Ова е македонската соларна кујна на дизајнерот Никола Узуновски

- Advertisement -

И додека во многу држави низ светот, мноштво различни кујнски конструкции се проектирани храната да ја подготвуваат на сончева енергија, во Македонија и натаму со восхит се перцепира секој соларен новитет, ставајќи го во сенка фактот или можеби немоќта дека тоа што некаде е пракса, кај нас е експеримент

Користењето на обновливи извори на енергија е предизвик кој меѓународната заедница го мотивира на секаков начин, и во таа смисла ако во еден период кај нас најактивна беше темата за сончевите панели за производство на електрична енергија и/или топла вода за домаќинствата, сега се поактуелни се микро-проектите и користењето на сончева енергија во функција на соларна кујна.

Македонскиот уметник и дизајнер Никола Узуновски, кој 12 години живеел во Италија, студирал во неа и во Финска, четири години престојувал во Тајланд, и во моментов предава дизајн и уметност во повеќе европски држави, за МИА вели дека има еден чуден парадокс бидејќи за користењето на сончевата енергија кај нас знаеле и нашите баби и дедовци, но, за жал, и денеска несоодветно се користат можностите на природата.

- Advertisement -

Соларни кујни во светот има во недоброј…од едноставни, направени со алуминиумска фолија, до софистицирани, што сами го следат движењето на сонцето. Користењето на сончевата енергија го забележав како дете, пред 30 години, во едно македонско село, кога една бабичка во картонска кутија со неколку огледала печеше пиперки и јаболки. Сега врз истиот пример предлагаме новина со цел да биде што поупотребувана во нашето секојдневие. Соларна кујна е проект во кој со концентрирана сончева енергија се овозможува готвење храна. Науката и сончевата енергија во функција на домашната кујна се реалност и затоа со овој проект сакам да промовирам вредности што се изгубени во Македонија. Ако се знае дека новите глобални тенденции во светот се насочени кон самоодржливо општество, а тоа значи користење на обновливи извори на енергија, како што во овој случај е сончевата, тогаш нема пречки инженерството, физиката, уметноста и дизајнот заеднички и мултидисциплинарно да помогнат на секое семејство, вели Узуновски.

Македонски модел на соларна кујна

- Advertisement -

Соларни кујни има со различни димензии. Според истражувањата и анализата на авторот, најголемата соларна кујна во светот е конструирана во Индија, во местото Талети, и има 84 параболични огледала што загреваат вода за водена пареа која развива висока температура и која се распределува за подготовка на околу 20.000 порции храна.

Јас користам едноставна соларна кујна во чија конструкција се содржани параболично огледало, конкавно криво со посебна парабола што овозможува сончевата светлина да се концентрира во една точка, а која потоа топлината ја пренесува во линија на која се наоѓаат садови за подготовка на храна, односно тенџериња во кои во ист момент се подготвуваат неколку различни јадења. Соларната кујна е со димензии од 150 сантиметри во должина и 60 сантиметри во ширина, со поставено криво огледало и успева да обезбеди загревање и температура на плочата до 150 степени целзиусови.

- Advertisement -

 

Температурата се контролира, бидејќи на огледалото е поставена сајла/жица што може да се ослободува или затегнува, да го ротира огледалото, со што фокусот се менува, а со самото тоа се менува и температурата на загреаната плоча. За поефикасно готвење се користат т.н. дебели тенџериња или гусени тенџериња, што може сами да ја регулираат температурата. На оваа кујна храната не гори, не запечува, што значи може слободно да се готви, појаснува Узуновски, кој не пропушти да нагласи дека љубовта кон кујната е стекната од неговиот престој во Неапол, градот во кој како што вели културата на готвење е покрената на највисоко ниво и затоа се смета за водечки центар на италијанската кујна.

Меѓународни искуства и компарации

Ако е за утеха, тогаш може да се посочи дека скромна е искористеноста на соларната кујна како можност и во државите во соседството. Во Србија речиси и да нема соодветен пример, додека пак во Хрватска, според тамошните медиуми, за позитивен пример и изненадување е посочен проектот „Камион кујна“ (Nomads food truck) на Лука Руниќ, индустриски дизајнер од Пула, кој користејќи соларна енергија за својата соларна кујна во патувачки камион подготвува вкусна и квалитетна храна на секое место и локација што ќе ги избере.

Инаку, користењето обновливи извори на енергија во светот ќе се интезивира, а тоа се нагласува и во извештај на групата аналитичари и експерти на Bloomberg NEF (New Energy Finance), каде се посочува дека до 2030 година дури во 72 милиони домови во светот ќе се користи соларна енергија и кои најавуваат до 2040 година да се случи т.н. Третиот-Трет Свет (Three-Third World) во кој ќе доминира користењето на сончевата енергија и ветер, и во таа смисла се повеќе се подготвуваат стратегии како да се извезува акумулирана енергија добиена од сончева енергија, односно дистрибуција од многу сончевите региони, пример Јужна Европа или Африка, до малку сончевите региони, пример Северна Европа.

Изработката и ставањето во функција на соларни конструкции значи директен и голем придонес во заштитата на животната средина, бидејќи тие се прават од материјал што не е штетен и со високи стандарди за заштита на животната средина. Соларната енергија ја штеди секоја друга енергија и развива свест кај човекот за други можности, за рециклирање, а во догледно време и за употреба на нецелосно искористена храна.

Плановите на уметникот и дизајнер, Никола Узуновски се врзани со мобилност во науката и употреба на македонската соларна кујна во пракса или, како што вели, во создавање на нови домашни навики и нова култура на однесување.

Во соработка со стручни лица од различни научни сфери ќе продолжиме да ја тестираме оваа соларна кујна бидејќи станува збор за соларна кујна поставена на модуларна маса, чии елементи се надградуваат, одземаат или додаваат се додека стане најефикасна. Соларната кујна е лесно применлива на отворено и може да се постави во куќен двор, викендици и излетнички места. Ќе продолжам со работа со интердисциплинарни тимови, кои помагаат за најдоброто решение. Соларната кујна е иднина за секој дом во Македонија, каде без проблем ќе може да се подготви добра и вкусна храна, како што тој лично неодамна и на отворено, во дворот на Офицерскиот дом во Битола, на фестивалот АКТО, подготви манџичка со црвени македонски пиперки, туна, маслинки и магдонос.

Ако кон анализата треба да се даде заклучок, тогаш повеќе од сигурно е дека соларната кујна во целост ќе ги исфрли употребата на плинот и готвење „на плинско“ и неконтролираната сеча на дрва кои и понатаму се користат за традиционалните шпорети на македонската кујна.

Марјан Танушевски  МИА

Сподели!
- Advertisement -