8.8 C
Skopje
сабота, декември 3, 2022

Петра Зигарт: Швајцарските производители на храна се директно вклучени во создавањето нов стручен кадар

Kabtel desktop

Петра Зигарт од Швајцарската асоцијација на земјоделци е одговорна за стручното образование на идните земјоделците и за време на посетата на Swiss Skills 2022, најголиот саем за стручно образование во Швајцарија имавме прилика таа да ни објасни како функционира стручното образование во оваа земја позната по квалитетниот систем на стручно образование кој креира кадар спремен за работа веднаш по завршуцање на образованието.

Со Зигарт разговараше Верица Јорданова

Г-ѓа Зигарт, како во Швајцарија се создава стручен кадар за земјоделскиот сектор?

Стручното обвразование за земјоделци во Швајцарија вообичаено трае три години, а најмладите ученици имаат 15-16 години. Обучувањето се врши на три различни места: во училиште, на фармите и во посебни центри за обука. Тоа се многу битни елементи во образовниот процес затоа што на секое место се учи нешто ново и поинакво. Кога учениците ќе завршат со тригодишното образование сите треба повеќе или помалку да ги имаат научено истите работи. Она што е битно е дека на фармите не може да се научи се и затоа ги имаме тие специјални центри каде што 2-3 дена годишно одат и учат како се управува со некои специфични машини кои се користат во земјоделството.

Просечно, учениците поминуваат по 1,5 ден неделно на училиште, а остатокот го поминуваат на фарма. Со оглед на тоа дека Швајцарија има многу различни предели, фармите кои ги посетуваат се различни и затоа стручното образование за земјоделци е локализирано. Тоа значи дека секој кантон има посебно училиште за земјоделци и сите посебно одлучуваат за наставната програма. Некаде учениците одат во училиште по 1,5 ден просечно секоја недела, некаде по 1 ден, а остатокот од времето се на фарма затоа што таму се случува главната обука. Се разбира, и сопствениците на фармите треба да добијат посебна дозвола за да бидат дел од образовниот процес.

Најголем дел од младите не остануваат сите три години на една иста фарма. Тие ја менуваат фармата еднаш до двапати за да можат да видат и да научат што повеќе затоа што некои фарми одгледуваат крави и прават млечни производи, додека други повеќе се фокусирани на одгледување растенија. Исто така, го менуваат и јазикот на кој учат затоа што, како што знаете, во Швајцарија се официјални три јазици. Ние сакаме младите да учат на два од тие три јазици. На пример, кога ќе завршат со обуката на фарма од германско говорно подрачје, сакаме да поминат една година во фарма од француско говорно подрачје.

За организацијата на ова стручно образование заслужни се тројца партнери: конфедерацијата, кантоните и професионалните организации. Тоа важи за секакво стручно образование, не само за земјоделци. Конфедерацијата е одговорна за законските рамки, за стратешко менаџирање и развој. Кантоните се одговорни за имплементацијата на тие закони и надзорот, додека професионалните организации се задолжени за образовната содржина на сите три места.

Каков е интересот на младите да изберат идна професија во земјоделство?

Платите во земјоделскиот сектор не се исти како да работиш во канцеларија, но младите кои се одлучуваат да учат како да станат земјоделци го знаат тоа затоа што ние ги информираме. Но, тие се среќни што ќе учат како да произведуваат храна и знаат дека нивната работа ќе биде многу битна. Се трудиме да ги развиваме односите со јавноста колку што можеме повеќе, а еден од начините е Swiss Skills. Од една страна, младите на овој начин добиваат шанса да учествуват во натпреварот, а од друга страна за нас најбитно кај ваквите настани се односите со јавноста.

Која образовна програма е најисплатлива од сите?

Задолжително образование е 9-10 години и потоа се избира професија. Се стартува со стручните обуки или продолжувате да учите, па одите на универзитет. Но, тоа важи за стручното образование. Во земјоделскиот сектор најголем дел од образовните програми траат 3 години, а некои се 4 години. Секоја година околу 1.000 млади луѓе се запишуваат да учат да станат земјоделци. Тоа е отприлика бројката која ни треба.

Треба да ги нахраниме луѓето во Швајцарија и во светот. Ние се занимаваме со производство на храна, затоа ни требаат фарми  и ни требаат луѓе кои ќе управуваат со тие фарми. Даваме се од себе за да им го овозможиме најдоброто можно образивание.

Дали сите што ќе се запишат на оваа стручна програма добиваат диплома на крај?

Не, на крајот има испити, но вообичаено околу 90% од нив добиваат диплома. Дури и ако не положат првиот пат, можат да полагаат пак. Имаме и пократка стручна програма од 2 години за младите луѓе кои преферираат пракса и немаат толку добри оценки на училиште. Тие исто така добиваат федерална диплома, која, се разбира, не е иста со претходната.

Кажете ни нешто повеќе за Асоцијацијата на земјоделци?

Во Асоцијацијата има најмалку 8 членови за сите различни гранки: храна, зеленчук, грозје, вино, коњи и органско производство.

Во нашата асоцијација имаме и високо образование за жени кои работат на фарми, затоа што жените на фармите реаботат многу повеќе отколку обврските во домаќинството. Се грижат за живината, за овците и сл, односно управуваат со целото домаќинство. Не станува збор само за одгледување животни, готвење храна за многумина или грижа за животните, туку се грижат и за финансиите на фармите. Затоа има посебно високо образование за нив. Тоа е наменето за руралните жени на кои им треба друга професија. Многу жени тоа го работат со години, но во минатото тие немале документ за што се квалификувани, односно немале диплома, а сега ја добиваат по завршувањето на стручно образование. Тоа кај нас постои веќе 20 години.

Во образовниот план за фармерите се вклучени многу работи. Има еден стручен дел и има општ дел. Во стручниот дел имаат одгледување на посеви, имаат одгледување на жива стока, имаат производство на вино и механизација. Имаат и општо образование и спорт, кој е задолжителен. По завршувањето на тригодишното образование добиваат федерална диплома по земјоделство.

Кој е вашиот став за кризата со храната во светот?

Од една страна сакаме да се фокусираме на органско производство, но проблемот тука е што таквото производство дава помали приноси, а нам ни треба повеќе храна да ја нахраниме растечката популација на Земјата. Вториот проблем е дистирбуцијата на храна, затоа што ако го погледнете светот, има доволно храна за сите, но дистрибуцијата не е добра. Трет проблем се стандардите за квалитет на храната, кои ги има секоја земја, но има и глобални стандарди. На пример, еден таков е дека грдото овошје и зеленчук не смее да се продава. Токму за тоа дискутираме сега – дали само овошјето и зеленчукот кои изледаат убаво треба да се продаваат. Има причина зошто, на пример, сите сакаат прави краставици – затоа што се полесни за пакување. Но, има стандарди за квалитетот кои влијаат на квалитетот и вкусот на храната и дрги кои не влијаат. Не е лесно да им се објасни тоа на корисниците.

Известувањето од овој настан беше преку проектот „Образование за вработување“ https://www.e4e.mk/ кој ги поддржува реформите за стручно образование во Севеврна Македонија, а е поддржан од швајцарската Влада.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!