Потребен ни е здравствен систем во кој пациентот е во центарот. Систем кој е управуван врз основа на реални податоци и потреби

- Advertisement -

„Здравството носи најголема социјална и економска вредност – тоа е инвестиција во луѓето, во иднината и во силата на едно општество“

Разговараме со Проф. д-р Александра Грозданова, професорка на Фармацевтски факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје и еден од највлијателните гласови во областа на здравствените политики, превентивата и модернизацијата на здравствениот систем. Таа зборува за предизвиците, новините и потребата од стратегиски пристап кон здравјето како општествена и економска вредност, зборува за концептот на вредносно-базирано здравство (Value-Based Healthcare), за потребата од промена во начинот на кој гледаме на здравството, како и за искуствата од пост докторските студии во САД и едукацијата на Harvard Business School.

Разговараше – Верица Јорданова

  1. Во мај годинава имавте едукација која се реализираше на Harvard Business School, една од најпрестижните и највлијателни образовни програми во светот. Може ли повеќе да ни кажете подетално за ова искуство?

Едукацијата беше во областа на модерното управување со здравствени системи во делот на Value-Based Health Care односно здравствени политики базирани на вредности. Програмата е развиена од страна на истакнатите научници Michael Porter и Elizabeth Teisberg, и истата успешно се реализира повеќе од една деценија на Harvard Business School, во Бостон, САД. Оваа програма ја имаат завршено истакнати лидери и професионалци кои сега раководат со најпрестижните болници, здравствени фондови и се креатори на здравствените политики ширум светот.

- Advertisement -

Токму поради таа престижност на оваа програма, годинава беа пријавени повеќе од 650 кандидати од 28 различни земји со различен професионален профил во здравството. Преку високо конкурентен, стручен и ригорозен процес на селекција што го спроведува Harvard Business School беше избрана група од деведесет учесници. При изборот се вреднуваат професионалните постигнувања, експертизата во здравствените политики, лидерството, искуството во спроведување на реформи и посветеноста кон развој на здравствени системи засновани на вредност и резултати. Извонредно горда сум што за прв пат во оваа програма имаше претставник и од Македонија.

Едукацијата се реализира како интензивна академска и практична обука која го користи т.н Harvard „case method“ моделот на учење, кој вклучува подготовка, анализа и дискусија на реални примери од здравствената пракса ширум светот. Неколку месеци претходно ни беа споделени материјали за подготовка, случаи за анализа и различни сценарија од здравствените системи и беше потребна навистина сериозна подготовка. Програмата е фокусирана на современите предизвици во здравството, мерењето на исходи што се важни за пациентите, ефикасното управување со ресурси и развојот на одржливи модели на вредносно-базирана здравствена грижа.

- Advertisement -

Во наставата учествуваа светски признати професори и истакнати професионалци како самата Елизабет Тајсберг, исклучителен човек и професор, потоа Мери Витковски, Сузана Галани и Роберт Хакман, кои со својата интелектуалната острина го преставија најдоброто од Harvard Business School. Подеднакво мотивирачки беше и да се сведочи искуството од практичната имплементација на здравствените политики кои го пренесоа Дејвид Н. Бернштајн и д-р Славејко Џамбасов, како и учењето преку приказ на случаи и практичните искуства што ги споделија лидери како Бјорн Зога, Кевин Бозик и Мартен Акерман. Но, најголема инспирација сепак ми беа разговорите со моите колеги од класата 2025 – извонредна група страствени, посветени професионалци со храброст и лидерство да ги трансформираат здравствените системи ширум светот.  Да се биде дел од таква група на светски здравствени професионалци, за прв пат како претставник од Македонија и да се работи во средина како што е Harvard Business School која ги диктира најнапредните трендови, беше исклучително инспиративно и обврзувачки.


  • Дел од искуство на Harvard Business School продолжи како проект, а дел го пренесовте и во рамки на годинешната AmCham Healthcare конференција каде бевте дел од експертскиот тим на VBHC Executive Training. Каква порака произлезе од таму?

Тоа беше силна платформа каде институциите, академија, клиничарите, фармацевстката индустрија и пациенти зборуваа за иста цел – здравствен систем кој испорачува резултати.

- Advertisement -

Клучните пораки беа:

* здравството не чека – потребна е навремена акција

* фокус од „обем на услуги“ кон „вредност за пациентот“

* соработка наместо фрагментација

* доверба како предуслов за било каква реформа

* гледање на здравството како инвестиција  и “надвор од бројките во буџетот’

  • Во текот на вашата кариера имате богата меѓународна едукација и професионално искуство. Колку тие искуства влијаат на вашата визија за здравствени политики?

Тие меѓународни едукации и искуства се исклучително потребни и ме оформија како професионалец, но и ми дадоа поголема визија за здравствените политики. Во 2014 година бев стипендист на Владата на САД во рамки на Fulbright програмата на постдокторските студии во Бостон во областа на јавното здравје и фармакоепидемиологија. Тоа беше извонредна можност да се работи во силна академска и научна средина, но и да ги видам сите предизвици на здравствено-политичка сцена. Дополнително, во тек на магистерските и докторските студии и специјализацијата имав студиски престои и професионални развојни ангажмани во Швајцарија во центарот на СЗО во Лозана, на Универзитетот во Стокхолм, Шведска, во Истанбул, Лондон и Копенхаген, каде што директно се запознав со различни модели на здравствени системи, финансиски механизми и политики ориентирани кон превенцијата и здравствената едукација. Учесник сум во повеќе меѓународни проекти и сум имала привилегија да соработувам со институции како Светската здравствена организација (WHO), Европската агенција за лекови (EMA) и UN агенциите. Сето тоа искуство ме научи дека силната здравствена политика се гради врз знаење, реални податоци и потреби, интердисциплинарност и визија – и дека секое општество може да напредува ако има јасна стратегија и храброст да исчекори.

  • Здравствените политики често се перципираат како бирократска тема. Како вие ги дефинирате и зошто се толку важни?
  • Здравствените политики се суштината на тоа како едно општество ја организира грижата за своите граѓани. Тоа не се само административни процедури туку одлуки кои директно влијаат врз здравјето и животот на пациентите, довербата, квалитетот на грижата и еднаквиот пристап кон здравствените услуги. Добрата здравствена политика создава стабилен и праведен систем во кој и здравствените работници се мотивирани и пациентите се сигурни. Лошата политика создава несигурност, недоверба и незадоволство и кај пациентите и кај здравствените работници.
  • Често велите дека здравството не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција. Што значи тоа?
  • Ова е суштинска промена во односот кон здравствениот систем, но и кон индивидуалното здравје. Ако здравството го гледаме само како буџетска ставка, тогаш секогаш ќе зборуваме за финансиски ограничувања и „колку чини“ одредена здравствена услуга. Но инвестицијата во здравството создава здрави, продуктивни, работоспособни граѓани, човечки капитал, поотпорна економија и стабилно општество. Здравиот човек може да создава, да се грижи за себе и своето семејство, да работи, да твори и да допринесува во општеството.

Цената на „непреземање навремени мерки“ е секогаш повисока, подеднакво индивидуално или во здравствениот систем : поголем број на заболувања, повисоки директни и индиректни трошоци, намален квалитет на живот, загубена работоспособност, загубени животи.

Здравството е најсилната долгорочна инвестиција на едно општество но и на поединецот. Вие сте силен промотор на Value-Based Health Care. Што точно значи овој концепт?

Value-Based Health Care (VBHC) е здравствен систем базиран на вредности што би значело премин од систем кој ја мери количина на дадени услуги, кон систем кој се мери преку резултатите што тој систем ги испорачува и кои се важни за пациентот.

Тоа значи здравствен систем со фокус кон следење на исходот на здравствените услуги, мерење и транспарентност на сите процеси, подобра организација на грижата и услугата кон пациентот и ефикасно користење на сите инвестирани ресурси.

  • Дел кој беше дискутиран беше и важноста на дигитализацијата и податоците во современите здравствени политики?

Без податоци нема современо општество, нема квалитетно здравство. Живееме во време каде дигитализација е на секој чекор од нас, во секој сегмент од нашето живеење. Дигитализацијата значи подобро следење, подобри одлуки базирани на реални податоци, транспарентност и повисока доверба. Но дигитализацијата не е цел сама по себе – таа е алатка која овозможува подобра организација, подобра координација на грижата и вистинско мерење на резултатите. Секоја одлука и секоја стратегија во здравството мора да се базира на точни, квалитетни и национално релевантни податоци. Само така политиките имаат смисла и можат да се реализираат во реалниот, локален контекст. Здравствените системи не функционираат во лабораториски услови, тие функционираат во реалниот живот, со реални ресурси, реални капацитети и реални потреби на граѓаните.

Дополнително, исклучително важно е прашањето на одржливоста. Често гледаме одлични идеи и иницијативи кои звучат импресивно, но остануваат без можност за долгорочна имплементација. Политиките мора да бидат не само интелектуално силни и иновативни, туку и финансиски, организациски и системски одржливи во текот на годините.

  • Во јавноста често се зборува дека пациентот треба да биде „во центарот“ и за промена на општествените и демографските процеси. Како тоа изгледа во реалност?

Пациентот во центар значи: систем кој ги слуша потребите на пациентот, систем кој мери што е важно за пациентот и систем кој ја вреднува работата на здравствениот работник. Тоа е суштината на VBHC.

Демографските промени, стареењето на населението и падот на наталитетот, миграцијата и намалувањето на работоспособната популација, носат сериозни предизвици за здравствениот систем и за државата во целина. Колку повеќе населението старее, толку поголема е потребата од здравствени услуги, хронични третмани, долготрајна грижа и поддршка. Тука доаѓа и социјалниот товар на болеста бидејќи болеста не е само медицински проблем, туку економски, семеен и општествен. Болеста влијае на квалитетот на живот, на секојдневното функционирање, на семејствата кои мора да се грижат, па дури и на продуктивноста и економскиот развој на државата. Затоа е исклучително важно политиките да го препознаат ова и да инвестираат првенствено за здравствена едукација на населението, во превенцијата, скринингот и раната детекција, во навремени интервенции и одржливи системи на грижа. Тоа не е само грижа за здравје, тоа е стратегиска грижа за иднината на општеството.

  • Ако треба да ги издвоите приоритети за здравствени политики во следните години – кои се тие?
  • Сметам дека како општество најважен приоритет треба да ни биде здравствената едукација и подигањето на свеста на населението во однос на правилни навики на живеење и однос кон сопственото здравје. Тоа значи премин кон превентивни и вредносно-базирани здравствени политики и систем ориентиран кон следење на исходот. Исто така, дигитализацијата и користењето на реални податоци за носење на правилни одлуки и вистинско управување со нив мора да биде високо на агендата, како и градење на силни партнерства меѓу здравствените институции, професионалците, пациентите и фармацевтската индустрија како двигател на иновациите. Само така ќе имаме здравствен систем кој е одржлив, правичен и модерен.
  1. И на крај што ве мотивира лично да продолжите да се борите за подобар здравствен систем?

Ме мотивира желбата и вистинската потреба за напреден, модерен пациент ориентиран и правичен здравствен систем. И колку и тоа да звучи недостижно кога ги гледам моите студентите, младите професионалци, едуцираните пациентите, колегите, и сите оние кои веруваат дека можеме подобро и дека вреди да се вложува во здравството, тоа дава надеж. Живееме во свет кој нуди многу можности, од иновативна терапија која комплетно го менува начинот на лекување и животниот век, до дигитализација кој овозможува огромни можности во здравството. На нас останува како овие можности правилно да ги користиме.

Здравството е приказна за луѓе, за секој еден од нас и за општество кое сака и треба да биде посилно, поправедно и поодговорно. Здравството не е само инфраструктура, протоколи и буџети. Тоа е општествена вредност, човечки капитал и основа на секоја стабилна држава.

Сподели!
- Advertisement -