12.9 C
Skopje
недела, октомври 20, 2019

Дана Гавиш: Израел е пример како од наука се прават пари!

Интервју со Дана Гавиш Фридман, директор на BGM Technologies, компанија во целосна сопственост на универзитетот. Таа е и потпретседателка на Одделот за претприемништво на Универзитетот „Бен Гурион“.

Ако дојдевте на ова место во градот Бершива во Израел пред само 5 години, ќе видевте само пустина, песок и неколку камили. Сега на универзитетот Бен Гурион во овој град има околу 3.000 вработени во три згради, од планираните вкупно 15! Универзитетот има 20.000 студенти и од него произлегуваат една третина од сите инженери во Израел. Универзитетот е познат и по големите успеси на полето на трансфер на технологии, односно носење на патентираните иновации на пазарот и барање на комерцијални партнери за истражување и развој.

Група составена од претставници од Стартап Македонија, Сивус акцелератор, УКИМ акцелератор, Македонска Берза, CEED hub, технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Mинистерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, како и претставници од неколку компании и на порталот Иновативност со поддршка од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД имаа можност да го посетат Бен Гурион Универзитетот за време на неодамнешната студиска посета на Израел

На тема трансфер на технологии во Бершива разговаравме со Дана Гавиш Фридман, директор на BGM Technologies, компанија во целосна сопственост на универзитетот. Таа е и потпретседателка на Одделот за претприемништво на Универзитетот „Бен Гурион“.

Од студиската посета на македонската делегација

„Сите израелски универзитети имаат компании и сите тие имаат право да ги заштитат, патентираат, комерцијализираат и да заработуваат од иновациите. Легислативата во Израел им дозволува на универзитетите да профитираат од научната работа. Кога има соодветна легислатива која функционира, има големи бенефити од комерцијализацијата на иновациите. Израел е пионер во трансферот на технологија од наука кон бизнис сектор.

Најголем дел од патентите на нашиот Универзитет се од областа на биотехнологијата и high-tech и се наоѓаме на листата топ 100 универзитети во светот по бројот на одобрени патенти.

Ние имаме три различни начини на трансфер на технологии. Првиот е традиционалниот. Истражувачот доаѓа до откритие, потоа доаѓа кај нас во BGM Technologies, пополнува формулар и  декларација за иновација, а ние одлучуваме дали иновацијата ќе се патентира или не. Досега речиси 98,85% од иновациите кои произлегле оттука се патентираат уште веднаш. Се разбира дека мора да го ограничиме бројот на патенти затоа што станува збор за скап процес. Во меѓувреме, паралелно со патентирањето, почнуваме процес на бизнис развој. Го истражуваме пазарот, го проверуваме производот и анализираме што можеме да правиме со него. Ако има пазарен потенцијал, почнуваме да работиме на комерцијализација на иновацијата.

Вториот начин на трансфер на технологии во суштина е спротивен на првиот. Наместо да одиме по компании и да им нудиме производи, ги прашуваме што сакаат тие, што им треба и што им претставува предизвик. Потоа им помагаме со истражувањето. Низ тој процес дознаваме за некои работи за кои не сме знаеле дека постојат. На пример, кога отидовме во Coca-Cola очекувавме да зборуваат за вкусови на пијалоци и емисија на штетни гасови при производството, но наместо тоа тие се интересираа за воведување нови технологии за нивните производни процеси, бараа нови идеи за некои предизвици за кои никогаш не би помислиле дека постојат. Кога ќе се спојат истражувачите и компаниите се случуваат интересни истражувања.

Третиот начин за трансфер на технологии е преку регионалниот развој. Станува збор за интересен екосистем каде што универзитетите се во центарот на збиднувањата, а компаниите се катализатори на растот Најдобар пример за тоа е овој high-tech парк, кој не би бил овде ако големите мултинационални компании не мислеа дека треба да бидат блиску до универзитетскиот кампус каде се одвива најголем дел од научно-истражувачката работа. Тие сакаат да бидат блиску до истражувачите и до талентите.

Евидентно е големото присуство на светски познати компании овде. Зошто тие се присутни во Бершива?

Имаме потпишано многу договори за истражување со многу мултинационални компании. Многу сме флексибилни во тој поглед, па затоа секој договор е прилагоден на компанијата. Она што е интересно е дека голем дел од тие договори стануваат долгорочни. Да го земеме за пример IBM. Тие почнаа да финансираат еден мал истражувачки проект со еден професор од нашиот универзитет. Потоа вклучија повеќе истражувачи, па кога и тоа не им беше доволно, минатата година тие се преселија во нашата трета зграда и зазедоа цел кат. Сега имаат огромен центар за истражување и развој користејќи го знаењето на нашите научници. Сега тие разговараат со мене, како шеф на Центарот за претприемништво на универзитетот, за отворање нов акцелератор. Така се развива и се надградува соработката со индустријата на сосема различни нивоа.

Сите имаат корист од центрите за истражување на нашиот Универзитет. Студентите таму стекнуваат нови искуства, а нашите истражувачи споделуваат знаење и добиваат средства за своите лаборатории.

Интересен е и примерот на Deutsche Telekom. Тие почнаа со истражувачки проект вреден 100.000 долари со еден од нашите истражувачи, кој потоа го претворија во поголем проект и сега имаат цел кат во нашиот Центар.  Тоа е единствениот центар за истражување и развој на Deutsche Telekom надвор од Германија, во кој вршат истражувања за сајбер безбедност.

Бен Гурион Универзитет, Бершива

Колку стартап компании произлегоа од Вашиот центар?

Во текот на годините имаме лансирано околу 120 компании, а од надворешни инвеститори имаме собрано повеќе од 500 милиони долари инвестиции.

Најдобро продадена стартап компанија од Израел е компанијата за биотехнологија Neuroderm на професорот Ерих Хелдман, која моментално врши трета фаза клинички испитувања на лек за Паркинсонова болест. Тој стартап беше продаден на Mitsubishi Tanabe Pharma. Во моментот кога беше продаден тоа беше најскапо продадениот стартап за биотехнологија, но оттогаш досега се продадоа уште два стартапи за биотехнологија кои ја надминаа таа сума.

Развојот на претприемништвото го поттикнуваме преку нашите акцелератори, инкубатори и иновациски хабови. Тие се алатка за развој на стартап сцената на на Универзитетот „Бен Гурион“, со фокус на сајбер технологија, чиста технологија, технологија за земјоделскиот сектор итн. До 2024 година очекуваме да имаме многу повеќе згради, како и комуникациски центар за војската, кој се гради во моментот за околу 4.000 таленти од армијата. За нив имаме различни академски програми преку кои ги вклучуваме во претприемничкиот центар.

Што се однесува на иновацискиот центар, градиме нов и ги реализираме планираните активности. Добивме инвестиции однадвор во вредност од 1,5 милиони евра, и универзитетот ќе инвестира исто толку. Исто така, универзитетот ќе издвои и околу 1 милион евра за студентско претприемништво.

Разговараше- Верица Јорданова

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •