Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи стапува на сила утре (28 септември). Со него, се очекува дополнително намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Тоа значи дека утре е крајниот рок до кој купувачите и добавувачите треба да склучат нови договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи во кои на 10% е ограничен рабатот и дополнителните трошоци, односно надоместоци. Листата на земјоделски и прехранбени производи содржи 2.548 тарифни броеви. Тука се производите кои се со 5% ДДВ и 10% ДДВ“, рече Дурмиши.
Како што информираше министерот Дурмиши, надоместоци се дозволени не повисоко од 10% од остварениот промет во тековната година, за ставање на полици на продажното место на купувачот, рекламирање на земјоделски и прехранбени производи, маркетинг на земјоделски и прехранбени производи, ангажирање на персонал за опремување на просториите на купувачот во кои се врши продажба на земјоделски и прехранбени производи и рабат (национално утврдување).
„Сакам да потенцирам дека овој закон не ја регулира трговската маржа, туку ги забранува дополнителните трошоци (надоместоци) кои добавувачите морале да ги плаќаат за нивните производи да се продаваат од купувачите. Со примена на овој закон очекуваме резултати на долг рок и намалување на цените на овие производи на листата од најмногу 10%, односно првите резултати со намалени цени ги очекуваме до крајот на октомври кога очекуваме дека ќе се потрошат залихите од претходните договори и ќе почнат да се продаваат производите согласно новите договори. Законот како што знаете донесен е на 20 март 2024 година и трговците и добавувачите имаа рок од шест месеци да ги усогласат договорите, односно да склучат нови договори, не подоцна од 27 септември. Што значи дека од утре почнува и ефективната примена на овој Закон“, кажа Дурмиши.
Овој Закон, како што посочи тој, е донесен во соработка со сите засегнати страни, односно со трговците, производителите и дистрибутерите и, како што додаде, нема да има одложување на неговата примена.
„Контролата за промена на овој Закон ја врши Комисијата за заштита од конкуренција. Во координација Комисијата за заштита од конкуренција во наредните три месеци, односно до крајот на годината за да излеземе во пресрет на сите засегнати страни, доколку се утврди дека при склучување на новите договори не се испочитувани одредбите на Законот ќе има опомени, односно нема да се преоѓа веднаш на казнување. Односно во следниот период од 3 месеци односно до крај на 2024 година, ќе се соработува со компаниите за да утврди дали се правилно склучени договорите односно дали се опфатени соодветно одредбите од законот“, посочи Дурмиши.
Истовремено, истакна дека од 2025 година ќе се вршат редовни контроли од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Во меѓувреме со цел да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, додека да почнат да се чувствуваат првите резултати од Законот за нефер трговски практики, Дурмиши рече дека ја донеле одлуката за ограничување на маржата на 10% во трговија на големо и трговија на мало на 73 основни прехранбени производи.
„Одлуката се спроведува, односно според првичните анализи на Министерството за економија цените на овие производи се намалени во просек од 5-10%. Кај некои производи намалувањето е помало, а кај некои производи и го нема затоа што кај овие производи маржата не била повисока од 10%“, тврди Дурмиши.
Фото – Pexels