Само една третина од граѓаните во земјава редовно го селектираат амбалажниот отпад, покажува најновото истражување спроведено од друштвото за управување со амбалажен отпад „Пакомак“ во март годинава. Истражувањето, кое се реализира на секои две години, опфатило 1.200 испитаници од различни возрасни групи и од повеќе градови, меѓу кои Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Струмица, Штип и Куманово.
Податоците укажуваат дека свеста за значењето на селектирањето на отпадот постепено расте, но оваа навика сè уште не е доволно застапена. Сè повеќе граѓани активно го одложуваат отпадот во контејнери и во повратните вендинг машини, но потребни се дополнителни напори за селектирањето да стане секојдневна практика. Пластиката и понатаму е најчесто селектиран вид амбалажен отпад. Од испитаниците кои селектираат, 70,8 проценти изјавиле дека редовно селектираат пластични шишиња, а 46,6 проценти дека селектираат различни видови пластична амбалажа. Следува стаклото, кое го селектираат 45,7 проценти од испитаниците, додека хартијата ја селектираат 30,7 проценти.
Истражувањето покажува дека нема големи разлики во еколошките навики според полот и возраста. Над половина од жените испитанички одговориле дека селектираат отпад во одреден обем, додека кај мажите процентот е нешто понизок од 50 проценти. Сепак, истражувањето покажува дека степенот на образование значително влијае врзо еколошките навики кај луѓето, па така дури 26 проценти од испитаниците со магистратура или докторат изјавиле дека секогаш селектираат отпад, наспроти само 10 проценти кај оние со завршено само основно образование.
Значителни разлики се забележани и меѓу општините. Прилеп се издвојува како најеколошки свесна средина, каде што 49 проценти од испитаниците секогаш го селектираат отпадот, а само 8 проценти никогаш не го прават тоа. Наспроти тоа, ниско ниво на селектирање е регистрирано во Куманово, Штип и Струмица, каде што само 2 проценти од испитаниците редовно селектираат. Најзагрижувачка е состојбата во Тетово, каде што 59 проценти од анкетираните изјавиле дека никогаш не селектираат отпад.
Од „Пакомак“ посочуваат дека вложувањата во инфраструктурата, како поставување нови контејнери и зголемување на бројот на повратни вендинг машини, како и системот на „зелени поени“, придонесуваат за зголемување на интересот кај граѓаните и поттикнување на еколошките навики.
Фото – Pxfuel


























