Во Собранието пристигна предлог-законот за изменување и дополнување на законот за средното образование, којшто би требал да се најде пред пратениците на утрешната собраниска седница.
Освен што се дефинираат начинот на функционирање на средните училишта, со предлог-законот се воведува обврска Министерството за образование да воспостави информационен систем „Опсерваторија на вештини“, во кој се води збирка на податоци за учениците, што е чекор напред во однос на усогласување на образованието со пазарот на трудот.
„Збирката на податоци се води за обезбедување на информации во
однос на програмите кои ги нуди средното образование, како и средното образование за возрасни, за поддршка на развојот на политика преку обезбедување на соодветна аналитичка и информациска позадина на установите за средно образование, нивните програми и перформанси, за помош на учениците во изборот на професија и соодветни училишта и високообразовни установи, со цел зголемување на можноста за
нивно идно вработување и за достапност на информации за вработливоста на одредени професии, очекуваното време на чекање за вработување, нивото на примања по образовен профил и слично“, пишува во предлог-законот.
Инаку, во однос на корона вирусот, предлог-законот предвидува во услови на утврдено постоење на кризна состојба, епидемија односно пандемија, кога не е утврдено постоење на вонредна состојба, учебната година да може да започне и заврши во време различно од времето утврдено со законот (започнување на 1 септември и завршување на 31 август), за што одлучува Владата.
„Воспитно – образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби, за што одлучува Владата и на предлог на министерот го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука, ги утврдува министерот“, пишува во предлог-законот.
Во него, се прецизирани и правилата за начинот за одржување на наставата во вонредна состојба.
„Во средното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација. Средства за електронска комуникација, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес. Во средното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето“, пишува во предлог-законот.