Во Скопје почнаа да се прават првите урбани градини на кров од куќа и на тераса од стан

- Advertisement -

Скопје годинава ќе добие десет нови урбани градини, од кои една е на кров од куќа, една е вертикална на тераса од стан а останатите се во приватни дворови. За идејата за урбаните градини и нејзината реализација зборуваме со Цветанка Цветкоска, еколог од Ботаничката градина и едукатор во проектот

Разговараше- Сања Наумовска

Ботаничката градина на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, заедно со Институтот за комуникациски студии, во рамките на кампањата за подобра животна средина и за почист и подобар град, „Не игнорирај! Реагирај!“, организираа работилници за правење урбани градини низ главниот град. Загаденоста на воздухот е една од најважните теми кои постојано ги загрижуваат жителите на големите градови низ светот и кај нас. Урбаните градини се мал придонес за зголемување на зеленилото во нив, но уште поважно за доближување на идејата за органско производство на храна до секој од нас.

- Advertisement -

Г-ѓа Цветкоска, објаснете ни го концептот на урбана градина!

Урбаните градини се многу популарни во светот. Тие претставуваат дел од урбаното зеленило, но нивната улога не е само да го разубават амбиентот во градот, туку од нив човекот да има одредена корист. Во нив најчесто се засадени зеленчукови или зачински растенија кои се одгледуваат на органски начин и кои човекот може да ги користи во секојдневната исхрана, за своето семејство, да ги подели со соседите, заедницата или да ги донира. Кај нас во урбаните градини ќе бидат засадени домати, шери домати, краставици, тиквички, босилок, пиперка, спанаќ, оригано, рукола и друго. Во градините, заради обезбедување поприродни и почисти услови за раст на културите ќе користиме и контролни растенија, како невен и босилок кои се природен штит од инсекти.

- Advertisement -

Во изминатиот период беа спроведени повеќе работилници на кои беа обучени граѓаните кои сакаат да одгледуваат урбана градина. Каков беше интересот за овие работилници?

- Advertisement -

На наше големо изненадување интересот беше огромен заради што моравме да организираме две, наместо планираната една работилница. Имаше околу шеесетина учесници од кои беа избрани десет да направат урбани градини и кои во иднина ќе ги следеме како ќе го развиваат проектот. Целта ни беше да ги обучиме луѓето за органско производство на зеленчук и билки, во кое нема да користат никакви хемиски препарати или пестициди и да ја контаминираат почвата, а со тоа и растенијата и плодовите кои ќе ги консумираат.

Идејата ни беше да ги запознаеме учесниците со концептот на урбана градина. Тие не се само еден обработен агол во дворот,  туку може да бидат вертикални градини на тераси, на фасади или на кровови. Така, една од урбаните градини кои ќе бидат направени, ќе биде на кров од куќа во село Марино, една ќе биде вертикална градина на тераса во Ново Лисиче, а останатите се градини во дворови во куќи во повеќе населби низ градот.

Колку е успешен концептот на урбана градина во светот?

Позитивниот момент на урбаните градини, освен дополнителното зеленило за градот, ресурсите за семејството што ја одгледува, е и градинарската терапија со која преку секојдневната грижа за растенијата се подобрува психо-физичкото здравје. Идејата за урбани градини има цел луѓето да се дружат и заеднички да работат. На пример, во Германија, млади ентузијасти на место каде што некогаш имало депонија направиле градина. Земјата е државна, па плаќаат кирија на државата, но градината успеала да собере на едно место голем број луѓе од заедницата кои се посветиле на нејзиното одржување, а во тој процес се запознале и почнале да се дружат.

Исто така, во Нови Сад во Србија невладина организација закупила државна земја во близина на градот, го уредила како градина, а секој што сака да учествува во проектот и да одгледува растенија само плаќа членарина. Тие дури направиле и велосипедска патека од градот до таму, за уште повеќе да се истакне еколошкиот концепт на целата приказна. Целта на урбаните градини во светот, па и кај нас, е да ја истакнеме потребата да се посветиме на природата и на органското производство на храна, во свет кој сѐ повеќе станува загаден и во кој има тендови како ГМО или вештачки третирана храна.

Кога ќе бидат готови првите урбани градини во Скопје?

Во текот на мај ќе биде подготвен расадот во Ботаничката градина, кој ќе се засади во урбаните градини. Во тој период треба да ги посетиме избраните учесници и да ги обучиме за условите кои треба да ги обезбедат во градините, со оглед на тоа дека повеќето немаат искуство, па ќе им биде потребна помош. Ќе треба да знаат како механички да ја подготват земјата и да научат кои растенија се садат директно, а кои со расад. Нашата стручна помош ќе ја добиваат во текот на целиот процес. Ние ќе ги посетиме најмалку трипати до септември, а во меѓувреме ќе ги подготвиме за следните фази на одржување на градините. Така, откако ќе бидат засадени растенијата, градината ќе треба да се окопува, да се собираат плодови, а на крај ќе треба да се обучат како биолошки и механички да ја подготват почвата за следната сезона. Ќе добијат знаење како да ги искористат семињата од плодовите за садење идната сезона, но и како самите да си направат компост од органскиот отпад од градината.

Ќе продолжи ли овој проект и во иднина?

Со оглед на големиот интерес за работилниците, се јавија идеи да се прошири, по примерите од Германија и Србија, на јавни површини или во училишта. Одгледувањето градина на јавна површина е сосема друг концепт која бара поразлични услови на работа и поголеми трошоци за нејзино обезбедување и одржување.

 

Сподели!
- Advertisement -