Во време кога многумина зборуваат за вештачката интелигенција како за следна голема револуција, малкумина ја гледаат и од страната на моќта, одговорноста и системите што треба да ја издржат. Снежана Зивчевска-Сталперс е токму еден од тие ретки гласови, професионалка со повеќе од две децении меѓународно искуство во AI, дигитална трансформација и технолошко управување, која работи на пресекот меѓу бизнисот, иновациите и комплексните регулирани средини во Европа и САД.
Денес од Атланта, еден од најдинамичните технолошки екосистеми во Америка, таа ја следи AI ерата одвнатре, како стратег, евалуатор, советник и експерт што разбира дека вистинската трансформација не започнува со алатка, туку со промена на начинот на размислување, одлучување и водење. Во ова интервју зборуваме за разликите меѓу американскиот и европскиот модел на иновација, за agentic AI, за одговорноста што доаѓа со автономните системи, но и за тоа што значи да се гради кариера, влијание и лидерство како жена во глобалниот технолошки екосистем.
новинарка | Љубица Ангелкова
Живеете и работите во Атланта, во средина која е дел од еден од најдинамичните технолошки екосистеми во САД. Како изгледа одвнатре моменталниот AI бран? Дали навистина сме во историски момент или дел од приказната е сепак „AI bubble“?
AI моментот што го гледаме денес одвнатре во САД, а особено во екосистем како Атланта, навистина има карактеристики на историски технолошки пресврт. Во последните две години генеративната вештачка интелигенција драматично го забрза циклусот на иновации, од стартапи и истражувачки лаборатории, до големи корпорации кои инвестираат милијарди во AI инфраструктура, модели и апликации. Во Атланта, на пример, многу јасно се гледа како универзитетите, стартапите, корпорациите и инвеститорите се поврзуваат околу AI, од истражувања во лабораториите на Georgia Institute of Technology, до бројни стартапи кои развиваат решенија за во здравство, финансии, логистика, авијација итн. Но истовремено, постои и елемент на „AI hype“, што е мислам дека е нормално за секоја голема технолошка револуција. Истражувањата покажуваат дека, иако AI пошнува да се користи нашироко но тоа е воглавном во средини во кои нема јаки регулативи и каде процесите не се толку комплексни, за разлика од средините со силна регулатива таму AI е сеуште во рана фаза на имплементирање и таквите организации сè уште експериментираат, тестираат алатки, пилот-проекти и нови модели на работа. Дополнително, вистинската AI трансформација бара многу повеќе од софтвер и алатки. За да таа трансформација е успешна потребни се исто така нови организациски процеси, квалитетни и прочистени податоци, посилна заштита на податоците, транспарентност во управувањето со податоци, нови вештини, како и нова и сериозна инфраструктура. Од друга страна, брзиот раст на AI дата-центрите веќе значително ја зголемува потрошувачката на електрична енергија во САД, што покажува дека постоешката физичка инфраструктура не е доволна и таа мора да се развива паралелно со софтверот. Затоа, ако треба да се одговори директно на прашањето, да, се наоѓаме во историски момент, но истовремено сме и во фаза во која очекувањата се поголеми од реалната имплементација. Вистинската економска и индустриска AI трансформација допрва ќе се случува, во следните пет до десет години, кога компаниите ќе бидат целосно системски подготвени, а тоа значи редизајнирани бизнис процеси и оперативност во согласност со AI технологијaта.
Во последно време многу се зборува за следната фаза. Што всушност значи тоа за компаниите и како ќе го промени начинот на кој се носат деловните одлуки?
Да во последно време сè повеќе се зборува за Agentic AI, што во суштина е следната еволутивна фаза на вештачката интелигенција. Ако првата фаза на AI беше аналитика на податоци, а генеративната AI донесе системи кои можат да создаваат текст, код или слики, Agentic AI оди чекор понатаму, тоа се системи кои можат самостојно да планираат, да донесуваат одлуки и да извршуваат комплексни задачи во повеќе чекори. Со други зборови, наместо AI да биде само алатка која одговара на прашања, Agentic AI функционира повеќе како дигитален „оперативен агент“ кој може да управува со цели процеси. На пример, во компанија тоа може да значи систем кој автоматски анализира пазарни податоци, предлага стратегија, иницира одредени активности, истпаќа емајлови, апдејтира документи, итн. За компаниите ова ќе има огромни импликации. Така да во следните години ќе гледаме постепен премин од “software tools” кон “autonomous systems” кои активно ќе учествуваат во деловните и оперативните процеси. Тоа значи дека многу од одлуките кои денес ги носат менаџерите врз основа на извештаи и анализи, во иднина ќе бидат поддржани или делумно автоматизирани од AI агенти кои работат во реално време и со огромни количини податоци. Сето тоа иако звучи многу напредно, ќе донесе и многу нови предизвици. Компаниите најпрво ќе мораат да развијат нови модели на управување што ќе вклучува како да се контролираат тие автономни AI системи, како да се обезбеди доверливост на одлуките и како да се дефинира одговорноста кога дел од одлуките се носат од алгоритми а алгоритмите понекогаш знаат и да халусцинираат. Затоа многу експерти веќе велат дека вистинската трансформација од AI нема да биде само технолошка, туку и организациска и управувачка. Agentic AI ќе го промени не само начинот на работа, туку и начинот на кој компаниите размислуваат за лидерство, одлучување и стратегија.

Вашата работа е силно поврзана со AI governance, особено во комплексни и регулирани системи. Дали технолошката индустрија е подготвена за одговорноста што ја носи оваа нова технологија?
Ако треба да одговорам искрено, делумно да, но во голема мера сè уште не.
Технолошката индустрија во последните години направи значителен напредок во разбирањето на прашањата поврзани со AI governance, етика, транспарентност и управување со ризици. Големите технолошки компании веќе инвестираат во цели тимови кои се занимаваат со безбедност на AI системите, објаснивост на алгоритмите и управување со податоци. Но проблемот е што развојот на технологијата се движи многу побрзо од институциите, регулативата и организациските практики. Во многу компании AI се воведува експериментално и преку пилот-проекти и нови апликации, без целосно дефинирани правила за одговорност, контрола и управување со ризици. Во комплексни и регулирани системи, како што се здравството, финансискиот сектор или авијацијата, ова прашање е особено чувствително. Таму AI не е само технолошка иновација, туку дел од критична инфраструктура, каде што одлуките на алгоритмите можат директно да влијаат врз безбедноста, економските резултати или дури и човечките животи. Затоа сè повеќе се зборува за потребата од „AI governance by design“ – односно управувањето со ризиците, етиката и одговорноста да биде вградено во самиот дизајн на системите, а не да се додава како дополнителен слој откако технологијата веќе е имплементирана. Моето мислење е дека следната фаза на AI развојот нема да биде водена само од тоа што технологијата може да направи, туку од тоа како одговорно и доверливо може да се користи. Компаниите кои ќе успеат да изградат доверба, транспарентност и јасни механизми на управување со AI системите ќе направат значителна стратешка предност во наредната декада.
Европа често се опишува како континент кој заостанува во AI трката со САД. Од ваша перспектива, дали тоа е реален јаз или повеќе различна регулаторна филозофија?
Ова прашање често се поставува како „дали Европа заостанува“, но реалноста е малку покомплексна. Да, постои одреден јаз помеѓу САД и Европа кога станува збор за брзината на комерцијализација, инвестициите во AI стартапи и скалирање на технолошките стартапи. Во САД постои многу посилен капитал, побрзо носење деловни одлуки и поголема толеранција кон експериментирање и неуспех. Тоа природно создава побрз циклус на иновации. Но од друга страна, Европа има поинаква филозофија на технолошки развој, која е многу повеќе фокусирана на регулација, заштита на податоците и општественото влијание на технологијата. Иницијативи како EU AI Act, GDPR и другите регулаторни рамки се обидуваат да обезбедат AI да се развива на начин кој е безбеден, транспарентен и усогласен со демократските вредности. Проблемот е што таа регулаторна претпазливост може и да ја успори иновацијата. Во САД често се гледа пристапот „build first, regulate later“, додека Европа се обидува да ги дефинира правилата уште пред технологијата целосно да се развие.Од моја перспектива, не станува збор само за технолошка трка, туку за две различни модели на технолошко управување. Американскиот модел е пазарно-воден и многу агилен, додека европскиот модел е повеќе институционален и вредносно ориентиран. Прашањето за иднината не е кој модел ќе „победи“, туку дали може да се најде баланс помеѓу брзината на иновација и одговорното управување со технологијата. Во свет каде AI ќе влијае врз економијата, безбедноста, и демократијата, и двата аспекта ќе бидат подеднакво важни.
Работите со стартапи и технолошки компании на глобално ниво. Што е она што најмногу ја дефинира американската стартап култура?
Она што најсилно ја дефинира американската стартап култура е екстремната ориентација кон брзина, скалирање и амбиција. Во САД стартапите ретко размислуваат во локални или регионални рамки туку уште од самиот почеток се градат со идеја дека нивниот производ или технологија треба да има глобално влијание. Втората важна карактеристика е културата на експериментирање и прифаќање на неуспехот. Во многу европски средини неуспехот често се гледа како ризик за репутацијата, додека во американската стартап сцена тој се смета како дел од процесот на учење. Тоа им овозможува на претприемачите многу побрзо да тестираат идеи, да прават промени во стратегијата и да го пронајдат вистинскиот пазар. Третата клучна компонента е екосистемот. Во градови како Атланта, Остин, Сан Франциско или Њујорк постои многу силна поврзаност помеѓу универзитетите, инвеститорите, корпорациите и стартапите. Ова создава средина каде што знаењето, капиталот и контактите циркулираат многу брзо, што значително го забрзува развојот на нови компании. И можеби најважното, американската стартап култура е силно водена од јасна пазарна логика. Инвеститорите многу брзо поставуваат едно едноставно прашање: дали ова решение решава реален проблем и дали постои доволно голем пазар за него? Стартапите кои не можат јасно да одговорат на тоа прашање обично многу брзо исчезнуваат. Токму комбинацијата од амбиција, брзина, капитал и пазарна дисциплина ја прави американската стартап сцена толку динамична и влијателна на глобално ниво.
Кога разговарате со основачи на стартапи од различни пазари, што најчесто ги разликува претприемачите од САД од оние од Европа или Балканот?
Кога разговарам со основачи од различни пазари, најчесто се забележуваат неколку клучни разлики, и тие не се само економски туку и културни и ментални модели на размислување. Прво, американските претприемачи речиси секогаш размислуваат во многу поголема скала. Кога ќе основаат стартап, нивното прашање не е „дали ова може да функционира во мојата земја“, туку „дали ова може да стане глобална компанија“. Тоа создава сосема поинаков пристап кон производот, инвестициите и растот. Втората разлика е односот кон ризикот. Во САД неуспехот е дел од претприемачкиот процес и често се гледа како искуство што носи ново знаење. Во многу европски земји, а особено на Балканот, неуспехот сè уште има посилна социјална стигма, што понекогаш ги прави претприемачите повнимателни и поконзервативни во носењето одлуки.Третата разлика е фокусот на пазарот. Американските стартапи многу рано инвестираат во разбирање на клиентот што вклучува интервјуа со потенцијални корисници, тестирање на производот, јасно дефинирање на проблемот што го решаваат. Во Европа и на Балканот често гледаме стартапи кои се фокусираат повеќе на самата технологија, отколку на пазарната потреба. Но важно е да се каже дека стартапите од Европа и Балканот имаат и свои силни страни. Тие често имаат многу силна техничка експертиза, високо образовани инженери и способност да градат комплексни технологии со помалку ресурси. Затоа, во пракса најуспешните компании често се оние кои успеваат да ги комбинираат овие две перспективи – европската техничка длабочина и американската амбиција за глобален раст. Тоа е комбинацијата која денес најчесто создава стартапи со вистински глобален потенцијал.
Ако еден стартап од Македонија сака да излезе на глобален пазар, кои се трите најчести грешки што треба да ги избегне?
Кога стартапи од помали пазари, како Македонија, размислуваат за глобална експанзија, често гледам неколку повторувачки грешки. Првата и можеби најчеста е недоволна јасност околу реалниот проблем што го решаваат. Многу стартапи се фокусираат на технологијата што ја изградиле, но не секогаш доволно на тоа дали постои доволно голем и јасно дефиниран пазар за тоа решение. На глобално ниво, инвеститорите и клиентите многу брзо поставуваат едно прашање: кој конкретен проблем решавате и за кого? Втората честа грешка е недоволно разбирање на локалниот пазар и екосистем. Секој пазар има свои правила, од начинот на кој се носат деловни одлуки, до тоа како функционираат партнерствата, инвестициите и продажните циклуси. Стартапите кои се успешни на глобално ниво обично инвестираат многу време во градење локални контакти, партнерства и мрежи. Многу стартапи од технички силни средини имаат одлични инженери и изградени производи, но ја потценуваат важноста на go-to-market стратегијата. На глобален пазар, добрата технологија сама по себе ретко е доволна. Потребни се јасна вредносна понуда, добро дефиниран идеален клиент (ICP) и систематски пристап кон продажба и партнерства. Но, можеби најважната работа што би им ја препорачала на основачите е да размислуваат глобално уште од самиот почеток. Тоа значи производот, стратегијата и бизнис моделот да се дизајнираат со идеја дека пазарот не е само една земја, туку целата меѓународна сцена.

Во последната деценија темата за жени во технологијата стана многу видлива. Од вашето искуство во Македонија, Холандија и САД, дали навистина се случува промена?
Да, промената дефинитивно се случува, но таа е побавна и посложена отколку што понекогаш изгледа на површина. Во последната деценија темата за жените во технологијата стана многу повидлива, има повеќе иницијативи, програми за поддршка, мрежи и јавни дискусии за ова прашање. Тоа само по себе е важен чекор, бидејќи создава нови модели на видливост и инспирација за следните генерации. Од моето искуство во Македонија, Холандија и САД, можам да кажам дека контекстот е различен во се која средина, но предизвиците се во суштина слични. Во многу компании бројот на жени во технологијата расте, особено на почетните и средните позиции. Но кога станува збор за основачи на стартапи, инвеститори или лидерски позиции, таму промената сè уште оди побавно. Она што е охрабрувачко е дека денес постои многу поголема свесност дека различноста не е само прашање на правичност, туку и прашање на квалитет на иновацијата. Истражувањата покажуваат дека разновидните тимови носат подобри одлуки и создаваат производи кои подобро ги разбираат потребите на различни групи корисници. Но вистинската промена ќе дојде кога темата нема да биде само симболична или комуникациска, туку ќе биде поврзана со реални можности, пристап до капитал, лидерски позиции, менторство и видливост во индустријата. Со други зборови, напредокот постои, но вистинската промена ќе се случи кога видливоста ќе се претвори во влијание и лидерство.
Во моментов во САД гледаме интересен контраст: дел од политичките наративи се оддалечуваат од политиките за диверзитет, додека приватниот сектор продолжува да инвестира во инклузивност. Како го читате тој парадокс?
Навистина постои еден интересен парадокс во САД во моментов. На политичко ниво, во одредени кругови се појавува критика или дистанцирање од формалните политики за диверзитет и инклузија. Но истовремено, во голем дел од приватниот сектор, особено во технолошките компании и глобалните корпорации инвестициите во диверзитет и инклузивност продолжуваат. Причината е прилично прагматична. За многу компании ова веќе не е само вредносно или општествено прашање, туку прашање на конкурентност. Во индустрии како технологијата, каде што иновацијата е клучна, компаниите се свесни дека различните перспективи, искуства и култури често водат до подобри идеи и поинклузивни производи. Дополнително, многу од овие компании работат на глобални пазари, со корисници од различни култури и региони. Затоа им е потребна организациска култура која ги разбира тие различности. Мислам дека овој контраст всушност покажува една поширока динамика во американското општество: политичкиот дискурс понекогаш се движи во бранови, но пазарната логика и потребата за талент и иновација често водат поинаков курс. На долг рок, компаниите кои ќе успеат да изградат средини во кои различни таленти можат да напредуваат и да придонесуваат ќе имаат поголема способност за иновација и адаптација. Затоа мислам дека темата за инклузивност ќе продолжи да биде важна, дури и ако формите во кои се изразува се менуваат.
Што е најважниот совет што би им го дале на млади жени од регионот кои сакаат кариера во технологија или стартап екосистемот?
Најважниот совет што би им го дала е да не чекаат „совршен момент“ за да започнат нешто: проект, иницијатива, курс/едукација или нова кариера. Во технологијата и стартап екосистемот, највредниот капитал не е само знаењето, туку љубопитноста, храброста да се експериментира и подготвеноста постојано да се учат нови работи и вештини. Втората работа е да не се ограничуваат со географската локација во која се наоѓаат. Денес технологијата е глобална индустрија, можете да работите на производи, проекти, иницијативи и идеи кои имаат влијание далеку надвор од границите на земјата. Многу таленти од нашиот регион веќе покажуваат дека квалитетот на знаењето не зависи од тоа каде сте родени, туку од тоа колку сте подготвени да учите и да се вклучите во глобалната сцена. И третата, можеби најважна работа, е да изградат самодоверба и мрежа на квалитетни луѓе околу себе. Во технологијата, како и во секоја друга индустрија, можностите често доаѓаат преку соработка, менторство и заедници. Светот на технологијата сè уште се развива и има огромен простор за нови идеи и нови лидери. Затоа мојата порака би била: не се обидувајте само да влезете во индустријата, обидете се да ја обликувате.
После повеќе од две децении работа во технологија и дигитална трансформација, што ве изненадува најмногу во оваа нова AI ера?
Она што најмногу ме изненадува во оваа нова AI ера не е само брзината на технолошкиот напредок, туку брзината со која AI влезе во секојдневната работа на милиони луѓе. Во претходните технолошки бранови како cloud, big data или мобилните платформи, трансформацијата обично започнуваше во техничките тимови и постепено се ширеше низ организациите. Со генеративната AI се случи нешто поинакво: технологијата буквално за неколку месеци стана алатка која ја користат инженери, маркетинг тимови, менаџери, студенти, па и креативци. Тоа ниво на масовна и брза адаптација е нешто што ретко сме го виделе во историјата на технологијата. Но истовремено ме изненадува и уште нешто а тоа е колку е голем јазот помеѓу ентузијазмот околу AI и реалната трансформација. Многу компании експериментираат со AI алатки, но вистинската промена вклучува и редизајн на процеси, нови бизнис модели и нови начини на носење одлуки, а тоа допрва треба да се случи. Затоа мислам дека сме само на почетокот. AI денес најчесто ја зголемува продуктивност а на поединците, но во следната фаза ќе почне да ги редизајнира самите организации и индустрии. И можеби најинтересното прашање во следната декада нема да биде само што може да направи AI, туку како луѓето и организациите ќе научат да работат заедно со интелигентни системи. Токму тогаш ќе се случи вистинската трансформација.
Ако треба да погледнеме 5–10 години напред, што мислите дека ќе биде најголемата промена што AI ќе ја донесе во бизнисот и општеството?
Ако гледаме пет до десет години напред, мислам дека најголемата промена нема да биде само во тоа што AI може да направи, туку во тоа како ќе се редизајнира начинот на кој функционираат организациите и економијата. Во многу индустрии ќе преминеме од свет во кој софтверот е алатка што луѓето ја користат, кон свет во кој интелигентни системи активно ќе учествуваат во носењето одлуки и управувањето со процесите. Со појавата на автономни AI агенти, многу деловни операции, од анализа на податоци, до оптимизација на синџири на снабдување или управување со сложени системи, ќе станат значително поавтоматизирани. Но можеби уште поважна ќе биде промената во природата на работата. AI ќе преземе многу од рутинските и аналитичките задачи, што ќе значи дека човечката вредност сè повеќе ќе се фокусира на креативност, стратегиско размислување, интердисциплинарно решавање проблеми и лидерство. Во бизнисот тоа ќе создаде нов тип на организации, помали но многу поефикасни компании, кои со помош на AI ќе можат да оперираат на глобално ниво со значително помал број луѓе. А на ниво на општество, веројатно ќе се отвори и едно многу пошироко прашање: како да изградиме економски и образовни системи кои ќе им помогнат на луѓето да се адаптираат на оваа нова реалност. Затоа мислам дека AI не е само следната технолошка иновација, туку технологија која ќе ја редефинира самата архитектура на модерната економија и начинот на кој работиме, учиме и создаваме вредност.




























