14 C
Skopje
вторник, март 2, 2021

Кокан Ајановски, машински инженер кој го избра трчањето како животен стил и бизнис определба!

Kabtel desktop

Кокан Ајановски е пример како се напушта професијата машински инженер, за да се посвети на тркачките чекори, на трчањето како вид на ослободување, притоа создавајќи армија на пасионирани тркачи во Скопје со неговата NRC – Nike школа за трчање која успешно ја води повеќе години.
Мисијата на Кокан е јасна! Тој ги воведува луѓето во светот трчањето и тие луѓе во тој свет остануваат… Го засакуваат и уживаат.

Со солзи на радост, кога ќе ја поминат целта на некоја трка или со една совршена безгрижност кога во еден ладен зимски јануарски ден, како овој кога го правевме интервјуто, ќе дојдат на еден вообичаен тренинг
Со Кокан имам повеќегодишно пријателство и ова интервју ми беше навистина лесна задача, особено зошто секоја средба со него е апсолутна радост и конструктивна размена на размисли за трчањето… Нешто како glow за кој зборува Daniel Goleman во •Емоционална интелигенција•

Новинарка: Љубица Ангелкова

Кокан, кога и зошто започна со трчање?

Во 2008 година. Слушнав реклама на радио и сакав да пробам дали можам да истрчам 21 километар без да застанам. Тоа беше и мојот прв предизвик со трчањето.

Која беше твојата прва рута која ја истрча?

Почнав да трчам во моето маало. Трчав покрај пругите. Некогаш кога игравме фудбал со другарите, продолжував да трчам уште за да имам поголем број на километри. Потоа зголемив, па доаѓав со трчање и си одев трчајќи по завршувањето на фудбалскиот или кошаркарскиот натпревар.

Во која фаза беше тогаш твојата професионална кариера и како ти помагаше трчаењето во таа фаза од животот?

Јас сум дипломиран машински инеженер и работев на мојата струка во една градежна компанија со работно време од 8-16ч. Тоа беше третата компанија за која што работев во моето тригодишно работно искуство. Спортот отсекогаш бил мојот начин на живот, а во таа фаза трчањето имаше значајно место. Имав тежок период пред тоа и трчањето се појави кога ми беше најважно. За кратко време, трчањето стана неразделен дел од моето секојдневие и без него веќе не можев да си го замислам животот.

Кога се случи мигот во кој одлучуваш да ја прекинеш кариерата за која си се школувал и во која си вложил години на доедукација и искуство?

Седум години работев на струката, а 8 години веќе поминаа како трчањето стана и моја работа. Одамна сакав да работам нешто поврзано со спорт, но немав храброст да го заборавам минатото и да започнам нешто. Затоа прво почнав како дополнителна работа да се едуцирам на теми поврзани со исхрана и здрав активен начин на живот. Многу читав книги и гледав мотивациски видеа кои ме носеа чекор поблиску до мојата цел. Во тој период интензивно се дружев со успешни и позитивни луѓе, а посетував и многу семинари за личен развој. Знаев дека еден ден ќе успеам во мојата цел, но не бев сигурен кога ќе биде тој ден. И така, од 2013 година трчањето стана моја работа.

Сите некаде трчаат да стигнат, но ретко кој трчењето го избираше како рекреација?

Точно така. Многу помалку луѓе рекреираа порано, што не е случај и денес кога бројот е значително зголемен. Многу сум среќен заради тоа!

Со твоето професионално влегување во промовирање на трчањето како спорт, се доби впечаток дека сите почнаа да трчаат, благодарение на твојата позната школа за трчање?

Благодарам за комплиментите. Веројатно е така затоа што бевме пионери со нашата школа за трчање која од самиот старт беше наменета и за возрасни, и за почетници. Факт е дека сум влијаел на многу луѓе во Скопје да доаѓаат на нашите тренинзи, да започнат со трчање и на многумина тоа да им стане начин на живот. Некои од нив се уште трчаат со нас, а некои трчаат самостојно или на други места.

Она што Шварценегер го направи за бодибилдингот, Кокан го направи со масовното трчање во Скопје, умеат да кажат некои твои познаници. Како го коментираш тоа?

Тоа е најголемиот комплимент што може да се добие. Кога нешто се прави со најголема љубов, такви се и резултатите. Првите успеси ми беа мотив да си ветам себе си дека ова ќе го работам до крајот на мојот живот и ќе издржам во сите предизвици кога ќе биде тешко!

Кој се трча во твојата школа. Кои луѓе, со кои професии се одлучуваат да се вратат на природното движење на телото, а тоа е трчањето?

Членови се луѓе кои активно или рекреативно сакаат да се занимаваат со трчање или со еден збор трчаат сите! Добредојдени се сите возрасни категории. Во школата имаме деца, тинејџери, но и возрасни луѓе од различни професии. Имаме и пензионери во тимот кои дефинитивно се пример дека може да се трча во секоја животна фаза.

Интересно и предизвикувачки е да се обединат толку многу луѓе, со различни професии и карактери да функционираат во една целина, а трчањето да биде тоа што ќе ги спои!

Дали секој може да трча?

Секој што е психофизички здрав може да трча, без разлика која е моменталната форма. Најважниот предуслов е искрено да сака!

Ок, сите знаеме да трчаме, но што е со техниките на трчање?

Сите знаат да трчаат исто како што сите знаат и да пеат….Едно е да трчаш, а друго е правилно да трчаш. Затоа сме тука ние тренерите, трчачите со големо искуство да ги научиме љубителите на трчањето за тајните на овој спорт, меѓу кои важен сегмент е и техниката на трчање. Повелете да трчаме заедно!

Дали трчањето е начин на живот?

Нема нешто поубаво кога трчањето ќе стане начин на живот! Сите кои го оствариле тоа , ќе се согласат со мене. Мојата главна цел и мисија на сите кои дошле да бидат дел од Nike школата за трчање е трчањето да стане начин на живот. Не е лесно, но навистина вреди. А кога трчањето ќе стане начин на живот, тогаш сме добиле здрава wellness личност која ќе биде подобра како на приватен,така и на професионален план!

Се повеќе бизнис луѓе почнуваат да трчаат. Зошто?

Стресниот начин на живот, недоволно водењe грижа за себе, прекумерната тежина се според мене главните причини поради кои тие почнуваат да трчаат. А кога еднаш ќе ги почувствуваат бенефитите од трчањето , тешко дека ќе се откажат!

Бизнис трките се популарни во светот заради тим билдинг моментот. „Скопје ран“ е таква трка, но ме интересира колку македонските компании го промовираат трчањето како спорт и дали вие имате искуство со тренинзи за трчање за компании?

Во последно време се’ повеќе го промовираат. Низ годиниве имам многу искуство од компании кои ги праќаат нивните вработени на нашите тренинзи или јас одам кај нив и таму одржуваме тренинзи. Среќен сум дека живееме во трендот на wellness индустријата и луѓето кои порано воопшто не ги интересирало ова, сега посветуваат внимание на своето здравје и свесни се за придобивките од спортот и трчањето воопшто. Многу луѓе кои порано се шегувале со мене дека трчам по улици, денес се ‘заразени’ со трчањето, а јас сум благодарен и исполнет дека сум влијаел нивните животи да се променат на подобро!

Дали од трчањето може и квалитетно да се живее, ако тоа ти е професија?

Од сé што работиме со љубов може квалитетно да се живее. Јас токму и затоа одбрав трчањето да биде и моја професија, затоа што на тој начин си го подобрив здравјето и можам да живеам еден, за мои стандарди, поквалитетен живот. Тоа е и мојата порака, професијата да ни биде она што навистина го сакаме без разлика на колку години ќе одлучиме да го работиме тоа.

Ако можевјас да започнам на 31 година, може секој.

Со кој тип на трчање ти се занимаваш сега?

Од самиот старт се занимавам со трчање на долги патеки. Тоа значи дека трчам трки од 3 км до 42,2 км (маратон). Трчам трки на атлетска патека, улични, крос кантри и планински трки. Омилени ми се уличните трки.

Иако професионално трчам, никогаш не сум бил роб на статистиката, но веројатно до сега сум истрчал околу 50 000 километри!

Каде се си трчал?

Тоа е можеби и најубавиот дел од целата приказна со моето трчање. Надвор од Македонија имам трчано на трки во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Унгарија, Чешка, Италија, Австрија, Данска, Малта, Грузија, Словачка, Полска, Азербејџан.

Дали имаш сеќавање на најубавата трка за тебе?

Ова е навистина тешко прашање. Имам многу убави трки во мојата кариера. Многу полесно би ми било да одговорам поконкретно за најомилена трка на пример, во есен или во зима, или улична трка или планинска, или трка од државни првенства или трка во(н) Македонија итн.

Каде најмногу сакаш да трчаш во Скопје?

Ако претходното беше најтешко,ова е најлесно прашање. Најногу сакам да трчам на кејот на Вардар, потоа следува градскиот парк и третата локација е Водно.

Трчање во група или соло ? И кога која комбинација е подобра?

И двете се разбира. Зависно во која животна фаза сме и какво ни е слободното време, така може да ги бираме овие комбинации. Трчањето во група е позабавно, има дружење, полесно се напредува итн, а соло трчање е кога сакаме да бидеме сами со себе, да уживаме во сопствените разговори, да медитираме трчајќи итн.

Неодaмна објави книга, која стана библија за многу луѓе кои се пронајдоа во неа. Што те поттикна да ја напишеш?

Благодарам! Животот мој стана трчање. Буквално се’ ми е поврзано со трчањето. Целата моја креативна енергија која ја добивав после трчањето ја преточив во книгата ТРЧАЊЕТО МЕ УЧИ и сакав да го споделам моето знаење и животна филозофија со сите љубители на трчањето и пишаниот збор. Книгата наиде на супер одзив кај публиката и затоа се надевам дека наскоро ќе има инешто ново од мене.

Трчањето е мојот живот, па затоа секогаш во преден план ќе ми биде целата оваа приказна да трае и да се надоградува. За да има успех во тоа, мора да ги следам сите текови на модерното време, да се прилагодаувам на промените, да го одржувам ентузијазмот и пасијата за оваа дејност. Се надевам дека успешно ќе одговорам на предизвиците кои ги носи иднината и дека нашата екипа и понатаму ќе се зголемува и преку личен пример ќе продолжиме да покажуваме како се сака трчањето!

Дали слушаш музика додека трчаш?

Најчесто слушам музика кога трчам, но има и периоди од животот кога сакам да ги слушам звуците на природата и да разговарам со птиците околу мене.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •