ипол. Оваа случка послужила како убава лекција.

„Тоа значи дека дефинитивно грешки ќе постојат, и постоеле, но многу е важно да застанеме зад нив и на соодветен начин да ги решаваме. Тоа е она што јас го нарекувам моја научена лекција“, смета таа.

Но, неуспехот не е секогаш директно поврзан со пречките во раководењето на бизнисот. Тоа некогаш зависи и од препреките во животот. 24-годишната тетовка Нина Костовска е дипломирана на катедрата по македонски јазик на Државниот универзитет во Тетово, а работи како фармацевтка во аптеката на нејзините родители. Таа е лице со Даунов синдром и не се срами да го каже тоа. Напротив, Нина е убедена дека го нашла рецептот за успех.

„Јас имам вишок хромозом и тоа ме прави да го чувствувам како грешка. И баш, поради тоа, често правам грешки во текот на животот. Уште мала грешам… грешам во зборувањето, некои чудно ме гледаа и ми се потсмеваа. Грешев во пишувањето и често некои накриво ме гледаа како да сум некој крадец. И знаев да се запрашам – каде е мојот грев, па јас не го вградив тој вишок хромозом за да ме гледаат како крадец“, зборуваше Нина.

Ако за некој вишокот значел успех, за неа тоа значело болка и страдање. Според Нина, најголемите болести на денешницата се поделбите и предрасудите.

„Мене тој хомозом ми е даден како некое искушение, за да се борам со своите грешки, да им дадам пример на другите за да најдат надеж за борба, за живот, за насмевка, за добрина, за поддршка. Јас го прифатив искушението, но дали вие ќе ме прифатите мене и другите како мене. Е тоа останува нас вас“, нагласи таа.

Што се случува, пак, кога ваш најголем непријател сте самите вие? Мерсиха Смаиловиќ е основач на фирма за правно-економски консултантски услуги, но и активистка за човекови права. Таа отсекогаш знаела дека сака да биде правник и се запишала на Правниот факултет во Скопје. Потоа, започнала сопствен бизнис заедно со својата најдобра пријателка. Веќе неколку години има и нејзина организација која се фокусира на човековите права, а во меѓувреме формира и свое семејство. Низ сите периоди од нејзиниот живот се провлекувала желбата да продолжи со своите студии надвор од државата, на некој од поголемите универзитети.

Но, кога конечно се појавила можноста да ја оствари својата желба, се појавила најголемата дилема – да ја зграпчи шансата, или да го задржи тоа што го има.

Мерсиха Смеиловиќ

„Не прифатив и згрешив. Навистина згрешив, Ај фејлд скроз затоа што не прифатив да одам надвор од Македонија, затоа што не беа само понудите и приликите, туку и тоа што јас го имав како влог. Имав компанија која беше успешна, имав ќеркичка за која ми помагаа цел корпус на луѓе за да можам да бидам активна и да работам, сопругот требаше да дојде со мене, што значи уште една жртва по пат, ќе морав да му наоѓам занимации додека студирав. Едноставно не знам, можам да набројувам сто причини зошто не прифатив, дури можам и книга да напишам“, признава Смаиловиќ.

Но, уште наредниот ден по рокот за пријавување престанала да размислува за нејзината грешка и се фокусирала на тоа што добива со останувањето во Македонија.

„Не добив знаење од светот, добив знаење од Бит пазар, но тоа знаење дефинитивно ми помогна да се борам за измена на Законот за азил во 2015 година. Тоа искуство на терен ми дозволи да седнам на иста маса со најискусните професори од универзитетите во светот да зборувам како и јас да доаѓам од некој голем универзитет. Дефинитивно сфатив дека тоа што ние го имаме од терен, со кого и зошто работиме, ми помогна да бидам самодоверба во своето знаење, па и ако не е од Јејл или од Кембриџ“, вели уверено Смаиловиќ.

Грешките ја научиле да сонува повеќе, да цели повисоко и да се бори појако. Коста Петров, пак, вели дека предизвиците никогаш нема да завршат. Од денешна гледна точка, тој внимава пред да влезе на нечиј пазар, бидејќи некои работи не се во нивна контрола.

„Кога тоа ти се случува те фаќа паника, особено ако е твој сопствен бизнис, бидејќи емотивно си поврзан со бизнисот. Ти не чувствуваш само дека бизнисот ти пропаѓа, туку и ти дека не си добар како личност, дека не можиш да ги заштитиш вработените. Па, во тој моментив мислиш дека си имал вработени кои верувале во твојата идеја, но во моментот на кризата си заминуваат. Не сакаат да ја поминат кризата со тебе. Меѓутоа, имаа и некои што останаа. Така што, тоа беше една лекција што ми ги отвори очите и ми покажа дека некогаш можеби е попаметно да се откажеме, да се подготвиме, па потоа да правиме нешто. А не некако само да удираме во ѕидот, мислејќи дека ќе се скрши. Некои ѕидови не се кршат толку лесно“, забележува тој.

Проблемот во компанијата на Шотароска се решил така што им дала нова шанса на вработените кои си ја признале грешката. За неа тоа е вистинскиот чекор бидејќи тие сега работеле уште попосветено. Петров надополнува дека стравот од неуспех е разбирлив. За Смаиловиќ, пак, предизвиците значат тест за да си ја преиспита сопствената дефиниција за успех. Според неа, луѓето имаат погрешна слика во која се ценат наградите, но не и борбата.

„Размислувам за малиот Сеиф кој во 2015 година при случајна посета во прифатниот центар за странци го најдовме сосема сам без семејство. Размислувам на илјадниците луѓе на кои им помогнавме и ја вративме вербата во хуманоста и човештвото. Размислувам за целата борба, за дискриминацијата, родовата еднаквост. Се обидувам да размислувам на сите мали битки или големи битки кои ние ги направивме тука кај нас“, се потсетува таа.

***

Мерсиха Смаиловиќ,  Нина Костовска и Викторија Шотароска, беа говорнички на петтото издание на настанот iFail, организиран од „Global Shapers Skopje“, со цел да покаже дека и најуспешните можат да згрешат. Ваквите приказни покажуваат дека грешките се неизбежен дел од лекцијата за градење бизнис, но начинот на кој тие се надминуваат е всушност она што го дефинира успехот.

Емилија Петреска

Подкастот и интервјуата од серијалот Skills that Pay the Bills се изработени од Радио МОФНивна цел е да ангажираат млади лидери преку претприемништво и да ја подобрат свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.