Во организација на „Џуниор Ачивмент Македонија“ денеска во Трговскиот центар „Веро Џамбо“ ќе се одржи деветтиот Национален натпревар на ученички компании за учебната 2025/2026 година.
На натпреварот ќе учествуваат повеќе од 90 ученици, организирани во 20 ученички компании од 16 средни училишта од Берово, Битола, Богданци, Велес, Прилеп, Скопје, Ресен, Куманово и Гевгелија.
Ученичките компании преку изложбени штандови ќе ги претстават своите бизнис-идеи и резултатите од работата во текот на учебната година. Учесниците ќе се натпреваруваат за избор на најдобра компанија, која ќе ја претставува државата на европскиот натпревар во Рига, Летонија, организиран од мрежата на „Џуниор Ачивмент“. Програмата „Ученичка компанија“ има за цел да им овозможи на младите практично искуство во водење бизнис, развој на финансиска писменост и унапредување на претприемачките вештини, стои во соопштението.
Организацијата „Џуниор Ачивмент Македонија“ е дел од глобалната мрежа „Junior Achievement Worldwide“, основана во 1919 година и присутна во повеќе од 120 земји со програми за претприемничко образование и финансиска писменост за млади.






























