Кулата JEC во Саудиска Арабија достигна висина од 430 метри и се приближува до половина од својата планирана изградба. Идниот највисок облакодер во светот ќе има најмалку 157 ката, 59 лифтови, луксузен хотел, апартмани, канцелариски простор и хелиодром.
Изградбата на кулата JEC достигна нова пресвртница на патот кон соборување на светскиот рекорд. Облакодерот порасна до висина од 430 метри и брзо се приближува до половина од својата планирана висина, додека до завршување остануваат приближно 570 метри.
Кулата се гради во пристанишниот град Џеда во Саудиска Арабија, а е позната и како Кула на економијата на Џеда или Кула на Џеда. Проектот е потпишан од архитектонското студио „Адриан Смит + Гордон Гил“, додека еден од основачите на студиото учествуваше и во дизајнирањето на Бурџ Калифа, моментално највисоката зграда во светот, висока 828 метри. По завршувањето, новата кула ќе има најмалку 157 ката и ќе биде речиси двојно повисока од највисоката зграда во Соединетите Американски Држави – кулата „Еден светски трговски центар“ во Њујорк, висока 541 метар.
Според саудискиот принц Алвалид бин Талал Ал Сауд, извршен директор на „Кингдом холдинг“, кој го развива проектот, кулата досега достигна 107 ката. Tаа беше рангирана меѓу малиот број згради во светот што ја надминаа границата од 100 ката.
Според сегашниот план, на долните катови ќе има канцелариски простор, додека над нив ќе има луксузен хотел со 200 соби. Повисоките делови од кулата ќе бидат резервирани за сервисирани апартмани, небесно лоби и повеќе станбени единици. Становите ќе станат попространи и поскапи како што се движите кон врвот на зградата. Кулата ќе има и неколку видиковци, како и хелиодром. Кулата JEC ќе има вкупно 59 лифтови и приближно 530.000 квадратни метри внатрешен простор.
По завршувањето, Кулата JEC е предвидено да стане првата вештачка структура што ќе надмине еден километар во висина. Компанијата „Торнтон Томасети“, задолжена за инженерскиот дел од проектот, изјави дека дизајнирањето на таква кула бара решавање на проблемот со ветерот на екстремни височини, како и контрола на хоризонталното и вертикалното движење на зградата со текот на времето.
„Како прва вештачка структура што достигнала висина од еден километар, Кулата Џеда претставува вистински пионерски инженерски потфат“, соопшти компанијата.
Како што објаснија, едноставноста на конструкцијата била клучна за да може изградбата да се изврши ефикасно, додека поради огромните димензии на зградата, било потребно внимателно да се користат градежните материјали. Експертите примениле напредно структурно компјутерско моделирање и обемно тестирање во аеротунел за да развијат систем способен да се справи со висината и товарите на идниот највисок облакодер во светот.
Иако другите големи саудиски проекти, вклучувајќи ги „Лајн“ и „Мукаб“, се соочија со сериозни проблеми, изградбата на кулата JEC продолжува со брзо темпо. Завршувањето на овој рекорден облакодер се очекува во 2028 година.
(BLic)
Фото – Wikimedia





























