700 зборови за 30 дена: Македонската иновација Fluentish  го менува начинот на учење јазици!

- Advertisement -

Иван Веселиновски е креaтор на Fluentish, уникатна апликација за учење јазици која се фокусира на 700 зборови, кои овозможуваат секојдневна комуникација. Иван вели дека идејата за Fluentish се родила уште во неговите студентски денови, од сопственото искуство на учење странски јазик.

Апликацијата во моментот овозможува учење на 13 светски јазици, а она што ја прави уникатна е што се прилагодува за секој човек, без разлика на кој јазик зборува. Целта, вели Иван е да се надогради со уште поголем број на јазици, како и да се понудат пакети со специфични зборови за одредени професии.

Ова интервју е дел од серијалот интервјуа кои ги реализираме во соработка со Startup Club Skopje во рамки на кој ги претставуваме стартапите од третата инкубаторска програма #ИмамИдеја3 — иницијатива што им помага на младите тимови да ги развијат своите идеи во реални решенија.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Иван, објасни ни детално што е Fluentish?

Fluentish е апликација за учење јазици која им помага на корисниците да ги совладаат 700-те најважни зборови потребни за разбирање на околу 90 отсто од секојдневниот говор. Апликацијата користи специјализиран алгоритам за меморирање и едноставен, интуитивен интерфејс. 

- Advertisement -

Како дојдовте до идејата за да ја креирате оваа апликација?

Идејата дојде од моето лично искуство со користење на популарните апликации. После некое време почнаа да ме фрустрираат од повеќе причини, кои, всушност сакав да ги надминам со креирањето на Fluentish.

- Advertisement -

На пример апликациите ме учеа како да кажам здраво, како да напишам, како да изговорам, како да го искористам во реченица, сето тоа можеби и по 30 пати за секој збор. Исто така ме учеа бескорисни зборови како желка, месечина, дрво, односно преку нив се случуваше да научам еден корисен збор на 10 бескорисни за секојдневната комуникација. Во овие апликации се учи и граматика, што според мене е непотребна на почетокот, на запознавањето со јазикот, а се учат и популарни фрази, кои сметам дека се корисни за првите две минути од разговор, кога веќе незнаењето на јазикот станува видливо и со соговорникот се преминува на комуникација на англиски јазик.

Инспирацијата за да ја креирам Fluentish доаѓа од постоечката апликација Anki, која е моќна платформа за меморизација на било што, пример анатомија, историја, географија, но најчесто се користи за јазици. Проблемот е што таа е прекомплицирана за користење. Јас го земав нејзиниот пристап на меморизирање и го фокусирав само на јазици, поточно само на корисните зборови во секојдневниот говор.

Можете ли да ни објасните како функционира Fluentish, како тече процесот на учење, кои јазици се моментално достапни?

Секој што сака да почне да учи еден од јазиците треба да направи корисничка сметка, да го одбере јазикот на кој да биде апликацијата, а потоа и јазик кој сака да го учи, да речеме шпански. 

Се појавува збор, пример “Hola”. Корисникот треба да одговори на прашањето дали го знае зборот, со кликање на три опции, не, да и лесно. Опцијата не значи дека зборот повторно ќе се појави за една минута, да значи дека ќе се појави за 15 минути, а лесно значи дека повторно ќе се појави за две недели. Секое наредно кликнување на да, зборот ќе се појавува се поретко, на пример на 15 минути, на еден или седум дена, на две недели или еден месец или пак подолго.

Доколку, пак, се случи осле некое време да се заборави тој збор и се одбере опцијата не, тогаш времето на појавување се крати на половина, и така со секоја следна грешка. Идејата, всушност, е да се појавуваат само зборовите што се непознати за тој што учи, наместо да се следи некој шаблон.

Во моментов на Fluentish за учење се достапни 13 јазици: англиски, шпански, француски, италијански, германски, руски, турски, кинески, арапски, грчки, српски, македонски и албански. Планот е да ги има сите јазици на планетава, затоа што се само зборови без граматика и тоа е прилично изводливо.

Што е тоа што ја разликува вашата апликација од другите јазични апликации на пазарот, што е иновативниот момент?

Тоа што Fluentish ја разликува од другите апликации е достапноста за секој човек, без разлика на кој јазик зборува. На пример, тој што не знае англиски како ќе го користи Duo Lingo? за разлика од тоа Fluentish може да ги комбинира сите понудени јазици, на пример некој што зборува српски ќе може да да учи кинески. Ова не го нуди ниедна апликација на пазарот.

Исто така, листата на зборови е многу прецизно избрана за најголемата употребливост. Нема нити еден збор што не е веднаш употреблив во реални сценарија. Fluentish го користи алогоритамот за меморизација наречен Supermemo 2, а апликацијата е засекогаш бесплатна и нема реклами. Исто така, нема ограничувања колку може да се користи, а зборовите се гарантирано точни, бидејќи за нив се користени судски преведувачи. На крај, разликата е во тоа што на Fluentish можат да се учат повеќе јазици во исто време.

Зошто ја одбравте токму на бројката од 700 зборови? Дали постои истражување кое потврдува дека тие се доволни за разбирање на секојдневниот говор? Како ги утврдувате клучните 700 зборови кои треба да се научат?

Овој број од 700 зборови се доволни за 90отсто на покриеност на говорниот јазик. Апликацијата вушност нуди 2,000 зборови, односно 99 отсто покриеност на јазиците, а листата на зборови е базирана на повеќе листи, со поголем фокус на NGSL листата (https://www.newgeneralservicelist.com/new-general-service-list)

Од целата колекција на зборови, потоа јас субјективно елиминирав и додавав зборови. На пример, го тргнав зборот готви, затоа што веќе ги има зборовите прави и храна. На тој начин, преку анализа на зборовите успеав да го намалам бројот на потребни зборови, без да се намали покриеноста на разбирање на јазикот.

Колку време му е потребно на еден просечен корисник за да ги совлада овие 700 зборови со помош на вашата апликација и како се прави проверка на знаењето?

Според досегашното искуство од користењето на апликацијата, неколку од корисниците успеаја да ги меморизираат 700-те зборови за еден месец, со учење од еден час дневно. Проверката на знаењето се случува при самото учење. Се појавуваат нови и стари зборови, и според одговорите се прилагодува апликацијата. Тие во секое време можат да си го проверуваат нивото на меморизација на јазикот бидејќи тоа е прикажано на самата апликација, како и бројот на зборови што ги знаат и не ги знаат.

Како апликацијата се прилагодува на индивидуалното темпо на секој корисник, дали и како го следи напредокот на ученикот и дали се прилагодува?

Апликацијата се прилагодува според одговорите кои ги дава корисникот, заради што секој корисник има уникатно искуство. Supermemo 2 алгоритамот е генијален затоа што точно пресметува кога тој што учи би заборавил некој збор, и му го прикажува малку пред тоа. Апликцијата нема распоред и буквално се прилагодува според тоа кој збор лесно бил запамен а кој бил проблематичен. 

Дали Fluentish веќе се користи и дали имате повратни информации од корисниците? Каков е нивниот фидбек од користење на јазикот во реални ситуации?

Апликацијата постои веќе три години, но нема голем број на корисници, досега 1,259, затоа што B2C апликациите бараат огромни маркетинг буџети и доза на среќа со виралност. Од овие корисници, неколку имаат изразено голема благодарност затоа што им помогнало многу брзо да започнат со користење на целосно нов јазик. Тоа за мене е одлична вест и дополнителна мотивација.

Какво беше вашето искуство со „Имам Идеја 3“? Каква е вредноста на вакви програми за млади, иновативни тимови како вашиот и што според вас недостига на стартап сцената во моментов?

„Имам Идеја 3“ е одлична програма за сите што немаат бизнис искуство и знаење како се градат продукти. Ваквите програми се најкорисни за значително намалување на unknown unknowns, за потоа да може подетално да се истражи областа која има место за подобрување. На стартап сцената сметам дека најкорисно би било да престане да се нарекува сцена и да почне да се занимава со вистински бизнис. Сцената е преполна со CEOs и Founders што само сакаат да прават презентации и да имаат визит карти.

Кои се вашите планови и големи соништа за апликацијата во иднина?

Сонот е веќе исполнет, а тој беше да ја изградам апликацијата. Секако секогаш може повеќе и подобро, така што грандиозниот план е таа да може да функционира и да можат да се учат сите можни јазици. Постојат околу 100 главни јазици и илјадници егзотични. 

Планирам секогаш ќе бидат бесплатни 2,000-те зборови за 99 отсто покриеност на говорен јазик, додека пак, да се продаваат word packs за специфични теми како на пример градежништво, медицина, спорт или други. Идејата е, секој да може да ги научи тие 2,000 зборови за нормално функционирање, а за областа во која работи да ги купи само тие зборови.

- Advertisement -