Дарко Ефремов е софтверски инженер, кој своето знаење многупати досега го користи за да креира алатки кои се корисни за секој човек, а истовремено и бесплатни. Дарко е креатор на апликациите провизии.мк, ЈПС.мк, а тој беше дел и од тимот кој несебично се вложи во проектот Супорт Кочани. Ефремов ја креира и DokTok, апликација за физички и правни лица за следење на рокови, која има и уникатна можност да води сметка за бројот на поминати денови во Шенген зоната, особено сега откако се воведе електронскиот систем ЕЕС за државјаните на земји надвор од Унијата.
Во интервју за Иновативност, Дарко вели дека секогаш кога креира нов продукт размислува како со него ќе реши некој проблем или како може некому да му помогне полесно да добие информација.
Новинар – Сања Наумовска
Дарко, веќе подолг период работиш на проекти и креираш различни продукти, може ли да ни кажеш по нешто за секој од нив?
Генерално проектите на кои работам се всушност проекти кои имаат за цел да решат некаков проблем кој јас самиот сум го сретнал, или имам слушнато од луѓе дека им е проблем за кој сметам дека софтверско решение во фино дизајнирано пакување би можело да помогне.
Такви проекти ми се ЈПС.мк (Јавен Превоз Штип) и Провизии.мк. Тие се бесплатни за јавноста и имаат за цел на транспарентен, уреден и лесен начин да прикажат различни информации. Дополнително и бев дел од тимот кој ја изгради платформата Супорт Кочани, со помош на која хумани луѓе можеа директно да донираат на повредените од трагедијата во Кочани на 16-ти март 2025.
Супорт Кочани е проект во кој бев дел од еден тим кој несебично застана и даде поддршка на сите погодени од трагедијата. Во клучни моменти се креираше една екипа од талентирани луѓе од повеќе сфери како програмирање, дизајн, психологија, односи со јавност итн. која за неполни 24 часа креираше платформа на која беа претставени информации и насоки кои овозможија над 600.000 евра директни донации на сметките на афектираните од пожарот. Иако издигнат заради страшна причина, овој проект засекогаш ќе го сметам за најголемото, најдоброто и најхуманото нешто на кое сум имал прилика да работам.
Проблемот кој постоеше пред ЈПС.мк е начинот на кој возните редови за јавниот превоз во Штип беа достапни за јавноста да стигне до нив. Тоа беа ексел табели објавувани на Фејсбук. Нешто на што многу лесно може да му се изгуби трага, и во критичен момент би било многу комплицирано да дојдеме до информацијата која ни треба. За таа цел, со едноставна веб страна и еден викенд труд за првичната верзија, го создадов решението кое е денес достапно на јпс.мк. Страницата беше добро прифатена од населението но и јавното претпријатие „Стипион“ кои пак пружија поддршка и од нивна страна такашто секогаш кога имаше промени, неколку дена предвреме ми ги испраќаа со цел коректно да бидат објавени сите информации.
Провизии.мк е веб страна која има за цел на едно место да ги прикаже сите оние банкарски провизии кои ги плаќаме на еднсотавен визуелен начин. Овие информации се достапни и од НБРМ, но сметам дека повеќето луѓе ниту би знаеле каде да ги најдат, а и да ги најдат, ќе им треба да вложат многу труд за да ги видат сите провизии, да направат споредба со сите банки, пакети итн. Провизии.мк тоа го прави лесно преку интуитивен дизајн кој е направен со намена да служи како информатор, наместо нечитливи и страшни купишта текст кои постојат само за правно покритие на организациите. Се на едно место со убава визуелна презентација. Првата верзија содржеше инфромации само за физички лица, а од скоро се достапни и провизиите за правни лица, секако до степен кој е достапен според јавно објавените документи и ценовници на банките на нивните веб страни.
ДокТок е апликација која има задача повремено и навремено да известува за истек на документи, белешки, гаранции, лиценци – сѐ со рок на трање. Затоа што е подобро да бидете навремено известени од апликацијата, наместо од службениците на аеродромот во случај да ви е истечен пасошот.

Кажи ни подетално за ДокТок? Дали е наменета повеќе за лична употреба или за сопственици на бизниси кои имаат потреба од следење на различни рокови?
ДокТок е прилично едноставна апликација со бесплатен пакет за потребите за најголем дел од физичките лица, но има и платена верзија која овозможува поголем обем на следење на документи, категоризација на истите итн. Но една многу важна алатка која е достапна е всушност следачот на Шенген денови. Имено, апликацијата има можност за броење на престој во шенген денови – проблем кој се јави прилично скоро, особено во транспортната индустрија. И има за цел да го олесни следењето на денови поминати во зоната. Апликацијата може да праќа известувања при влез во зоната, и со тоа да почне да води евиденција за влез и излез – заштедувајќи многу пари и време така што активно ќе спречи пречекорување на дозволените денови за престој во зоната.
Во фаза на истражување е и понуда за бизниси од типот на транспортни компании, книговодители итн. каде ќе може да се менаџира со документи на ниво на организација, како за цела организација така и за конкретни членови на организацијата, така што вработените ќе може само да си ја инсталираат апликацијата и сите важни датуми да им бидат забележани и ќе можат директно да бидат вклучени во сите процеси кои ги засегаат нив.
Дел од апликациите кои ги правиш се наменети за слободна употреба за секој кој е заинтересиран. Како започна да работиш на ваков тип проекти?
Мене професијава ми е и хоби и работа. И во работен ден, и за викенд. За мене е многу добар начин на кој можам да се изразам. Доаѓање до решенија за секакви работи во општеството го сметам за начин на кој можам да си ја истакнам љубовта кон мојот народ, место на живеење и држава. Некој пишува песни, некој ги фотографира убавините на Македонија… јас преку дигитални решенија се трудам да ги адресирам одредените проблеми во општеството.
Апликициите кои ги работиш се речиси сите во различни сектори. Со provizii.mk обезбедуваш информации од финансискиот сектор, со doctock следење на важноста на документи, so jps.mk за возен ред на автобуси… Освен што сакаш да ги информираш подобро граѓаните, што те мотивира да се зафатиш со изработка на еден продукт за широка употреба?
Љубовта кон креирањето и можноста да бидам дел од решението за некаков проблем. Сметам дека би требале да се стремиме сите, во граници на можностите, да имаме некаков позитивен импакт и на општеството, на луѓето околу нас, и за нацијата.

Колку е одржлива и исплатлива работата на апликации кои обезбедуваат транспаретност и нудат многу корисни информации за граѓаните, но се бесплатни? Колку време ти одзема одржувањето на овие страници?
На почеток сите бараат повеќе време. Обично во почетоците се уште има можности за исправки, преправки… првите верзии се секогаш груби. Но важно е да го донесеме продуктот или решението пред луѓето за прво да видиме дали воопшто има интерес од такво нешто, па ако има, и да вложиме повеќе ресурси за развој. Обично проекти како провизии.мк и јпс.мк ги финансирам од мој џеб. Такашто ЈПС продолжува да биде бесплатна страница која е без реклами, а со Провизии.мк експериментирав со линк со „плати колку сакаш“ модел на финансирање – нешто што за мое изненадување имаше голем одзив од што се покрија најголем дел од трошоците како на пример домен, кредити за користење на АИ ресурси итн.
За ваквите проекти, гледам да не ми одземаат повеќе од 4-6 часа неделно – по иницијалните неколку денови кои се потребни за „подигање на карабина“, нешто што обично се случува за време на викенд кога сум послободен.
Какви се твоите планови за во иднина? На кои нови проекти работиш?
Покрај ваквите проекти, имам и постојана работа на која посветувам доста време. И голем дел од иновациите кои ги испробувам на вакви проекти, всушност ги тестирам за да ги имплементирам во секојдневната работа. Секогаш сум во потрага по идеи и цело време имам уво за проблеми кои ги имаат луѓето, а сметам дека би можеле да бидат решени со софтвер. Некаде во „фиока“ имам апликација и за навигација во скијачки центри со безбедносни функционалности и препораки за посета на клучни делови, стази итн, како и комплетен систем за фотоволтаични електрани со извештаи за производство, заработка, складирање, мониторинг итн. Во ера на АИ можеме на толку многу работи да работиме одеднаш што многу лесно може да завршиме со burnout. Затоа, се трудам да регулирам на колку работи сум активен истовремено.






























