Научниците продолжуваат да истражуваат како продолжените престои во микрогравитација влијаат на здравјето на астронаутите. Познато е дека патувањето во вселената го забрзува губењето на коскената маса, ги уништува крвните клетки и врши притисок врз очите, што може да доведе до проблеми со видот. Сепак, една нова студија открива дека човечкиот мозок, кој е сместен во черепот во цереброспиналната течност, исто така претрпува изненадувачки опипливи промени во микрогравитацијата, пишува Futurism.
Поместување и деформација на мозокот
Според нова студија од меѓународен тим истражувачи, објавена во списанието PNAS, мозокот „се поместува нагоре и назад во черепот по вселенските летови, при што сензорните и моторните области покажуваат најголеми поместувања“. Истражувачите исто така откриле дека обликот на мозокот е деформиран на мерливи начини, а овие промени само понекогаш се враќаат во нормала во рок од шест месеци по враќањето на Земјата.
Ова значајно откритие дополнително ги истакнува долгорочните здравствени ризици од патувањето во вселената и би можело да влијае на идното истражување на вселената.
„Импликациите врз здравјето и перформансите на луѓето од овие поместувања и деформации на мозокот поврзани со вселенските летови бараат понатамошно истражување за да се отвори патот за побезбедно истражување на вселената од страна на луѓето“, напишаа истражувачите.
Тимот анализирал податоци од магнетна резонанца од 26 астронаути и ги споредил со контролна група. Компаративните податоци биле собрани за време на долгорочна студија за одмор во кревет со главата надолу, во која биле вклучени 24 учесници кои не биле астронаути. Тие биле упатени да лежат под агол од шест степени со главите под нивото на стапалата до 60 дена.
Резултатите покажале дека вселенските летови предизвикале мозоците на астронаутите да се поместуваат нагоре и назад, а степенот на поместување е поврзан со времетраењето на изложеноста во вселената. Мозоците на учесниците во студијата за одмор во кревет, исто така, се поместиле назад, но не до иста мера како на астронаутите, што сугерира дека вселенските летови имаат поизразен ефект.
Научниците забележале и дека астронаутите кои поминале подолги периоди во вселената имале поголеми тешкотии да ја вратат рамнотежата по враќањето. Луѓето кои биле една година покажале најголеми промени, изјави Рејчел Сејдлер, коавтор на студијата и професор по физиологија и кинезиологија на Универзитетот во Флорида.
„Сè уште се забележани некои промени кај луѓето кои биле две недели, но времетраењето се чини дека е клучен фактор. Тоа се неколку милиметри, што не звучи како многу, но кога зборуваме за движење на мозокот, навистина е. Таквиот вид промена е видлив со голо око” објасни Сејдлер,
Промените биле особено значајни кај оние кои поминале повеќе од шест месеци во вселената.
Иако се опоравиле шест месеци по нивниот вселенски лет, некои од деформитетите продолжиле и по тој период кај некои астронаути. Она што ги изненадило истражувачите било отсуството на сериозни симптоми, како што се главоболки или когнитивно оштетување, за време и по вселенскиот лет. Научниците признаваат дека големината на примерокот на студијата била ограничена, што значи дека наодите можеби не се генерализливи.
Остануваат многу прашања, вклучително и точно како вселенските летови влијаат на специфични региони на мозокот и какви се краткорочните и долгорочните здравствени последици од овие промени.
„Доколку бевте на Марс со една третина од гравитацијата на Земјата или на Месечината со една шестина од гравитацијата на Земјата, дали ќе ви треба три или шест пати подолго време за да се вратите во нормала?“, прашува Марк Розенберг, доцент по неврологија на Медицинскиот универзитет во Јужна Каролина, кој не бил вклучен во студијата.
„Без разлика дали сакаме да го признаеме тоа или не, на крајот ќе станеме вид што патува во вселената. Само е прашање на време. И ова се само некои од неодговорените прашања на кои треба да одговориме“, заклучи тој.
(Index.hr)


























