Глигор Дачевски ќе ја гради првата деловна паметна зграда во Скопје!

- Advertisement -


Пристап со отпечаток од прст, полу-автоматизиран паркинг систем, енергетска ефикасност… Ова се само дел од атрибутите на првата деловна паметна зграда која за своите потреби ќе ја гради македонската компанија doXteam во Скопје. Повеќе за тоа како ќе функционира паметната зграда, за Иновативност раскажа Глигор Дачевски, директор на doXteam

Разговараше Бисера Срцева.

(Фотографиите во текстот, освен планот на зградата, се само пример и не се однесуваат на оваа конкретна зграда.)

- Advertisement -

Компанијата doXteam е една од водечките македонски компании за софтвер чиј основач и директор Глигор Дачевски со својот тим од архитекти и дизајнери, моментално го развиваат планот за градење на паметна зграда која ќе биде специјално дизајнирана за потребите на ИТ компанија.

„Сфативме дека за да бидеме поефикасни, да се чувствуваме попријатно и фокусирани на работа, потребна ни е зграда која ќе функционира со паметни технологии какви што всушност и развиваме. Паметната зграда моментално ја завршуваме како идеен проект и ќе започнеме процес за добивање на дозвола за градење во скопската населба Капиштец. Инаку, се работи за зграда која ќе се гради од темел со намера уште од почетокот во неа да биде имплементирана паметна технологија.“, вели Дачевски.

- Advertisement -

Концептот на зградата опфаќа неколку елементи кои се провлекуваат низ целиот дизајн, со тоа што клучните сегменти се безбедноста на зградата, енергетската ефикасност, адаптибилност според потребите на вработените итн.

Безбедност

- Advertisement -

Безбедноста на зградата започнува уште со самиот пристап на вработените и надворешните лица до нејзината внатрешност. Прво, зградата ќе има само еден влез кој нема да има традиционална рецепција, туку ќе има дел за безбедносна проверка со посебен електронски уред кој ќе отчитува податоци со отпечаток од прст за оној кој ќе сака да влезе.

„Безбедноста е многу важна не само за нас. Преку единствениот влез со безбедносна проверка нема да може да се помине без идентификациона картичка. Новите закони за заштита на лични податоци налагаат ова да функционира со систем кој не може да биде пробиен од некој од надвор кој би ги украл податоците. Ние успеавме овде во Скопје да направиме таков уред, кој не е поврзан во мрежа и од кој не можат да се злоупотребат податоците. Се програмира со отпечаток од прст од администраторот и при тоа не чува цела слика од отпечатокот од прст туку само одредени точки од отпечатокот кои системот ги споредува и проверува дали на таа личност ѝ е дозволен пристап до зградата или не. Кога ќе треба да се влезе надвор од работно време, ќе имаме две нивоа на контрола на пристапот, односно и со електронска картичка и со отпечаток од прст.“, објаснува Дачевски.

Дополнително, за луѓето надвор од зградата, односно оние чии отпечатоци од прсти не се поставени во системот за истиот да им дозволи пристап, ќе функционира различен начин на идентификација и безбедносна контрола при влез.

„Ова го решивме со идеја да се користи QR код за влегување. Доколку некој сака да ве посети додека сте на работа или пак е закажан состанок, тогаш таа личност ќе добие порака со QR код со кој ќе може да стигне единствено до просторијата каде треба да се одржи средбата, но не и до канцелариите каде работат вработените и каде се развива софтверот“, вели Дачевски.

Распоред на просториите 

„Многу од компаниите уште функционираат со ocean систем на распоред, односно отворен простор исполнет со бироа во кој заедно работат сите луѓе. Но се покажува дека поради гужвата и бучавата која се создава, овој систем повеќе не е ефективен и мора да се промени начинот на кој канцелариите се распоредени за да можат вработените да работат пофокусирано и поефикасно. Ние со дизајнот на паметната зграда решивме дека ќе ги одвоиме канцелариите, а особено делот каде луѓето ќе можат да си седат и разговараат од делот кој е наменет како работен простор. 2/3 ќе биде работен простор, а останатиот дел за опуштање и дружење на вработените.“, раскажува Дачевски.

Паметна деловна зграда подразбира постоење на канцелариски простор во кој луѓето ќе се чувствуваат пријатно и опуштено со цел да останат продуктивни во целиот работен ден. Веќе секој работодавач треба да се стреми кон тоа да им ги направи колку што е можно попријатни условите за работа на своите вработени.

„Нашиот работен простор ќе биде поделен на неколку канцеларии во кои оптимално е да бидат сместени од осум до десет луѓе. Бенефитот кој го имавме од ocean системот е тоа што луѓето се гледаа меѓусебно и не се чувствуваа изолирани, а ние ова ќе го овозможиме со тоа што дел од ѕидовите на канцелариите ќе бидат проѕирни, а истовремено и звучно изолирани за да можат тимовите да дискутираат и разговараат без да се грижат дека би им пречеле на сите.“, додава тој.

Регулација на светлина 

„Ролетните во канцелариите ќе работат на принцип на паметен систем кој ќе учи на кои луѓе и во кои канцеларии колку светлина им е потребна. Ќе бидат поставени сензори за светлина и позиција, а самиот систем ќе почне да работи со некои предодредени позиции. Потоа ќе почне да „учи“ врз основа на тоа како вработените се однесуваат, односно како ќе ги подесуваат ролетните и ќе почне сам да ги регулира во моментот кога вработените веќе нема да ги подесуваат. Со ова, системот ќе научи во колку часот вработените доаѓаат на работа за да ги отвори ролетните, а во колку заминуваат за да може сам и да ги затвори. Овој систем исто така има безбедносна димензија, со тоа што ролетните направени од алуминиум, откако ќе се затвораат после завршувањето на работниот ден и кога зградата ќе се испразни, воошто нема да можат да се пробијат однадвор.“, вели Дачевски.

Регулација на топлина и енергетска ефикасност

На ист принцип како и регулирањето на светлината, ќе се одвива и регулирањето на затоплување и ладењето на зградата, со тоа што системот ќе научи колку да затоплува и колку да лади по канцеларија според потребите на вработените. Ова значи дека откако системот ќе го научи однесувањето на луѓето во однос на температурата и ќе научи кога вработените пристигнуваат на работа, ќе почне да ја приспособува температурата во таа просторија непосредно пред вработените да пристигнат наутро.

„Ќе имаме два независни системи за регулирање на температура со тоа што едниот ќе користи енергија од подземните води за греење, додека пак другиот систем ќе се состои од чилери кои иако ќе можат и да топлат, ќе бидат користени за ладење на зградата. Моменталните пресметки покажуваат дека зградата би трошела околу четири пати помалку енергија со овие системи отколку греење и ладење на струја“, објаснува Дачевски.

Во полза на енергетската ефикасност, осветлувањето во зградата ќе биде целосно овозможено со LED светилки и ќе функционира на принцип со сензори и систем кој сам ќе го подесува нивото на осветлување по канцеларија, со тоа што ќе има ниво за дорегулација на посебни бироа според потребите на вработените.

Кои други карактеристики ќе ги има оваа паметна зграда?

На западната фасада планирано е да се постави ѕидна градина на последниот и претпоследниот кат која ќе има автоматска регулација на влага, за што Дачевски тврди дека се работи за прв ваков случај во Скопје, а најверојатно и во Македонија. Но овој дел за сега го замислуваат како експеримент од кој ќе извлечат резултати за функционирање на една ѕидна градина.

Дополнително, зградата ќе има и полуавтоматски паркинг систем со тоа што ќе бидат имплементирани автомати кои ќе го подигаат автомобилот на меѓуниво, откако ќе биде паркиран. Ова е замислено со цел да се овозможи простор за паркирање на повеќе автомобили.

Исто така, работните маси во канцелариите ќе бидат прикачени за ѕидовите и ќе можат да се собираат со цел да се олесни чистењето и одржувањето на канцелариите.

„Сметаме дека пред сѐ ова е еден одличен експеримент за да видиме до каде можеме да ги имплементираме паметни технологии со цел да бидат во служба на ефикасното и безбедното работење. Како компанија која развива паметни технологии базирани на машинско учење, сметаме дека ова е насоката во која треба да се движиме како општество – во искористување на новите технологии со цел олеснување на секојдневието. Информациите кои ќе ги собереме од однесувањето на системите и зградата ќе бидат јавно достапни за може да се видат резултатите кои ги носи работењето на паметната зграда.“, заклучи Дачевски.

Сподели!
- Advertisement -