На Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денес свечено беше отворена новата Лабораторија за органска хемија.
Инвестицијата за реализација на оваа значајна едукативно-научна лабораторија во вредност од 2 милиони денари е обезбедена со поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Министерството за образование и наука, како и со сопствени средства на факултетот. Новата лабораторија претставува современ простор кој ќе овозможи унапредување на наставно-научната работа и создавање подобри услови за едукација и истражување во областа на органските технологии.
На настанот се обратија министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, како и деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Игор Јорданов, кои ја истакнаа важноста на оваа инвестиција за развојот на високото образование и научно-истражувачката дејност во државата.
„Во СТЕМ образованието, на кое се темели современиот технолошки развој, лабораториите претставуваат основен ресурс. Преку практична настава студентите најдобро учат, развиваат вештини и компетенции со кои стануваат поконкурентни на пазарот на труд и поподготвени за академска кариера. Со новиот Закон за високо образование овозможуваме воведување на стручни студии како дополнителна можност за студентите, покрај академските програми. Оваа лабораторија е важна и за двата типа студии. На студентите на стручните студии ќе им го олесни непосредното вклучување во работните процеси. На академските студии, студентите овде ќе можат да вршат истражувања и да се вклучуваат во научна работа. Така што, ви честитам за новата лабораторија и посакувам успешна работа во иднина, а МОН ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи и инвестиции“, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

За ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова овој значаен настан претставува уште еден чекор напред во развојот на научно-истражувачката инфраструктура и унапредувањето на наставниот процес. Новата лабораторија не е само современо опремен простор, туку и симбол на посветеноста кон знаењето, иновациите и иднината на науката.
„Органската хемија е темел на бројни индустрии – од фармацијата, преку прехранбената индустрија, до современите материјали и енергетиката. Со оваа лабораторија, на нашите студенти и истражувачи им овозможуваме услови да работат со најсовремена опрема, да ги продлабочуваат своите знаења и да создаваат нови вредности кои ќе имаат практична примена во општеството. Оваа инвестиција е доказ за нашата визија – да изградиме силна врска помеѓу образованието, науката и индустријата, и да создадеме кадар кој ќе биде конкурентен на домашно и на меѓународно ниво“, истакна ректорката Ангелова.

Со отворањето на оваа лабораторија, Технолошко-металуршкиот факултет, институција која повеќе од шест децении образува инженери за сите индустриски гранки во земјава, дополнително ги зајакнува своите капацитети за современа едукација, практична настава и научно-истражувачка работа, во согласност со најновите образовни и технолошки стандарди.
„Оваа современо опремена лабораторија претставува значаен чекор напред во едукацијата и истражувањата во областа на органските технологии Таа е особено важна и во контекст на новата концепција за гимназиско образование, која предвидува учениците во трета и четврта година да избираат природни науки и практичната настава да ја реализираат на некои од Факултетите. Оваа современа лабораторија потполно одговара на овој концепт и очекуваме гимназиите кои гравитираат околу Технолошко-металуршкиот факултет да ги искористат капацитетите на лабораторијата и да ги изведуваат практичните вежби по предметите хемија, физика и биологија на нашиот факултет. Секако, придонесот е огромен и за нашите студенти – идни инженери, како и за наставно-научниот кадар на факултетот“, истакна деканот на факултетот, проф. д-р Игор Јорданов, во оваа прилика.




































