Блокчејн технологијата, вештачката интелигенција и NFT отвораат нови перспективи за финансирање на социјални иницијативи.
На 4 ноември 2026 година се одржа меѓународниот онлајн вебинар „Blockchain, AI and NFT in Service on Social Initiatives: Launching the SINFT Platform“, со кој официјално беше претставена новата SINFT платформа, развиена во рамките на истоимениот проект поддржан од програмата Еразмус+ на Европската Унија, a реализиран во партнерство помеѓу Здружението нови генерации социјални иноватори за инклузија Порака Нова од Битола, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид и компанијата Angor AG и неколку партнерски европски организации од Кипар, Франција, Молдавија, Грузија и Украина.
Вебинарот обедини повеќе од 90 учесници меѓу кои проектните партнери, експерти и млади од меѓународната заедница, кои имаа можност да се запознаат со потенцијалот на новите технологии за поддршка на младинските иницијативи и граѓанските организации.
Во рамките на настанот беа претставени бесплатните онлајн курсеви достапни на SINFT платформата, можностите за виртуелни размени, вебинари и менторски сесии, како и концептот на заеднички иновациски лаборатории во кои младите и организациите ќе соработуваат на креирање NFT проекти со општествено влијание.
Посебно внимание беше посветено на SINFT маркетплејсот, кој овозможува дигиталната уметност создадена со помош на вештачка интелигенција да се претвори во можност за прибирање средства за социјални иницијативи и општествено корисни проекти.
SINFT има за цел да им овозможи на младите луѓе, особено на оние со помалку можности, како и на граѓанските организации и социјалните претпријатија, да ги запознаат и применат новите дигитални технологии за развој на креативни, одржливи и иновативни решенија за општествените предизвици.
Преку бесплатните едукативни содржини, меѓународната соработка и практичната примена на AI, блокчејн и NFT технологиите, проектот создава нови можности за младите да станат активни креатори на дигитални решенија и двигатели на позитивни општествени промени.
Повеќе информации и пристап до платформата се достапни на: www.sinft.net.
























