Истражувачи од Шпанија и Јапонија го изработија првиот целосен лексикон на романот Дон Кихот од шпанскиот писател Мигел де Сервантес, откривајќи досега невидена јазична разновидност во ова класично дело на шпанската книжевност, пренесуваат шпанските медиуми.
Совпаѓајќи се со Светскиот ден на книгата и годишнината од смртта на Сервантес, објавен е првиот целосен речник на делото, кој во текот на седум години го составувале истражувачи од различни универзитети под координација на Антонио Морено Сандовал, професор по лингвистика на Автономниот универзитет во Мадрид, и Хирото Уеда, хиспанист од Универзитетот во Токио.
Истражувањето опфатило анализа на околу 400.000 зборови од романот „Дон Кихот“, а авторите истакнуваат дека резултатите покажуваат исклучителна лексичка и стилска разновидност.
Според истражувачите, Сервантес бил „голем слушател“ на говорот на обичните луѓе, што се огледува во разновидноста на јазикот на ликовите, од возвишениот говор на Дон Кихот до едноставниот, секојдневен речник на Санчо Панса, пренесува RTVE. Студијата покажува дека во делото се појавуваат повеќе од 8.000 различни лексички единици, како и околу 214 ликови со јасно диференцирани стилови на говор, што ја потврдува повеќеслојната структура на романот.
Авторите наведуваат дека проектот бил овозможен од дигиталната лингвистика, бидејќи рачната обработка на толку обемен корпус би била практично невозможна. Истражувачите најавуваат и понатамошен развој на проектот, вклучително и создавање дигитални алатки и модели на вештачка интелигенција засновани врз јазикот од времето на Сервантес.
Сервантес се истакнувал со својата креативност, особено кога станува збор за создавање сопствени имиња – речиси 900 во книгата, од кои многу денес се дел од шпанската популарна култура.
(Radio Mof)



























