Вчера, во просториите на Собранието на Република Северна Македонија, се одржа големото финале на „Electionville“ – едукативна и интерактивна игра која го симулира процесот на локално владеење и донесување одлуки.
Настанот беше организиран во соработка меѓу Амбасадата на Шведска, Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп хаус и Собранието на Република Северна Македонија и претставуваше завршен сегмент на едномесечната програма за граѓанско образование и младински активизам.
„Electionville“ претставува симулациска едукативна игра која го прикажува функционирањето на локалната самоуправа преку донесување одлуки, распределба на буџети и поставување јавни политики. Играта се реализира на голема подна подлога, каде што учесниците – ученици од средното образование – се ставаат во улога на избрани претставници во советот на еден фиктивен град наречен „Electionville“. Преку оваа интерактивна игра, младите добиваат практично искуство од реални демократски процеси, како што се колективното донесување одлуки, преговарање, јавна дебата и преземање одговорност. Во рамките на програмата, активностите беа реализирани во шест града низ државата – Битола, Струга, Тетово, Велес, Крива Паланка и Струмица – каде што приближно 100 ученици, организирани во 24 тима, активно учествуваа во симулацијата. Победничките тимови од секој град беа поканети да го претставуваат својот град на големото финале во Скопје, кое се одржа токму во просториите на Собранието на Република Северна Македонија – институцијата каде што реално се носат клучните јавни одлуки. Во текот на финалето, шесте тима имаа задача да постават приоритети и да предложат решенија за предизвиците со кои се соочува нивниот „град“, а на крајот, за победник на „Electionville“ 2025 беше прогласен тимот од Струмица.

По завршувањето на играта, се одржа официјална церемонија на којашто се обратија високи претставници на институциите и дипломатскиот корпус. Амбасадорката на Шведска, г-ѓа Ами Ларсон Јаин, Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, г. Михалис Рокас, и г-ѓа Дафина Стојаноска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, им упатија инспиративни пораки на младите ученици, истакнувајќи ја важноста на граѓанската едукација, учеството и одговорноста во демократските процеси.
Во своето обраќање, г-ѓа Стојаноска нагласи: „Мојата порака до вас е да учите и да знаете да се изборите за вашата подобра иднина. Знаењето е вашето најсилно оружје кое никој не може да ви го одземе. Демократија е да се говори гласно, да се слуша внимателно и заеднички да се донесат одлуки за подобро утре за сите. Кога ќе ја изберете својата професија и кога ќе почнете да ја работите, бидете професионални и почитувајте ги законите.“ Г. Рокас ја нагласи активната улога на младите граѓани, истакнувајќи: „Да се биде граѓанин значи многу повеќе од тоа да се гласа еднаш на неколку години. Тоа значи да се остане информиран, да се вклучиш во заедницата и да ги држиш лидерите одговорни. Ова можеби за вас беше само игра, но пораките и лекциите што ги научивте од неа се вистински.“ Во своето обраќање, амбасадорката Ларсон Јаин порача: „Овие тимови од импресивни и посветени млади денес имаа можност да ги вежбаат уметностите на дијалогот, компромисот и соработката преку игра – што не е секогаш лесно. Но, како што велат: ако сакаш да одиш брзо – оди сам; ако сакаш да стигнеш далеку – оди со другите. За да создадеме трајни решенија за заедничките предизвици, мора да одиме заедно. Овие вредности се клучни за изградба на инклузивни и отпорни општества. Се надевам дека ова искуство, заедно со стекнатото знаење и разбирање за локалната демократија, ќе ви помогне вам, младите – како идни гласачи. Искрено се надевам дека ќе продолжите да се ангажирате околу прашањата кои ви се важни и дека ќе станете амбасадори на вашите заедници, инспирирајќи и други да ви се придружат во создавањето позитивни промени.“

Настанот заврши со свечено доделување на сертификати и неформален коктел, на кој учениците и гостите имаа можност за дополнителна размена на идеи, искуства и вмрежување.
Преку оваа иницијатива, Делегацијата на Европската Унија и мрежата Јуроп хаус и Шведската амбасада уште еднаш ја потврдија својата заложба да ги охрабрат младите да учествуваат, да се едуцираат и да бидат активни граѓани. Демократијата не е само право – таа е и одговорност. А токму од младите започнува секоја вистинска промена.
