3.8 C
Skopje
среда, декември 1, 2021

Македонска иновативна платформа за поврзување на фармери со ресторани е вистински хит во Германија!

Kabtel desktop

Движењето •НА ТРПЕЗА, ДИРЕКТНО ОД НА НИВА• го тресе развиениот свет подолго време. Врвните шефови кои ги прават славни рестораните ширум светот, не признаваат никаков компромис кога станува збор за набавка на зеленчук, овошје и месо…освен да знаат точно од каде се носат. И купуваат само од најдобрите локални производители.Затоа и лично ги бираат фармерите и креираат трајни врски на соработка. 

Светот одамна признава дека локално произведената храна гарантира вистински вкус на она што ќе се готви, а контролираното потекло на нејзиното одгледување е причина плус да се каже дека е вистински здраво.

Еве и паралела кај нас …сѐ уште луѓето овошје, зеленчук и месо пазарат во маркети и продавници, а сѐ уште имаме убави мали пазари и на нив ако добро се проучи има и локални фармери, а не само “прекупци”. Има и ретки, но одлични локални месарници, рибарници. Имаме и одлични локални производители на млеко и млечни производи…. 

Можеби заради немањето однос кон вакви нешта кај нас,  една иновација на еден битолски тим, за која добија награда на глобалниот натпревар за иновативни идеи организиран од страна на шведската компанија Ериксон, идеја со наслов Farmarket, го освојува наместо нашиот германскиот пазар.

Основата на идејата беше да се спојат консументите со органските производители на храна – овозможувајќи online порачки и online плаќање. 

Идејата беше на Игор Мишевски и програмерот Александар Балаловски.Се обидоа таа иновација да ја применат тука пред некоја година, но од добро познати причини, кои погоре ги наведувам, не успеаа. 

Идејата остана “во фиока”. Поминаа неколку години, Балаловски својата кариера како програмер ја продолжува во Германија и таму овој Мејд ин Маседониа иновативен продукт наоѓа свој голем клиент. 

Во тој миг ФИТР се јавува како катализатор и им помага на овие визионери да успеат. Таму направија некои доработки по експертска сугестија на тимови во Германија, ги поврзаа фармерите со ХоРеКа секторот, па така фармерите ширум Германија се лоцираа на оваа платформа, од која и врвните ресторани и оние локални ресторани кои држат до врвен квалитет и посебно гастрономско искуство купуваат.

Самата платформа нуди регистрација на корисници поделени во две категории – фармери од една страна и ХОРЕКА сектор од друга страна. Фармерите можат да постават производи кој што ги нудат по одредена цена. Исто така процесот на порачка и плаќање е по електронски пат.

Hof Zu Küche (од нива до кујна) платформа развиена од страна на Александар Балаловски и компанијата IBORN од Скопје, брендирањето е на UI/UX дизајн, е направено е во една целина-продукт од страна на Нова Солушнс.

Предраг Стојковски, генерален менаџер на Нова Солушнс го раскажува патот на оваа поинаква бизнис приказна, која еден ден е добро да има примена и тука кај нас.

Новинарка : Љубица Ангелкова

За некои идеи треба да се чека малку подолго време за реализација. Tаква е и оваа. Раскажете ни како започна се?

Секоја идеја си го има својот пат/циклус баш како и луѓето. Не знаеме во која насока ќе не однесе. Истото се случува и со нашата идеја Farmarket или денес веќе Hof Zu Küche. Многу фактори влијаат на тоа, но битно е да се сочува сржта и таа веќе ќе си го пронајде својот пат. Идеата е родена пред 7 години и од тимот имавме одреден „backround“ во однос на органското земјоделие – и како хобисти и како консументи.

Органското земјоделие во тој период беше во Македонија во развој а од друга страна, во развиените земји веќе нешто што е нормално. Но потребата и во Македонија и во другите држави беше иста – како да се најди адекватен земјоделец кој што произведува и продава органски производи. Стабилен во смисла дека навистина произведува органски производи, по прифатлива цена, квалитет и испораката да биде навремена.

На Балканот тоа прашање е полесно бидејќи сите знаеме некој кој што има некој….Но на запад е малку потешко за оној кој што по прв пат бара органски производи. Затоа и фокусот на самиот старт беше германскиот пазар, конкретно Баварија.

Во тој период паметните телефони веќе станаа нормалност а достапноста на интернет веќе нормална работа.

Размислувањето за поврзување на купувачите со земјоделците кој што произведуват органски производи го ставивме на хартија, почнавме со креирање на визуелниот идентитет, дефинирање на функционалностите на апликацијата и баш во тој момент се појави и повик од компанијата Ериксон во вид на глобален награден конкурс за иновативни решенија каде што освоивме второ место.

Развојот на самата апликација не подразбира само програмерски дел туку и развивање на бизнис модел, истржување на пазарот, теренска работа…. Со еден збор бара финансии кој што во тој момент не ги имавме.

И од 2014 па до 2019 идејата беше на „stand by“ се до 2019 и повикот на ФИТР за комерцијализација на иновации, каде што аплициравме и од Фондот идејата ја препозна како прифатлива и истата година проектот ни беше одобрен.

Како стапивте во контакт со консултантите од Германија?

Уште од самиот почеток на развојот на идејата присуствувавме на неколку саеми за земјоделие, каде што имавме неколку неформални средби со здруженија на органски производители на храна каде што го „испитавме“ пулсот но исто така разговаравмесо неколку консултантски компании кој што работат во областа на земјоделието и прехранбениот сектор.

Во 2019 стапивме во контакт со компанијата FoodCompanions од Берлин, специјализирана консултантска компанија, со која што договоривме соработка за развој на бизнис моделот на самата идеја.

Што научивте од страна на експертите кои ги ангажиравте, за да го приспособите продуктот за тој пазар?

Како што спомнав, равојот на една апликација не претставува само програмирање и дизајнирање на истата туку и развој на бизнис моделот и истражување на пазарот. И од тој аспект морам да ја нагласам соработката со компанијата FoodCompanions од Берлин со која што го развивме бизнис моделот и која е на еден начин втор „кум“ на името на идејата.

Имено во низа на консултантските средби, го искристализиравме бизнис моделот. Направените истражувања покажаа дека во периодот од 2014 до сега на пазарот се појавија слични апликации кој што ги поврзува физичките лица со фармерите. Простор за нови апликации постои но борбата ќе биде потешка.

Но од друга страна во Германија постои доста развиен ХоРеКа сектор кој што има потреба за поврзување со фармерите, а особено со фармерите кој што произведуваат органски производи. А во тој сектор има посебен сектор – кантини но и фабрички кантини.

Исто така истражувањето покажа дека ниту фармерите ниту пак луѓето од ХоРеКа секторот немаат навика ниту пак желба да инсталираат посебни апликации, туку повеќе користат web browser (Google Chrome/Mozilla/Opera…) за да ги задоволат потребите на купување/продавање.

Врз основ на овие информации идејата доби свое ново руво:

-Името од Farmarket се смена во Hof Zu Küche (од нива до кујна)

-Добивме сугестии за нов визуелен изглед и бои

-Од Андроид апликација се пренасочивме кон web апликација

Работењето со надворешните консултантите беше навистина позитивно искуство и одредените принципи на работа кој што ги практицираа ги пренесовме и ги користиме и во нашата секој дневна работа.

ФИТР одигра добра улога да го финиширате започнатото. Во кој сегмент беше нивната поддршка.

Да, дефинитивно помошта на ФИТР беше од голем значај за да го финишираме проектот. Помошта беше во финансискиот дел. Имено самиот развој на бизнис моделот како и самиот програмерски развој на идеата е финансиски исцрпен дел. Во тој дел не смеевме да импровизираме.

Да се развие таков продукт таму подразбира и заштита на интелектуална сопственост, што не е случај и кај нас. Кои беа барањат во тој контекст со Германците. 

Да, ние од кога конечно го дефиниравме името, визуелниот дел и визуелниот идентитет се посветивме на заштита на интелектуалната сопственост како во Македонија, така и во Германија.

Генерално процедурите се исти како кај нас така и во Германија, но за жал и временскиот период на одобрувањето и на добивањето на решението за заштита на интелектуалната сопственост.

Процедурата не е комплицирана, но како што спомнав временскиот период беше долг – од почетокот на годината па се до пред 2 месеци кога и званично добивме потврда – околу 7 месеци.

Има две сегменти во неа, на една страна фармери, на друга ХоРеКа секторот

Во основ се два сегменти – фармети и ХоРеКа секторот, но и во тие две групации имаме повеќе сегменти. Не се ограничивме само на органски производители на земјоделски производ, иако ни се тие во фокус. На самата апликација можат да се регистрираат како органски производители така и оние кој што произведуваат според конвенционалните методи. На апликацијата точно ќе се види кој е органски земјоделец а кој не е.

Од друга страна го имаме ХоРеКа секторот (Хотели/Ресторани/Кантини). И тука е посебно интересен делот на кантини, кој што се популарни во Германија, но и поради фактот што одредени компании со голем број на вработени во својот објект имаат кантини.

Дали овој концепт може да се примени на друга локација, заради авторство…конкретно кај нас

Генерално да – концептот може да се примени во секоја држава. Но пак за секоја држава ќе треба да се направи и посебно истражување на пазарот кое што ќе го дефинира и името и техничкиот начин на функционирње. Секоја држава е приказна за себе па така и Македонија – различни се навиките, различни се потребите но и големината на самиот пазар

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!