Мартин, Гордана и Никола ја креираа MindfulNFit, апликација за вежбање и исхрана, базирана на вештачка интелигенција

- Advertisement -

Мартин Котевски, Гордана Котевска и Никола Бојчевски се долгогодишни другари, а од неодамна и ко-креатори на дигитална платформа MindfulNFit за вежбање и исхрана, базирана на вештачка интелигенција. Како луѓе посветени на спортот и здравиот начин на живот, тргнувајќи од своите сопствени потреби, тие креираа решение кое нуди едноставни, персонализирани и прилагодливи планови за исхрана и вежбање, помагајќи им на корисниците да се хранат здраво без опсесивното и напорно броење калории и да ги прилагодуваат тренинзите на своите потреби.

Во интервју за Иновативност, Мартин Котевски, продукт софтверски инженер, долгогодишен вежбач и тренер со завршени курсеви за нутриционизам, заедно со Гордана, која е економист, дизајнер и маркетинг поддршка, како и прв корисник на апликацијата и Никола, биохемиски инженер и повеќегодишен вежбач, вели дека апликацијата ја изградиле од сопственото искуство, а секој проблем што MindfulNFit го решава е проблем што тие самите го доживеале.

- Advertisement -

Фактот дека апликација им го олеснила животот бил инспирацијата да ја понудат на секој што сака и да вежба и здраво да се храни, а тоа да не го доживее како товар.

Oва интервју е рамки на соработката меѓу Иновативност и Startup Club Skopje, дел од серијалот интервјуа со стартапите од третата инкубаторска програма за развој на бизнис идеи, #ИмамИдеја3. Оваа програма неодамна заврши со 12 подготвени и перспективни стартапи со идеи насочени кон решавање реални предизвици и создавање нова вредност.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Мартин, објаснете ни каква апликација е MindfulNFit?

- Advertisement -

MindfulNFit е персонализиран дигитален тренер за вежбање и исхрана кој што се прилагодува на клиентот во реално време. Ги презема  досадните калкулации и математики околу регулацијата на енергетскиот внес и интензитетот на тренингот и ги претвора во едноставен водич што го води клиентот оброк по оброк и серија по серија до неговите цели. Двата столба на здравјето, што се јаде и како се  вежба, поврзани и усогласени меѓу себе.

Идејата дојде од едно набљудување: повеќето луѓе не се откажуваат од здрав живот поради недостиг на волја, туку поради деталите. Колку од која храна треба да се јаде за да се достигат целите? Што ако некому не му се допаѓа одреден оброк? Колку серии, со колку килограми, колку повторувања или секунди и дали воопшто вежбата се изведува правилно? Тоа се пресметки и одлуки што бараат експертиза, и токму заради нив луѓето на крај се откажуваат. Секој што пробал сам да го држи сето тоа во глава знае колку брзо станува преоптоварувачки.

Наместо корисникот да учи нутриционизам и да програмира тренинзи, апликацијата ја носи целата таа комплексност во позадина, а на површина дава едноставни и јасни препораки. Целта е едноставна: на корисникот оставаме само едно, да покаже иницијатива.

Како се одлучивте да се посветите на креирање токму на ваков тип на продукт, која беше главната мотивација?

Проблемот тргна од нас самите. Иницијативата да се грижиме за своето здравје отсекогаш ја имавме, но зафатеноста и брзиот живот и самата природа на таа грижа знае да ја направи многу тешка. Како луѓе што цел живот сме во спортот, знаевме што треба да се прави, а сепак и нам ни беше напорно секој ден да ги правиме сите тие пресметки, да планираме оброци и да следиме напредок. Ако е тешко за нас што го знаеме тоа, колку е потешко за некој што допрва почнува?

Тоа прашање беше почетната точка. Се обидовме прво да си го решиме проблемот за себе, да ја автоматизираме досадната работа и да ни остане само да вежбаме и да јадеме по препораките. Кога успеавме, промената беше толку голема што сфативме дека вреди да ја покажеме и на другите. Сакавме да покажеме колку навистина може да биде лесно кога ќе ѝ дозволиме на технологијата да ги преземе пресметките, а луѓето да бидат тоа што се: луѓе, не калкулатори.

Објаснете ни како функционира MindfulNFit, на кој начин вештачката интелигенција ја ставивте во служба на поздравиот начин на живот?

Штом корисникот ќе се најави и ќе ги внесе своите цели, ниво и преференции, системот генерира целосен персонализиран неделен план за тренинг и исхрана. Тоа значи дека уште од првиот ден корисникот има конкретен план прилагоден на него, без да чека или да плаќа консултации. Оттаму, при секој тренинг, алгоритам ги пресметува точните оптоварувања за наредната серија врз основа на неговите претходни изведби, знае кога корисникот е спремен за повеќе и кога да отстапи. Така напредокот е постепен и безбеден, без погодување „од око”. Истото важи и за исхраната: ако отстапиш од планот, системот ги прераспределува преостанатите макро и микронутриенти за да остане денот во рамките на твојата цел. Тоа е математика, не  магија, токму затоа е доверлива.

Вештачката интелигенција ја ставивме таму каде што навистина додава вредност, да го слушне корисникот. Фити, нашиот дигитален тренер, знае кои оброци ти се на менито денес, како помина на вчерашниот тренинг и постојано набљудува и дава препораки. Можеш да му кажеш со свои зборови: „не ми се јаде ова, има ли нешто благо” или „денес сум уморен”,  тој тоа го претвора во конкретна промена во планот, која ти само ја потврдуваш со еден допир. Бидејќи истовремено ги гледа и исхраната и тренинзите, советите му се поврзани, како од вистински тренер што те познава. Корисникот е поддржан во секое време.

Што вашата апликација ја прави различна од другите кои се на пазарот?

Има два типа на апликации на пазарот. Едните ти даваат статичен план и очекуваат да го следиш совршено. Другите, се логери, бележат што си јадел, но не ти кажуваат што да јадеш или како да планираш. Треба да познаваш базичен нутриционизам за да ги користиш и тогаш се претвораш во калкулатор за да ги одредиш количините. Во двата случаи, штом ќе отстапиш, се чувствуваш како да си потфрлил или едноставно е многу тешко да оддржуваш и токму тогаш луѓето се откажуваат.

MindfulNFit е граден поинаку. Тој и те води и се прилагодува. Очекува дека ќе отстапиш, наместо да те казни, реагира: скенираш чоколадо, го прераспределува остатокот од денот; немаш сила за тренинг, го прилагодува следниот. Планот не е нешто каде што успеваш или не, тој е жив водич што се менува заедно со твојот живот. Тоа е иновативниот момент: план што прифаќа дека си човек.

Кои се главните бенефити за секој што ќе се одлучи да ја користи платформата? Дали е наменета за тие што сакаат да намалат килограми или за секојдневен режим на здрав живот?

И за двете, токму тоа е поентата. На најавата ја бираш својата цел: сакаш да намалиш килограми, да качиш мускулна маса или едноставно да одржуваш здрав режим, а апликацијата се гради околу тоа што ти го сакаш. Не е алатка само за слабеење, туку за каква било цел поврзана со здравјето. Токму затоа одговара и на некој што сака да смали неколку килограми пред лето и на некој што сака трајно да го промени начинот на живот.

Главниот бенефит е што ти го симнува целиот товар на експертизата од грбот. Не мораш да знаеш нутриционизам, не мораш да пресметуваш калории, не мораш да погодуваш со колку килограми да вежбаш. Тебе ти останува само да се појавиш и да следиш. А бидејќи се прилагодува на реалниот живот, наместо да те казнува кога ќе отстапиш, полесно е да истраеш, а истрајноста е тоа што носи резултати.

Лично, убеден сум дека со 80% од вложениот напор ги добиваш 98% од придобивките од здравиот живот. Тие последни проценти совршенство бараат несразмерно многу труд. Придобивките на крајот не се само бројки на вагата, туку повеќе енергија, подобар изглед, подобро расположение и сознанието дека се чувствуваш подобро во сопствената кожа. Затоа и велиме дека MindfulNFit не е апликација за диета, туку за подобар квалитет на живот, достапен за секого.

Што се најголемите грешки кај македонските граѓани од аспект на здравото живеење? Што најчесто треба да се смени во секојдневието?

Најголемата грешка е размислувањето „сè или ништо”. Луѓето влегуваат во екстремни диети или строги режими, издржуваат неколку недели, а потоа при првото отстапување се откажуваат целосно. Здравиот живот не е спринт што се трча совршено две недели, тој е маратон што се одржува со години, и токму затоа мора да биде одржливо, не совршено.

Втората грешка е бркањето брзи решенија, чаеви за детоксикација, гладување, „чудо” режими наместо мали, постојани навики. Од искуство како долгогодишни тренери, најголема промена носи она наједноставното: доволно движење секој ден, доволно протеини, помалку преработена храна и вода. Ништо егзотично.

И третата, потценување на едната половина. Некои мислат дека ако тренираат, храната не е важна; други мислат дека доволно е само да јадат здраво, без движење. Всушност, исхраната и вежбањето се подеднакво важни, тие се два столба на ист објект и ако едниот недостасува, целата конструкција е нестабилна. Тоа што најчесто треба да се смени во секојдневието не е да се направи нешто драстично, туку да се биде доследен во малите работи на обата плана. А токму со тоа MindfulNFit помага, ги држи двете страни заедно и ја прави доследноста лесна.

Какви се вашите планови за ширење на пазарот?

Најблиску до реализација е соработката со здрави ресторани, и тоа е делот што најмногу нè возбудува. Идејата е рестораните да ни го дадат своето мени, а ние од нивните вистински јадења да генерираме персонализирани планови за корисниците. Така корисникот добива план составен од реална храна што може веднаш да ја нарача, наместо да готви сам, а ресторанот добива редовни, лојални гости наместо случајни муштерии. Тоа е модел каде што сите добиваат: корисникот добива згодно решение, ресторанот стабилен приход, а ние канал преку кој растеме.

Од друга страна, за оние што сакаат да си готват дома, работиме на поврзување со онлајн супермаркети. Апликацијата веќе знае точно кои состојки ти требаат за планот, па наместо сам да правиш листа и да одиш до продавница, состојките можат директно да ти се достават на врата.

И тука е убавината, не мора да биде или-или. Можеш појадокот да си го зготвиш дома, ручекот да го нарачаш од ресторан бидејќи си на работа, а вечерата повторно сам да ја подготвиш. Повеќето од нас сме токму таква комбинација и MindfulNFit е граден да се вклопи во тоа наместо да те тера да избереш еден начин на живеење.

Паралелно работиме и на соработки со теретани, каде MindfulNFit би бил дигиталниот тренер што доаѓа заедно со членството. За членовите тоа е дополнителна вредност, а за теретаната алатка што ги задржува подолго. На подолг рок сакаме да ги поврземе и паметните часовници и нараквици, така што податоците за пулсот, сонот и одморот би му дале на Фити уште побогата слика за да советува уште попрецизно.

Но без разлика во која насока ќе се шириме, целта останува иста, здравиот живот да го направиме уште полесен, подостапен и поодржлив. Сето друго е само начин како таа цел да ја однесеме до што повеќе луѓе.

Какво беше вашето искуство со „Имам Идеја 3“?

Искуството беше навистина вредно. „Имам Идеја 3“ ни даде нешто што на секој основач во почетокот му недостасува, а тоа е средина. Простор каде што седиш со ментори што веќе го поминале патот и со други  тимови што во моментот го газат истиот терен како тебе. Тоа заедништво, тие разговори, размената на искуства и грешки, вредат исто колку и самото знаење. Излеговме поинспирирани, со појасна слика за тоа каде одиме и со чувство дека не сме сами во тоа.

Каква е вредноста на вакви програми за млади, иновативнитимови како вашиот и што според вас недостига на стартапсцената во моментов?

Вредноста е непроценлива. Фаундерите добиваат место да се соберат, да разговараат со ментори, меѓусебно и заедно да го поминат тој период. Сите што сме тргнале по овој пат знаеме колку е тежок, многу значи кога го споделуваш со некој. Она што најмногу недостасува на нашата сцена се средствата. Идеи, енергија и способни луѓе има, но без капитал иновативните стартапи тешко можат да го заземат своето место и на домашниот, а особено на светскиот пазар. А, тоа не е загуба само за фаундерите, туку за целото општество. Продуктно ориентираните компании се двигател на секоја земја, и токму во нив вреди да се вложува ако сакаме долгорочно да растеме.

Кои се вашите планови и големи сонови за апликацијата во иднина?

Сонот е голем, но во суштина многу едноставен. Сакаме MindfulNFit да прерасне во светски продукт. Живееме во време кога високо  процесираната, брза храна е најевтиниот и најлесниот избор, а  обезноста расте од година в година. Зад секој процент стои реален човек со помалку енергија, послабо здравје и полош квалитет на живот. Токму на тие луѓе сакаме да им помогнеме, здравиот избор да го направиме исто толку лесен колку што е нездравиот. Ако тоа што го олесни нашиот живот успееме да го однесеме до илјадници, а еден ден и до милиони луѓе, ако направиме грижата за себе да не биде привилегија само на тие што имаат време и знаење, туку достапна за секого, тогаш сме ја исполниле мисијата. Сè друго, секој нов пазар и секоја нова соработка, е само пат по кој таа цел стигнува до повеќе луѓе.

- Advertisement -