Во земјава се спроведува еден од најамбициозните инвестициски циклуси во студентската инфраструктура – енергетски ефикасна реконструкција на девет државни студентски домови и седум ресурсни центри за деца и млади со посебни потреби. Програмата, вредна околу 85,56 милиони евра, ги комбинира заемите од Германската развојна банка (KfW), грантовите од Европската Унија и сопственото учество на државата. По тој повод, разговаравме со Оливер Јингер, виш портфолио менаџер во Развојната банка KfW, за тоа што значи оваа инвестиција за повеќе од 4.500 студенти, зошто реконструкцијата на постојните објекти е значајна, земајќи ги предвид климатските промени и како моделот на комбинирано финансирање може да послужи како пример и за други јавни сектори.
Разговарашае- Верица Јорданова
Еден од најзначајните инвестициски циклуси во студентската инфраструктура се реализира во Македонија. Во тек се активностите за најголемиот проект за енергетска ефикасност во образовниот сектор – реконструкција на 9 студентски домови и 7 ресурсни центри за лица со посебни потреби. Кои домови и центри се реконструираат низ државата?
Инвестициите во студентската инфраструктура во Северна Македонија, финансирани од KfW, претставуваат наша најамбициозна програма за енергетска ефикасност во Западен Балкан. Иницијативата опфаќа 9 државни студентски домови и 7 ресурсни центри за деца и млади со попреченост. Студентските домови се наоѓаат во Скопје, Охрид, Штип, Прилеп и Битола – од „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, преку „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, до „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп и историскиот студентски дом „Кочо Рацин“ во Битола, чии делови датираат уште од 18 век.
За да се минимизира нарушувањето на секојдневниот живот на студентите, програмата се спроведува во три фази и три целини, се со цел студентите да не бидат дислоцирани наеднаш. Градежните и реконструкциските работи во студентските домови веќе се во тек, додека подготовките за модернизација на седумте ресурсни центри, преку подготовка на основни проекти, започнаа годинававо април.
Програмата комбинира два заема од KfW, грант финансирање од Европската Унија и значително национално учество.
Се очекува реконструкцијата на студентските домови да обезбеди подобри услови за живот за повеќе од 4.500 студенти. Какви конкретни стандарди во однос на квалитетот на живеење, безбедноста и комфорот можат да ги очекуваат студентите по завршувањето на овие инвестиции?
Студентите ќе се вратат во објекти кои ќе бидат темелно трансформирани – модерни, удобни и создадени според нивните реални потреби. Тоа значи сигурно греење кое ќе обезбедува рамномерна температура во собите во текот на зимата, сигурно снабдување со топла вода, санитарни јазли реконструирани според денешните стандарди и целосно обновени електрични инсталации и системи за противпожарна заштита, во објекти кои немало досега сериозни инвестиции уште од крајот на 50-тите и средината на 60-тите години од минатиот век. Програмата оди многу подалеку од основните стандарди. Повеќе од 4.500 млади луѓе ќе се вселат во простории, кои го одразуваат начинот на кој студентите денес живеат и учат: посебни, добро осветлени простории за учење, така што подготовката за испити повеќе нема да се одвива на работ од креветот во два часот по полноќ; заеднички простории наменети за групна работа; значително подобрена акустика и вентилација; како и современо, енергетски ефикасно осветлување низ целиот објект. Онаму, каде што конструкцијата го дозволува тоа, соларно-термални или фотоволтаични системи ќе обезбедуваат дел од потребната енергија директно од покривот.. А некои од најважните промени се токму оние што студентите можеби нема веднаш да ги забележат: конструктивни зајакнувања кои ќе го продолжат животниот век на овие објекти за неколку децении и ќе ја подобрат нивната отпорност на земјотреси – клучен фактор во држава која сѐ уште се сеќава на 1963 година. Кампањите за подигнување на свеста кај студентите и персоналот ќе помогнат новите стандарди за комфор и ефикасност да се одржат долго по свеченото отворање. Пристапот е сеопфатен – комбинира конструктивно зајакнување, подобрување на комфорот и мерки за енергетска ефикасност, бидејќи ниту еден од овие елементи сам по себе не би го обезбедил она што овие студенти го заслужуваат: безбедно, топло, ефикасно и достоинствено место за живеење, кое ќе остане такво и по 2050 година.



Дел од објектите ќе бидат реконструирани согласно стандардот Nearly Zero Energy Buildings (NZEB). Колку е применлив и одржлив овој концепт во македонски услови, земајќи ги предвид климатските, институционалните и финансиските специфики?
Четири од студентските домови – во Охрид, Прилеп, Штип и домот „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје се проектирани да достигнат ниво блиско до стандардот Nearly Zero Energy Building (NZEB), со техничка поддршка од германскиот истражувачки институт Фраунхофер. Во македонски услови, ова не е апстрактен концепт, туку многу практично решение. Од климатски аспект, Македонија има студени зими и сѐ потопли лета. Токму во такви услови висококвалитетната изолација, ефикасните системи за греење и ладење и интелигентните решенија за засенчување даваат најголем ефект – намалувајќи ги енергетските загуби во зима и спречувајќи прегревање и зголемена потреба од ладење во лето. Од институционален аспект, NZEB е одржливо решение бидејќи станува збор за државни објекти. Министерството за образование и наука е директно засегнатое, па има корист од пониските сметки за енергија и има јасен интерес да го одржува повисокиот стандард. Од финансиски аспект, повисоката почетна инвестиција е обезбедена преку комбинираниот пакет од заеми на KfW и грантови од Европската Унија, додека оперативните трошоци се намалуваат на ниво кое јавниот буџет може да го одржува со децении. Четирите студентски домови проектирани според NZEB стандардот се дизајнирани да трошат значително помалку енергија од вкупната цел на програмата од 150 киловат-часови по квадратен метар годишно. Тоа е суштината на концептот: стандард кој е исплатлив сам по себе во текот на целиот животен век на објектот.
Во секој случај од клучно значење е објектите соодветно да се оддржуваат и да се алоцираат соодветни средства за таа намена.
KfW, Европската Унија и WBIF се клучни финансиски партнери. Колку е важен овој модел на комбинирано финансирање за земји како Северна Македонија и дали може да послужи како пример за други јавни сектори – здравството, образованието или локалната инфраструктура?
За земја со големина на Северна Македонија, несоодветно е еден поединечен извор на финансирање самостојно да реализира програма со реална проценета вредност поголема од 100 милиони евра. Затоа, сегашната финансиска конструкција од околу 85,56 милиони евра е внимателно структуирана и се состои од повеќе извори: прв заем од KfW во износ од 20 милиони евра, втор заем од 40 милиони евра потпишан во март, два гранта од Европската Унија во износ од 4,785 милиони евра и 6,75 милиони евра преку Регионалната програма за енергетска ефикасност, придонес од 10,17 милиони евра преку Регионалниот грантен фонд на WBIF и 3,85 милиони евра од Министерството за образование и наука, кое го покрива и ДДВ.
Секој партнер придонесува во областа во која има најголема експертиза. Грантовите од Европската Унија и WBIF го намалуваат вкупниот товар врз јавниот буџет. Заемите од KfW обезбедуваат долги рокови на отплата под поволни услови, што овозможува големи инвестиции да бидат финансиски одржливи. WBIF, пак, обезбедува регионална рамка која ги усогласува различните извори на финансирање и овозможува тие да се движат во иста насока. Токму ваков модел може да се примени и во други јавни сектори – од примарното здравство и училиштата, до општинските водоводни системи и локалните јавни објекти. Кога една држава ќе покаже дека може успешно да користи комбинирано финансирање, да подготвува проекти, кои можат да се финансираат и сигурно да ги реализира на терен, таа гради доверба кај партнерите. Истите механизми многу полесно можат повторно да се искористат за следниот инвестициски циклус. Токму тоа е тивкиот, но мултипликативен ефект од успешната реализација на една ваква програма за комбинирано финансирање.



Како ја оценувате стратешката важност на овој проект за државата, не само од енергетски аспект, туку и од социјален и образовен аспект?
Од енергетски аспект, влијанието е многу конкретно. Просечната потрошувачка во студентските домови се очекува да се намали од околу 290 киловат-часови по квадратен метар годишно на приближно 150 киловат-часови. Тоа е значајна промена, која ќе се почувствува веднаш штом ќе започне зимската сезона. На ниво на целата програма се очекуваат годишни заштеди од околу 7.700 мегават-часови и намалување на емисиите на јаглерод диоксид за приближно 3.400 тони. За споредба, 7.700 мегават-часови одговараат на годишната потрошувачка на електрична енергија на повеќе од илјада македонски домаќинства. Но стратешката важност на проектот оди многу подалеку од енергијата. Од социјален аспект, програмата ги унапредува објектите кои за младите луѓе е нивен прв дом надвор од семејството. Потопли, побезбедни и подостоинствени услови за живот директно влијаат врз благосостојбата, здравјето и можноста студентите да се посветат на студиите, наместо да се справуваат со студени соби или несигурно снабдување со топла вода. Проектот испраќа важна порака дека студентската инфраструктура заслужува сериозни и долгорочни инвестиции. Од образовен аспект, современите студентски домови се дел од поширок екосистем кој придонесува за задржување на младите во државата. Доколку студентите можат да живеат и студираат во услови споредливи со оние во другите европски земји, универзитетите полесно ќе ги привлекуваат и задржуваат, а семејствата полесно ќе го препознаваат високото образование како реална можност за нивните деца. Овој проект не е само инвестиција во енергетска ефикасност, туку и инвестиција во човечкиот капитал и во довербата на младата генерација дека државата е подготвена да инвестира во нивната иднина.
Дополнително, се очекува и самите студенти да бидат мултипликатори на мерките за енергетска ефикасност откако и самите ќе ги осетат придобивките и дека истовремено ќе бидат одговорни корисници на оваа инфраструктура.

Дали ваквите проекти носат долгорочни заштеди или претставуваат само краткорочна инфраструктурна инвестиција. Какви економски ефекти очекувате од намалената потрошувачка на енергија и дали тие средства можат да се пренасочат кон подобрување на студентскиот стандард?
Реконструкцијата е осмислена да обезбеди структурни и долгорочни заштеди, не само краткорочно инфраструктурно разубавување. Во рамки на програмата, вкупната побарувачка за енергија во објектите се очекува да се намали во просек за 56 проценти, емисиите на јаглерод диоксид за околу 49 проценти, а обновливите извори на енергија да обезбедуваат приближно 12 проценти од вкупната енергетска потрошувачка по завршувањето на работите. Ефектот е многу конкретен. Само во првите два студентски дома – „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ – се предвидуваат годишни заштеди од околу 3.324 мегават-часови електрична енергија и намалување на емисиите за околу 960 тони јаглерод диоксид. Тоа е приближно еднакво на годишната потрошувачка на електрична енергија на околу 500 до 600 македонски семејни домови, како и на отстранување на неколку стотици автомобили од сообраќајот во текот на една година. А овие заштеди ќе се повторуваат секоја зима, и тоа само во два објекти. Особено важно е што овие заштеди не претставуваат само апстрактна буџетска придобивка. Треба да се напомене и н атоа дека месечната кирија за студентите е една однајнискит во регионот и самата по себе нема да биде доволна да се оддржуваат домовите, токму затоа Министерството за образование и наука се обврза половина од остварените заштеди од енергија повторно да ги инвестира во подобрување на студентскиот стандард и во одржување на истите студентски домови. Токму тоа го прави овој модел одржлив – вредноста создадена преку енергетската ефикасност останува блиску до студентите, кои директно имаат корист од неа и помага во финансирањето на поправки, нова опрема во иднина. Во земјите од Западен Балкан се проценува дека меѓу 80 и 90 проценти од постојниот градежен фонд е енергетски неефикасен, а меѓу 85 и 95 проценти од денешните објекти и понатаму ќе бидат во употреба во 2050 година. Климатските заложби не можат да се исполнат само преку изградба на нови објекти, туку зависат од систематска модернизација на постојните. Оваа програма покажува како таквиот пристап истовремено може да ги намали емисиите, да ги стабилизира оперативните трошоци и да го подобри секојдневниот живот на студентите.
Земјава се соочува со предизвици поврзани со енергетска сиромаштија и високи трошоци за греење и електрична енергија. Дали искуството од овој проект може да се пренесе и во станбениот сектор, особено кај домаќинствата со пониски приходи?
Да, но со неколку важни предуслови. Јавните објекти, како што се студентските домови, се одлично место за почеток: тие се во сопственост и под управување на државата, заштедите на енергија полесно се следат, а создаваат силен демонстративен ефект и за семејствата и за носителите на одлуки на локално ниво. Кога сопствениците на домови и управителите на станбени згради ќе видат како изолацијата, подобрите прозорци и современиот систем за греење се претвораат во пониски сметки за енергија во јануари, интересот за слични инвестиции во приватното домување обично брзо расте. KfW има децениско искуство со вакви транзиции во Германија и низ Централна и Источна Европа. Докажаниот пристап е воспоставување посебна зелена кредитна линија за приватните домаќинства, која се реализира преку локалните комерцијални банки. Тоа им овозможува на домаќинствата – вклучително и на оние со пониски приходи – да финансираат реконструкции за енергетска ефикасност и постепено да ги отплаќаат кредитите преку заштедите што ги остваруваат на сметките за енергија. Доколку ова се комбинира со насочени грантови за најранливите домаќинства, ваквите програми можат директно да стигнат до оние кои се најпогодени од високите трошоци за греење. Програмата за реконструкција на студентските домови во Македонија не претставува само инвестиција во денешните студенти. Таа е и процес на градење капацитети: инженерите, добавувачите и процедурите за имплементација, кои се воспоставуваат и тестираат во рамките на овој проект, подоцна можат да се прошират и приспособат за национална програма за енергетска обнова на станбениот сектор.
Проектот опфаќа и ресурсни центри за лица со попреченост. Колку е важно денес енергетската ефикасност да биде поврзана со инклузивноста, пристапноста и еднаквиот пристап до јавните услуги?
Тоа е суштинско. Енергетски ефикасна зграда која и понатаму останува непристапна за дел од корисниците, сè уште исклучува одредени категории граѓани – а таквата инвестиција не може да се смета за успешна јавна инвестиција. Седумте ресурсни центри опфатени со оваа програма обезбедуваат услуги за деца и млади со попреченост: два на основно ниво, четири на средношколско ниво и еден поврзан со средношколски ученички дом. Во нивната сегашна состојба, многу од овие објекти не ги исполнуваат потребите на корисниците со намалена подвижност, сензорни оштетувања или покомплексни потреби. Токму затоа Европската Унија обезбеди дополнителен грант од 1,25 милиони евра покрај основниот финансиски пакет, специјално наменет за техничка поддршка за подготовка на проекти аа реконструкција на ресурсните центри. Интервенцијата, не се однесува само на изолација и современи системи за греење. Таа подразбира рампи и лифтови, кои сигурно функционираат; врати и ходници низ кои може непречено да се движи лице во инвалидска количка; акустика и осветлување, кои ги поддржуваат децата со аутизам или оштетен вид; како и санитарни јазли кои можат самостојно да се користат. Пристапноста и енергетската ефикасност ги третираме како единствен стандард за квалитет на јавната инфраструктура, а не како две одвоени агенди. Во Северна Македонија, реконструиран ресурсен центар треба да значи истовремено и потопол и поинклузивен објект – иста инвестиција, но со значително поголема општествена придобивка.
Колку е важно при реконструкција на постари објекти да се обрне внимание на ризици како азбест, опасни материјали и здравствени стандарди за корисниците и работниците?
Кога реконструирате објект изграден во 1950-тите или 1960-тите години – а неколку од објектите во оваа програма спаѓаат во таа категорија – мора да претпоставите дека во нив може да има материјали, кои биле вообичаени во тоа време, особено азбест во кровните конструкции, изолацијата на цевките или подните облоги. Постарите системи можат да содржат и олово во боите или опасни супстанции во електричната опрема. Игнорирањето на овие ризици би ги изложило на сериозни здравствени опасности работниците на градилиштата, како и студентите и вработените, кои подоцна ќе се вратат во објектите.
Поради тоа, еколошките и социјалните стандарди на KfW, кои се применуваат на секој проект што го финансираме, бараат темелна проценка на опасните материјали пред почетокот на работите, безбедни процедури за нивно отстранување и депонирање, соодветна здравствена заштита и мониторинг за работниците, како и јасни протоколи за повторно користење на објектите. Тесно соработуваме со Министерството и неговите изведувачи за да обезбедиме овие барања не само да бидат вклучени во тендерската документација, туку и навистина да се спроведуваат на терен и независно да се верификуваат. Истиот принцип важи и за противпожарната заштита, конструктивната стабилност и квалитетот на воздухот во затворен простор. Реконструкцијата има вредност само ако објектот по неа е побезбеден и поздрав – за работниците кои го обновуваат, за персоналот кој го користи и за студентите кои живеат и учат во него.

Кои се најчестите административни, технички и институционални предизвици што ги забележувате при реализацијата на вакви големи проекти во регионот и како нашата држава се справува со нив?
Големите програми за реконструкција најчесто се соочуваат со три главни предизвици: состојбата на самите објекти, сложеноста на постапките за јавни набавки и институционалниот капацитет за управување и координација на имплементацијата. Македонија транспарентно и проактивно се справува со сите три аспекти.
Објектите се стари – најголем дел од нив датираат од 1950-тите и 1960-тите години, додека делови од домот „Кочо Рацин“ во Битола потекнуваат уште од 18 век. Кога ќе се отворат ѕидовите и подовите, често се откриваат проблеми, кои не биле видливи во првичната проектна документација. Јасен пример е студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, изграден во 1957 година, пред земјотресот во 1963 година да доведе до воведување современи сеизмички стандарди. За време на градежните работи започнати во април 2024 година беа откриени значајни конструктивни недостатоци на четвртиот, петтиот и шестиот кат. Како одговор на тоа, Министерството и KfW заеднички го ангажираа Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) за проектирање дополнително челично зајакнување. Поради тоа, рокот за завршување е продолжен и сега се очекува објектот да биде готов во октомври 2026 година, а резултатот подразбира значително побезбеден објект. Вкупната вредност на првите два студентски дома – заедно со домот „Стив Наумов“, чија реконструкција треба да заврши во летото 2026 година – вклучувајќи ги измените, мебелот и опремата, се приближува до 18,8 милиони евра. Министерството професионално се справува со овие технички наоди, корекциите на трошоците и продолжувањето на роковите. Токму оваа институционална подготвеност и способност за адаптација често одлучуваат дали големите програми во регионот ќе бидат успешни.
Каде ја гледате Северна Македонија во следните пет до десет години во процесот на зелената транзиција? Дали ова може да биде почеток на поширока трансформација кон поефикасни, поодржливи и поконкурентни јавни објекти?
Јас сум оптимист и неодамнешните случувања го оправдуваат тој оптимизам. Земја која пред само неколку години беше во голема мера зависна од увоз на електрична енергија, денес произведува значително поголем дел од сопствените потреби. Тоа е страната на понудата во транзицијата. Страната на побарувачката – односно колку ефикасно се користи енергијата – е токму местото каде што се вклопува оваа програма за студентските домови. Северна Македонија е потписничка на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, која предвидува постигнување климатска неутралност до 2050 година во согласност со Европската унија. За да се постигне тоа, на земјата не ѝ се потребни само нови производствени капацитети за енергија; потребно е и модернизирање и декарбонизација на постојниот фонд објекти. Програмата за студентските домови директно одговара на овој предизвик: ја намалува потрошувачката на енергија во јавни објекти со кои државата ќе управува и во 2050 година, а воедно покажува дека темелната енергетска обнова во Северна Македонија е технички изводлива, финансиски одржлива преку комбинирано финансирање и општествено многу привлечна. Од перспектива на KfW, ова создава цврста основа за следните пет до десет години. Доколку искуствата стекнати овде се применат и во училиштата, болниците, административните објекти и подоцна во станбениот сектор, ова би можело да означи почеток на поширока трансформација кон јавен градежен фонд кој ќе биде поефикасен, поодржлив и, во крајна линија, поконкурентен.
Што е потребно за да се обезбеди долгорочна одржливост на студентските домови, имајќи ги предвид сегашните субвенционирани и недоволни студентски партиципации?
Одржливоста не се обезбедува со свеченото сечење лента; таа се тестира во третата, седмата или дванаесеттата година, кога нешто ќе се расипе и некој ќе треба да ги покрие трошоците за поправка. Тоа е предизвик со кој се соочува секоја европска држава што располага со јавни студентски домови. Во Германија, мрежата Studentenwerk, а во Франција системот CROUS, намерно ги одржуваат студентските давачки на ниско ниво од социјални причини, додека трошоците за функционирање и реконструкција се покриваат преку комбинација од јавни субвенции, посебни буџети за одржување и, сè почесто, договори засновани на енергетски перформанси. Меѓународното искуство е јасно: задржувањето на достапни цени за студентското сместување е исправна политика, но таа мора да биде поддржана со финансиски модел кој нема да дозволи објектите долгорочно да останат недоволно финансирани. Северна Македонија направи важен прв чекор во оваа насока, преземајќи обврска половина од реално остварените заштеди на енергија да ги насочи назад кон подобрување на студентскиот стандард и одржувањето на овие објекти – средства кои остануваат во корист на студентите, кои помогнале тие заштеди да се создадат. Вториот аспект се однесува на луѓето, кои престојуваат и работат во домовите. Студентите и вработените не треба да се гледаат само како корисници, туку и како чувари на новите системи. Токму затоа програмата вклучува активности за подигнување на свеста за правилно користење на системите за греење, вентилација и потрошувачка на вода. Третиот аспект е договорниот модел. Договорите за одржување базирани на перформанси, кои веќе се применуваат во повеќе земји на Европската Унија, овозможуваат техничкиот ризик да се пренесе на приватни оператори, кои се плаќаат според реално постигнатите енергетски резултати. Овие три елементи можат да обезбедат студентските домови да останат технички и финансиски одржливи на долг рок, без дополнителниот товар да се префрли врз студентите и нивните семејства.



























