Сабина Факиќ: Борбата со корупција во јавните набавки ќе зависи и од компаниите!

- Advertisement -

Компаниите и невладините организации активно учествува во изработката на новиот Закон за јавни набавки заедно со Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки. Стариот закон кој петнаесетина пати беше менуван често беше мета на критики за бројни недостатоци кои во мониторингот укажуваа на неповолна конкурентност, недостиг на отчетност и транспарентност, како и на можности за корупција и злоупотреби. За претходните состојби кои беа нотирани и кои не треба да се повторат, како и за новиот Закон за јавни набавки, што може тој да подобри во оваа област и како да се прилагодат компаниите, Сабина Факиќ од Центар за граѓански комуникации даде интервју за порталот Бизнис Регулатива

БизнисРегулатива: Вие преку Центарот за граѓански комуникации темелно ги следевте прописите и начинот на кој се реализираа тендерите и јавните набавки изминатите години. Што мислите за новиот Закон за јавни набавки кој на сила стапува на 1 април годинава?

Новиот Закон за јавни набавки кој е веќе усвоен од Собранието е значително подобар од досегашниот и нуди основа за надминување на дел од проблемите со кои се соочуваа компаниите.  Она што е најзначајно за компаниите е укинувањето на задолжителноста на најниската цена и електронската аукција, а од аспект на граѓаните значајно е дека се воведува управна контрола односно надзор врз тендерите што треба да овозможи превенирање и санкционирање на злоупотребите во јавните набавки. Сепак, дали новиот Закон воедно ќе доведе и до подобрување на состојбите во областа на јавните набавки допрва треба да видиме бидејќи тоа ќа зависи во најголем дел од начинот на кој институциите ќе го применуваат Законот. Нашата организација продолжува со мониторингот на јавни набавки  што ќе ни овозможи навреме да ги воочиме евентуалните слабости и нерегуларности во примената на новиот Закон и да ја информираме пошироката јавноста за тоа.

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Дали со новото законско решение ќе се обезбедат одредени принципи на избор на изведувачи на јавните набавки каде клучна улога ќе има економската исплатливост, наместо најниската цена, што беше и едно од главните барања на приватниот сектор?

 Во новиот Закон, согласно Директивите на ЕУ, критериум за избор на најповолната понуда е „економски најповолната понуда“ која некогаш може да биде и најниската цена или трошоците на животен век, но секако ќе мора да се води сметка и за квалитетот на самите производи, услуги или работи, потоа за квалитетот на кадарот на фирмите со кој е склучен договорот, за техничката поддршка која ја нудат и сл. Оттука, од април годинава предизвикот ќе биде покрај цената да се избераат соодветни и релевантни елементи за оценка на понудите односно да се избегне ризикот тие елементи да се злоупотребуваат за фаворизирање на одредени понудувачи. Токму компаниите се тие што ќе треба ова будно да го следат.

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Сметате ли дека кога ќе започне да се спроведува новиот закон ќе се спречи ширењето на корупцијата, има ли доволно механизми за отстранување на недостатоците и симптоматичните пракси од минатото во склучувањето на договори за јавни набавки, како и институционалните слабости и недоследности?

Јавните набавки се исклучително многу подложни на корупција, особено во земји како нашата каде институциите кои треба да ја превенираат и санкционираат се слаби.  Имајќи го ова предвид, како и нашите наоди кои упатуваа на сериозни ризици од корупција во сите фази од набавките, ние од Центарот за граѓански комуникации инсистиравме на воведувањето на управната контрола  во јавните набавки.  Согласно досегашното законско решение постапките за јавни набавки никој не ги следеше и контролираше, што за жал овозможуваше незаконското постапување да биде широко распространето. Оттука, новиот Закон овозможува значаен напредок и останува сега да видиме колку Бирото за јавни набавки во пракса ќе биде ефикасно во имплементација на одредбите кои им овозможуваат следење на тендерите и во зависност од констатираните наоди доставување на прекршочни пријави до надлежниот суд или известување на надлежното јавно обвинителество.  Во намалувањето на корупцијата во јавните набавки значајна е и улогата на компаниите и тие треба да придонесат кон намалување на злоупотребите укажувајќи им на надлежните институции за тендери кои не се спроведуваат согласно законот (Бирото за јавни набавки и Државната комисија за спречување на корупцијата). Она што сметам дека е битно за компаниите е во иднина да доставуваат повеќе жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки, особено во однос на тендерските документации кои најчесто преставуваат почеток на реализацијата на коруптивните намери. Во новиот Закон за јавни набавки жалбата во однос на тендерската документација може да се изјави веднаш по објавата на огласот за разлика од досегашното законско решение кое предвидуваше жалбите по овој основ да се доставуваат по отворањето на понудите, што беше крајно обесхрабрувачки за компаниите.

- Advertisement -

БизнисРегулатива: Има ли простор за дополнително подобрување на законот преку подзаконски акти кои би прецизирале одредени прашања кои го засегаат бизнис секторот, со што би се поставила поголема јасност на прописите и одржување на стандардите?

Самиот Закон предвидува донесување на низа подзаконски акти со кои треба да се доуредат многу прашања. Впрочем тоа е и една од причините поради кои Законот за јавни набавки е усвоен во јануари 2019 година, а ќе стапи на сила во април. Верувам дека Бирото за јавни набавки го користи овој период за изготвување на овие акти во насока на што е можно подобра примена на новиот Закон за јавни набавки.

БизнисРегулатива: Дали ќе се подобри транспарентноста, особено во склучување на големите договори како и кај институциите кои објавуваат најголем број на повици за тендери?

Тоа прашање во голем дел зависи од самите институции, бидејќи вистинската транспарентност и отчетност подразбира исполнување на поголем број на стандарди од оние кои се пропишани во самиот закон. Нашето последно истражување покажа дека просечното ниво на транспаретноста, отчетноста и интегритетот на министерствата, владините секретаријати и Собранието изнесува 53,6% (од максимално можните 100%). Притоа, најдобро рангирани се оние институции што трошат најмалку пари. Најслабо рангирани се министерствата за образование и за внатрешни работи кои се издвојуваат со високи износи кои се трошат за јавни набавки. Во однос на општините, истражувањата на невладините организации од Мрежата за транспаретност, отчетност и интегритет  покажаа дека исполнувањето на стандардите се движи од 16% до 71%.

БизнисРегулатива: Бирото за јавни набавки и натаму го нема објавено извештајот за спроведувањето на јавните набавки во 2018 година. Очекувате ли тоа набрзо да се надмине и дали со новиот Закон се зголемува обврската на Бирото за отчетност?

Судејќи според досегашната пракса Бирото за јавни набавки ги објавува годишните извештаи во втората половина од годината откако ќе бидат претходно усвоени од Владата. Со новиот Закон за јавни набавки се  прошируваат надлежностите на Бирото, а во однос пак на обврските за поголема транспарентност – тие не се децидно пропишани, но тие се подразбираат.

БизнисРегулатива: Продолжува и критикуваната пракса на директно склучување на договори без јавни огласи од страна на државните институции и податоците покажуваат дека вредноста на договорите „во четири очи“ не се намалува. Ќе има ли тука промени?

Примената на оваа нетранспарентна постапка за одредени законски основи (ексклузивните права и итните набавки) е условена со добивање на мислење од Бирото за јавни набавки. Се очекува дека на овој начин ќе се влијае на намалување на примената на оваа постапка. Секако нашата организација продолжува со мониторингот на јавни набавки и доколку институции и натаму продолжат со примената на оваа постапка во голем број случаи ќе ја алармираме јавноста и ќе бараме институциите да ги трошат јавните пари на транспарентен начин.

БизнисРегулатива: Една од главните забелешки на фирмите кои не аплицираат на јавните огласи е дека имаат перцепција за „наместени“ тендери. Зошто владееше ваков став на дел од бизнис заедницата и дали сега ќе се овозможи почитување на начелното на еднаквост за поттикнување на конкурентноста на сите економски субјекти?

 Наодите од нашиот мониторинг на јавните набавки кои го спроведуваме во континуитет веќе 11 години оди во прилог на оваа перцепција на бизнис заедницата. Причините за ова секако треба да се бараат на двете страни и кај институции кои го злаупотребуваа фактот дека постапките за јавните набавки ех анте никој не ги контролира и дека залоупотребите на јавни пари не се во фокусот ниту на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ниту на обвинителството, а од друга страна ја имаме генерално молчеливата бизис заедница на која и е полесно да се откаже од тендерите отколку да посочи на компаниите кои учествуваат во „местење на тенерите“.  Почитувањето на законските правила во иднина во најголем дел ќе зависи од тоа колку сите надлежни институции (Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, ДКСК, Финансиската полиција и Обвинителството)  со своето постапување ќе ја испратат пораката дека толеранцијата во местењето на тендерите е минато. Законот за јавни набавки не може да ги супституира системските слабости. Потребна е вистинска волја за борба против корупција во јавните набавки за да се креира конкуренција во која носители на набавките се компаниите чии понуди биле најдобри.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Сподели!
- Advertisement -